Дали училиштето ја убива креативноста?

23.08.2013 13:15
Дали училиштето ја убива креативноста?

Предавање на сер Кен Робинсон на ТЕД конференцијата за образование

Добро утро. Како сте? Ова е сјајно, зарем не? Мене сево ова ме распамети. Всушност, доста ми е, си одам. Три теми се провлекуваат низ оваа конференција, кои се поврзани со она за кое сакам да зборувам. Една од нив е неверојатната човечка креативност присутна во сите презентации кои ги слушнавме и во сите лица овде. Разноликоста и креативноста и нејзиниот опсег. Второ, таа нè доведе до тоа да немаме поим што ќе се случи во иднина. Немаме поим како сето ова ќе се одвива.

Мене ме интересира образованието. Всушност, сметам дека образованието го интересира секого. Не мислите така? Мене тоа ми е многу интересно. Ако сте на забава, и кажете дека работите во просвета... Всушност, ако работите во просвета, не одите често на забави. Не сте поканети. И за чудо никогаш не ве викаат повторно. Но, ако одите на забава, и некој ве праша: „Со што се занимавате“ и одговорите дека работите во просвета, гледате како лицето им пребледува. Сигурно мислат: „О, боже, зошто баш јас? Мојот единствен слободен ден во неделата.“ Но, ако ги прашате за нивното образование, ќе ве закачат за ѕид. Бидејќи, тоа е една од работите кои се длабоко во луѓето. Дали сум во право? Како религијата, парите и другите работи. Мене образованието многу ме интересира, и мислам дека го интересира секого од нас. Сите ние имаме огромен личен интерес за образованието, делумно затоа што токму образованието треба да нè одведе во таа иднина која не можеме да ја наѕреме. Размислете - децата кои оваа година тргнуваат на училиште ќе се пензионираат во 2065. Никој нема претстава, и покрај сите стручни мислења изнесени во текот на минатите четири дена, како светот ќе изгледа за пет години. И покрај тоа, ние би требало да ги образуваме за тој свет. Затоа, мислам дека непредвидливоста е неверојатно голема.

И трето е фактот, околу кој сите се согласуваме, дека децата поседуваат неверојатни иновативни способности. Серена вчера беше вистинско чудо, зарем не? Кога само ќе видиме што сè умее. Таа е посебна, но мислам дека не е посебна, во целиот детски свет. Таа е личност со исклучтелна посветеност која го открила својот талент. Сметам дека сите деца имаат неверојатни таленти. А ние ги отфрламе и тоа немилосрдно. Би сакал да зборувам за образованието и би сакал да зборувам за креативноста. Сметам дека креативноста во образованието е подеднакво важна како и писменоста, и би требало да ѝ дадеме ист статус. Благодарам. Е па, тоа би било сè. Ви благодарам многу. Така значи, уште 15 минути. Па, јас сум роден...

Неодамна слушнав фантастична приказна и обожавам да ја раскажувам, за едно девојче на час по ликовно. Таа има шест години и седела во последната клупа и цртала. Учителката рекла дека таа речиси никогаш не обрнувала внимание на часовите, освен на часот по ликовно. Учителката била фасцинирана од неа, ѝ пришла и ја прашала: „Што црташ?“ Девојчето одговорило: „Цртам слика на Бог.“ Тогаш учителката рекла: „Но, никој не знае како изгледа Бог.“ Девојчето одговорило: „Сега ќе дознаат.“ (Смеа)

Кога син ми имаше четири години во Англија... Всушност, искрено, секаде имаше четири години. Каде и да одеше таа година, имаше четири години. Глумеше во претстава за раѓањето на Исус. Се сеќавате на таа приказна? Многу е позната. Мел Гибсон сними втор дел. Можеби сте го гледале. „Раѓањето Исусово 2“. Џејмс ја доби улогата на Јосиф. Сите бевме многу возбудени. Сметавме дека оваа улога е една од главните. Нашата куќа ја преплавија агенти во маици со натпис „Џејмс Робинсон Е Јосиф!“ Не мораше ништо да зборува, но го знаете оној дел кога доаѓаат тројца мудреци? Со себе носат подароци. Носат злато, темјан и смирна. Ова навистина се случи. Седевме таму и мислам дека го помешаа редот на излегување на сцена, бидејќи го прашавме момчето: „Дали тебе тоа ти е ОК?“ А тој одговори: „Аха. Што? Погрешив ли?“ Едноставно се заменија, тоа беше тоа. Како и да е, три момчиња дојдоа кај тројца 4-годишници со пешкири на главите, ги спуштија кутиите на земја, и првото момче рече: „Јас ти носам злато.“ Второто рече: „Јас ти носам смирна.“ А третиот рече: „Френк ти го испраќа ова.“



