Александар, симболот на македонскиот расизам

17.08.2013 15:12
Александар, симболот на македонскиот расизам

Во „Животот на Галилеј“ на Бертолд Брехт, Галилеевиот ученик вели: „Тешко на земјата без херои“, а учителот го исправа: „Тешко на земјата на која ѝ требаат херои“. Оваа поврзаност помеѓу неволјата и хероите ја отсликува вистинската природа на македонската национална мизерија, зашто нè дефинира како земја која ја креира сопствената несреќа измислувајќи погрешни херои. Споменикот на Александар - деновиве нашиот најголем херој - стана мерило на културната и интелектуалната инсуфициенција на македонската држава, но и симптом на идентитетската агонија на Македонците под режимот на Груевски. Споменикот кој треба да им го крева самочувството на понижените граѓани низ идентификација со античкиот натчовек стана најекспонираниот извор на понижување и потсмев, зашто во целиот свет тој го брендира Скопје како „метропола на кичот“, а нацијата како попречена во менталниот развој. Инфантилноста и бездарништвото кои го обликуваа овој симбол на насилството над разумот, ја дефинираат државата што го подигнала споменикот како трагикомична земја која автентичната трагедија на своето национално идентитетско самоубиство ја претвори во евтина кичерска фарса. Колку и да е тешко и тегобно, суровава вистина за нас самите мораме да си ја повторуваме доволно често, за да не се навикнеме на неподносливата леснотија на сопственото непостоење, во сенката на овој споменик на глупоста.

Но, вистинска цел на непомирот со тој споменик на културното самопоништување треба всушност да биде отпорот кон идеологијата која ги изнедри и безимениот Александар и грдата колона бронзени коњи и луѓе зад него. Тоа е идеологијата на крвта и земјата, темелена на расистичката „теорија“ за ариевската етногенеза на македонскиот народ, која веќе со години се етаблира во јавноста и во образовниот систем како историско-идеолошка подлога за владеење на овдешниот фашизам. Вистински злочин е што „теоријата“ за нашата античко-македонска етногенеза власта на ДПМНЕ почнува да ја пропагира уште во градинките и основните школи. Притоа најжално е што македонската „културна револуција“ не се повикува ниту на еден научен или рационален податок, макар како обид да ја направи веродостојна античко-македонската етногенеза. Токму спротивно, глупостите кои официјалната доктрина ги проповеда за големиот антички Македонец, се присобрани од кој знае која рака од странски филмови, стрипови, сликовници и романсирани биографии, а се соопштуваат со инстуционален авторитет кој како „однатре“ да ја познава крвната слика и генетскиот код на неприкосновениот антички „Моцарт на насилието“.

Користејќи ја сè поголемата необразованост и затапеност на населението (уморно од егзистенцијални грижи), партиско-државната пропаганда на ДПМНЕ својата идеологија на крвта и земјата ја темели врз априорното „знаење“ на едно купче јасновитци и маалски пророци - знаење кое, се разбира, не е можно никој да го поседува - кои за ариевското расно потекло на старите Македонци зборуваат како да го виделе со свои очи. Со лудачка сигурност која како да произлегува од нивното лично присуство на дамнешните настани, овие шарлатани бладаат дека античките Македонци биле вистинските зачетници на „супериорната“ бела раса, а ние – денешните Македонци – сме нивните директни и непосредни наследници (за разлика од Грците кои потекнувале од „инфериорните“ африкански црни раси!). Откога сфатија дека станаа јадро на државно-партиската историографија, овој буљук лудаци реши да го посрамоти македонското име за сите идни времиња и пушти во промет верзии за Македонија „од Атлантикот до Пацификот“, за Македонија како „лулка на светската цивилизација“, за македонското потекло на биолошкиот вид homo sapiens, како и на секој голем човек и настан во историјата на светот.


Режимот на Груевски го презема овој контаминиран ментален отпад како митолошка есенција на својата политичка агенда за повторно раѓање на македонскиот народ. За да обезбеди ова радиоактивно расистичко ѓубре да стане фундамент на новата национална идентификација, власта првин со пропагандна лоботомија од мозоците на граѓаните требаше да им ги исфрли четирите наследени идентификациски супстанци: живата меморија за создавањето на македонската држава и на нејзините вредносни системи, словенското самочувство, модернизмот и антифашизмот. Меморијата за антифашистичката суштина на единствените македонски херои – основачите на нашата современа држава и за создадените културни вредности во втората половина од 20-иот век, режимот ги уништи (низ приоритетна политичка програма) со сите насилни средства на една тоталитарна држава – со пропаганда, озлогласување, рушење споменици на херои, застрашување и лустрација. Последниот столб во идентификацискиот самоувид на Македонците – словенството, режимот реши да го уништува полека, со десловенизација на културната политика и образованието, ментално оштетувајќи генерации македонски деца со расистички отров и малоумие.

