Швајцарски апартхејд за азиланти

12.08.2013 13:19
Швајцарски апартхејд за азиланти

Еден град во Швајцарија е обвинет за спроведување апартхејд, откако локалниот градоначалник го изнесе планот според кој на азилантите треба да им се забрани пристап на некои од јавните места.

Според контроверзниот предлог, на новодојдените ќе им биде забранет пристап до спортските центри, базените и деловите околу училиштата, за да се „зачува мирот“ во градот со 6.500 жители, наведува градоначалникот на Бремгартен Рејмонд Телебах.

„Ние сакаме да ги воведеме овие рестрикции со цел да ги спречиме тензиите со жителите, а особено со учениците. Ова го правиме поради нивната безбедност. Сакаме да бидеме сигурни дека тие нема да бидат вознемирувани“, вели Телебах.

Идејата според која на околу 150 подносители за азил кои живеат во центарот може да им биде забранет пристап до одредени делови од градот ги предизвика критиките на политичарите и од двете страни на политичкиот спектар.

„Ова ме потсетува на апартхејдот. Ова води кон создавање две класи граѓани, оние кои можат да одат каде сакаат и оние на кои тоа не им е дозволено, само поради нивниот статус на престој“, вели Силвија Шнекер, пратеничка од партијата на социјалистите.

Азилантите ќе бидат сместени во специјални центри, поголемиот дел од нив во поранешни касарни, а првиот центар веќе беше отворен во градот Бремгартен, кој се наоѓа на околу 20 километри од Цирих.

Во Швајцарија моментално 48.000 луѓе бараат азил, што е многу повеќе во однос на европскиот просек. Аналитичарите велат дека оваа одлука е одраз на незадоволството поради порастот на бројот на азилантите.

Роман Штауб, градоначалникот на градот Менцинген, рече дека на азилантите треба да им се забрани пристап до „чувствителните подрачја“, како што се просторите околу училиштата.

„Тоа е многу деликатно прашање, бидејќи тука азилантите се среќаваат со деца на школска возраст“, изјави тој. Во Бремгартен, азилантите нема да смеат да се доближат ни до црквата.

Групите за човекови права изразија бес и огорченост, нарекувајќи ја ваквата мерка расистичка. Владата соопшти дека прописите не претставуваат формална забрана за движење, туку дека се работи за рестрикции.

Во јуни, гласачите во Швајцарија го поддржаа воведувањето на рестрикции за азилантите поради зголемувањето на бројот на бегалците во земјата. Во Швајцарија има по еден азилант на 322 жители, додека европскиот просек е еден азилант на 625 жители.

Кетрин Ештон, високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ упати критика за новите швајцарски имиграциони прописи велејќи дека со „овие мерки се отфрлуваат големите предности кои се овозможени со слободното движење на луѓето и на граѓаните на Швајцарија и ЕУ“.

Минатата година, Швајцарија се одлучи да одреди квота од 2.000 имигранти годишно за државјаните на Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Словенија, Литванија, Латвија и Естонија.

Процедурата за добивање државјанство во Швајцарија е една од најстрогите во Европа. Поднесителите на барањата мораат да живеат во Швајцарија најмалку 12 години и да докажат дека се интегрирани во локалната заедница.

Инаку, минатата недела, Швајцарија се најде во центарот на вниманието и критиките на светската јавност поради расистичкиот скандал во кој беше вклучена една од најбогатите и најмоќните жени на светот, американската водителка Опра Винфри, која тврди дека била мета на расизам во Цирих.

Американската медиумска икона тврди дека продавачката во една лукзузна продавница одбила да ѝ покаже рачна чанта која чинела повеќе од 26.000 евра.

На една од најбогатите жени во светот ѝ било кажано дека изложените чанти се „прескапи“ за неа.

Извор: e-Novine