На овие работи заедничко им е тоа што децата ќе се обидат. Ако не знаат нешто, ќе пробаат. Нели сум во право? Децата не се плашат да згрешат. Не сакам да кажам дека да се погреши е исто што и да се биде креативен. Но знам дека ако не си спремен да погрешиш, никогаш нема да смислиш ништо оригинано. Ако не си спремен да згрешиш. Кога растат, повеќето деца ја губат таа способност. Потоа се плашат да не погрешат во нешто. А ние вака управуваме со компаниите. Ги осудуваме грешките. И во нашиот државен образовен систем да се погреши е најлошото нешто што можеш да го направиш. И како резултат на тоа, ние ги образуваме луѓето да ги изгубат своите креативни способности. Пикасо еднаш рекол дека сите деца се родени уметници. Проблемот е да се остане уметник преку растењето. Јас силно верувам во следното: ако не ја развиваме креативноста, ќе ја изгубиме. Или, ќе се образуваме да бидеме некреативни. Зошто е тоа така?

До пред пет години живеев во Стратфорд на Авон. Од Стратфорд се преселивме во Лос Анџелес. Можете да замислите колку мазна транзиција беше тоа. Всушност, ние живеевме во местото наречено Снитерфилд, недалеку од Стратфорд, каде што е роден таткото на Шекспир. Дали ви поминува низ глава неверојатната мисла? Мене да. Не можете да замислите дека Шекспир имал татко, зарем не? Можете ли? Затоа што не можете да го замислите Шекспир како дете, Шекспир како 7-годишник. Никогаш тоа не ми паднало на памет. Но некогаш морал да има 7 години. И некој му бил учител по англиски. Колку тоа би било иритирачки. „Мора да се потруди малку повеќе.“ Таткото го испраќа во кревет... „Шекспир, на спиење. Веднаш!“ „И остави го тој молив. И престани да зборуваш така. Сите нè збунуваш.“ (Смеа)



Туку, од Стратфорд се преселивме во Лос Анџелес. Би сакал да кажам некој збор за преселбата. Мојот син не сакаше да оди. Имам две деца. Син ми сега има 21 година, а ќерка ми 16. Не сакаше да се пресели во Лос Анџелес. Градот му се допаѓаше, но имаше девојка во Англија. Тоа беше љубовта на неговиот живот, Сара. Се знаеја еден месец. Ве молам, ја прославија четвртата недела заедно. Бидејќи, тоа е многу време кога имаш 16 години. Беше многу вознемирен во авионот, и рече: „Никогаш повеќе нема да најдам девојка како Сара.“ Искрено, ние бевме прилично задоволни од таа помисла. Таа беше главната причина за да си одиме од земјата. (Смеа)

Има една работа која ве запрепастува кога ќе се преселите во Америка и кога патувате по светот. Секој образовен систем на Земјата има иста хиерархија на училишните предмети. Секој. Каде и да одите. Би помислиле дека е поинаку, ама не е. На врвот се математиката и јазиците, потоа општествените науки и на дното се уметностите. Секаде на Земјата. И во секој систем, исто така постои хиерархија на уметноста. Ликовно и музичко обично имаат повисок статус во училиштата отколку глумата и танцот. На оваа планета не постои образовен систем во кој децата секојдневно учат да играат како што учат математика. Зошто? Зошто не? Мислам дека тоа е многу важно. Мислам дека математиката е многу важна, но важен е и танцот. Децата играат цело време ако им дозволите. Сите ние играме. Сите имаме тела, зарем не? Да не пропуштив некој состанок? Што всушност се случува? Како што децата растат, ние ги образуваме од половината нагоре. А потоа се фокусираме на нивните глави. И тоа навалувајќи кон едната страна.