Како подготовка за замена на нашиот словенски идентитет, идеолозите на македонскиот расизам таква иста насилна замена на идентитетот мораа да извршат ретроактивно и врз античките Македонци. Па, иако е општопознато дека и Александар III Македонски и сите негови предци од династијата на Аргеадите себеси се сметале за Хелени, ДПМНЕ го изѕида новиот антички македонски национален идентитет токму врз кралската лоза која експлицитно се откажала од својот посебен македонски племенски идентитет за сметка на хеленскиот. Аргејците – од Пердика до Александар III - не само што се сметале за Хелени, туку на крајот излезе дека биле најголемите Хелени меѓу сите Хелени, зашто токму Александар ја расеал хеленистичката култура низ светот и времето, а на старогрчкиот јазик му овозможил да стане првата „лингва франка“ на стариот свет. Нашите „пророци на минатото“ кои си ги помодреа градите инсистирајќи на нашето право на слободен избор (на кое било) етничко самочувство, тоа право не им го признаваат (ретроактивно!) на своите митолошки идоли, па новиот античко-македонски расизам упорно го темелат на посебниот севременски македонски расен и етнички идентитет на Александар III Македонски и неговата аргејска кралска лоза. Тие (пророците на минатото) не го признаваат Александровото конвертитство од македонско во грчко племенско самочувство (за коешто тој, кутриот, очигледно не бил ни свесен), туку го објаснуваат со помош на аргументите на сопствената параноја. Демек, хеленизацијата на античките Македонци е резултат на наводниот глобален заговор, управуван од Коминтерна, Ватикан, ЦИА , и, се разбира, од Најголемата интергалаксиска масонска ложа, заговор кој ја фалсификувал целата историја само за него (Александар) да го направи Хелен, а нас да нè остави без благородничко потекло...

Бесполезно е со научни факти и рационални аргументи да се дискутира против фанатична увереност во идеи кои се производ на умоболна имагинација. Попрво треба да се запрашаме колку треба на човека да му се нарушени фундаментите на личноста, за да го уништува наследеното идентитетско самочувство, изградено од музиката на јазикот, здивот и дамарот на двете живи генерации пред него и од системот на вредности кои ги примил со мајчиното млеко. Мотивите на нашите денешни преродбеници да го разнебитуваат модерниот словенски македонски идентитет и да посегаат по благородното потекло на Аргејците од пред 2300 години, се сосем сигурно во доменот на клиничката психопатологија. Нема друго. Најверојатно е дека тие се буткаат под Александровите скутови за да си обезбедат лек за некое тегобно чувство на безначителност и јадосаност, кое мора да ги мачи од раѓање. Токму оваа психопатологија на инфериорноста би требало да е онаа најдлабоко скриената мотивација за срамење од сопственото потекло и за питачење по некое поблагородно, по можност кралско стебло. Патолошкиот комплекс на инфериорност – кој е, инаку, состојба на духот од која произлегле сите фашизми во историјата – би заслужувал сожалување и сочувство, да не беше претворен во злочин од страна на режимот на ДПМНЕ, зашто личното психопатско проклетство тие со злоупотреба на власта го транспонираа во колективно културно и идентитетско самоубиство на македонскиот народ. Конечно, колку и да се измислени, лажни и умоболни расистичките „теории“ за нашето натчовечко расно потекло, нивните последици за нашата сегашност се стварни и објективни. Така државно-партиското самоубивање на македонскиот модерен идентитет, стана трагична последица на една инфериорна состојба на духот, која е лечена со лаги за херојското потекло и со омраза кон сите вредности на единственото реално национално минато.

П.С. Еден страничен, колатерален пример за стварните последици од нереалните бладања за нашето потекло, е регресијата на македонските позиции во спорот за името. Зошто? Затоа што додека бевме Словени, никој во вселената не можеше со рационален аргумент да ни го оспори правото да се викаме со нашето македонско име, а грчките опструкции во светот ги сметаа за ирационални. Сега, кога режимот нè „прероди“ во антички Македонци, сè е обратно: опасните илузии за нашето античко-македонско потекло ги направија меѓународно разбирливи грчките грижи, ја „опредметија“ и ја рационализираа грчката позиција, па сега нас во светот нè сметаат за ирационални и „проблематични“, зашто гледаат дека во Македонија владеат кретени кои мислат дека полагаат право на наследството на крвната, културната и, се разбира, земјишната оставнина на Александар III Македонски.

Слики: Свирачиња