Ако го посетите образовниот систем како вонземјанин и прашате: „За што служи образованието?“ би морале да заклучите дека, ако погледнете кој всушност добива нешто со тоа, кој го сработува сето она што треба да се одработи, кој ги добива сите позитивни поени, кои се победниците... Би морале да заклучите дека целта на образованието ширум светот е создавање факултетски професори. Не е ли така? На крајот на на краиштата, тие се тие кои се на врвот. Јас бев еден од нив, па ете ти сега. Мене професорите ми се драги, но не треба да ги сметаме за врв на човековите достигнувања. Тие се само еден облик на живот. Само уште еден облик на живот. Но се прилично интересни. И тоа го велам од милина кон нив. Од моето искуство, има нешто интересно во врска со нив. Нормално, не сите, но најчесто, тие живеат во своите глави. Тие живеат само таму горе и тоа благо на едната страна. Буквално речено, тие се одвоени од своите тела. Тие сметаат дека телата им се превозно средство за нивните глави, зарем не? Тие така ги превезуваат своите глави на состаноците. Ако сакате вистински доказ за бестелесно искуство, одете на конференција на академски професори и потоа последната вечер одете во дискотека. И таму ќе видите, возрасни мажи и жени како неконтролирано се тресат без нималку ритам. Чекајќи го крајот за да одат дома и да напишат научен труд за тоа.

Нашиот образовен систем почива на идејата за академската способност. Постои причина за тоа. Ширум светот, не постоеше државен систем за образование пред 19-от век. Сите тие се создадени за да ги задоволат потребите на индустријализмот. А хиерархијата е заснована на две идеи. Прво, предметите кои се најкорисни за работата се на врвот. Така што можеби добронамерно ве одвратиле од работите кои сте ги сакале на училиште како дете, затоа што никогаш нема да се занимавате со тоа. Не е ли така? Батали ја музиката, нема да бидеш музичар, батали ја уметноста, нема да бидеш уметник. Добронамерен совет - но сега сосема погрешен. Целиот свет е зафатен од револуција. Втората идеја е академската способност, која завладеа со нашето сфаќање на интелигенцијата, бидејќи универзитетите креираа систем според себе. Ако подразмислите, целиот систем на јавното образование ширум светот е развлечен процес на приемот на факултет. И како последица на тоа, многу извонредно талентирани, брилијантни, креативни луѓе мислат дека не се тоа, бидејќи она во што биле добри на училиште не било ценето или дури е жигосано. Ние не можеме да дозволиме да продолжиме вака.



Како што наведува УНЕСКО, во следните 30 години, повеќе луѓе од кога било од почетокот на историјата на образованието ширум светот ќе дипломираат на факултетите. А тоа е комбинација на сето она за што зборувавме- технологијата и нејзиното влијание врз трансформацијата на работите, демографијата и огромниот пораст на популацијата. Одеднаш, дипломите повеќе не вредат ништо. Не е ли така? Кога јас бев студент, ако имаш диплома, имаш работа. Ако немаш работа, тоа е затоа што не сакаш да ја имаш. И искрено речено, јас не ја сакав. Но сега, децата со дипломи често одат дома да играат видео игри, затоа што ти треба мастер за работа за која порано била потребна диплома, а за оваа другата сега ти треба докторат. Тоа е процес на академска инфлација. И покажува дека целата структура на образованието ни се тресе под нозете. Мораме радикално да го промениме нашето сфаќање за интелигенцијата.

За интелигенцијата знаеме три работи. Прво, ја има во три вида. Ние размислуваме за светот на сите оние начини на кои го доживуваме. Размислуваме визуелно, размислуваме слушајќи и размислуваме кинестетички. Размислуваме на апстрактен начин. Размислуваме движејќи се. Второ, интелигенцијата е динамична. Ако ја погледнете интеракцијата на човечкиот мозок, како што слушнавме во многу презентации... Интелигенцијата е неверојатно интерактивна. Мозокот не е поделен на делчиња. Всушност, креативноста, која ја дефинирам како процес на создавање оригинални идеи кои имаат вредност, често настанува преку интеракција на на различни начини за согледување на работите.

Мозокот намерно... Патем, постои сноп нерви кој ги поврзува мозочните хемисфери и се вика корпус калосум. Подебел е кај жените. Да се надоврзам на говорот на Хелена од вчера, тоа е причината поради која жените се подобри во истовремено извршување повеќе работи. Вие навистина сте подобри во тоа, зарем не? Постојат многу истражувања, но јас го знам тоа од лично искуство. Кога жена ми прави ручек, што фала богу не се случува често… не, некои работи навистина ѝ одат од рака. Но, ако прави ручек, таа исто така разговара на телефон, разговара со децата, го кречи таванот, изведува операција на отворено срце... Кога јас правам ручек, вратата е затворена, децата се надвор, телефонот е исклучен, ако таа влезе јас се нервирам. Велам: „Тери те молам, се обидувам да испржам јајце. Остави ме.“ Го знаете она старо филозофско прашање: ако дрвото падне во шумата и никој не го чуе тоа, дали тоа навистина се случило? Се сеќавате ли на тој стар костен? Неодамна видов супер маичка со натпис: „Ако човек во шума каже на глас што мисли, и ниедна жена не го слушне, дали и понатаму не е во право?“



И трета работа во врска со интелигенцијата е нејзината посебност. Моментално работам на нова книга која се вика „Откровение“ и е заснована на серија разговори со луѓе за тоа како ги откриле своите таленти. Фасциниран сум од тоа. Книгата е инспирирана од разговорот со една прекрасна жена за која веројатно повеќето никогаш не слушнале. Се вика Џилијан Лин. Дали сте слушнале за неа? Некои од вас да. Таа е кореограф и сите ја знаат нејзината работа. Работеше во „Мачки“ и „Фантом во операта“. Прекрасна е. Јас бев во одборот на Кралскиот балет во Англија, како што можете да видите. Џилијан и јас еднаш ручавме заедно и ја прашав: „Како стана танчарка?“ Ми рече дека тоа било многу интересно. Кога уште била на училиште, била безнадежен случај. Во 30-те, училиштето испратило писмо до нејзините родители и велело: „Ние мислиме дека Џилијан има проблем со учењето.“ Не можела да се концентрира постојано се врткала. Мислам дека денес би ѝ рекле дека има хиперкинетичко пореметување. Но тоа биле 30-те и хиперкинетичкото пореметување уште не било измислено. Тоа не била можна дијагноза. Луѓето не знаеле дека можат да го имаат тоа.

Ја однеле да поразговара со специјалист. Отишла таму со мајка ѝ, ја примиле и ѝ рекле да седне на столче. Седела на своите раце околу 20 минути додека тој човек разговарал со мајка ѝ за проблемите кои Џилијан ги имала на училиште. Како им пречела на останатите ученици, како домашната секогаш ѝ доцнела, итн. Дете од осум години... На крајот, докторот седнал покрај Џилијан и рекол: „Џилијан, сослушав сè што ми кажа мајка ти и би сакал да поразговарам на само со неа.“ „Почекај овде, ние брзо ќе се вратиме.“ Потоа отишле. Но, додека излегувале од собата, тој го вклучил радиото на неговата маса. И кога излегле од собата, ѝ рекол на нејзината мајка: „Само гледајте ја.“ И штом ја напуштиле собата, таа веднаш била на нозе, движејќи се на музиката. Ја гледале неколку минути и потоа докторот се свртел кон мајката и рекол: „Госпоѓо Лин, Џилијан не е болна, таа е танчарка. Однесете ја во школа за танц.“

„И што се случило?“, ја прашав. „Ме однесе. Не можам да ти опишам колку беше прекрасно. Влегов во просторија која беше полна со луѓе како што сум јас. Луѓе кои не можеа да мируваат. Луѓе кои мораа да се движат за да мислат.“ Играле балет, степ, џез, модерен, современ танц. На крајот отишла на аудиција за Кралската балетска школа, станала солист, имала прекрасна кариера во балетската школа. Добила диплома од Кралската балетска школа и основала свој танцов ансамбл „Џилијан Лин“, го запознала лордот Ендру Лојд Вебер. Заслужна е за некои од најуспешните сценски музички остварувања во историјата, им овозможила задоволство на милиони луѓе, и станала мултимилионер. Некој друг би ѝ препишал лекови и би ѝ рекол да се смири.



Мислам дека... Мислам дека... Ал Гор пред некоја вечер зборуваше за екологијата и револуцијата која ја покрена Рејчел Карсон. Верувам дека единствената надеж за иднината ни е да усвоиме нов начин на поимање на човековата екологија, според кој ќе го реконструираме поимањето на богатството на човековата способност. Нашиот образовен систем го обликуваше нашиот ум така што ја соголуваме Земјата заради некој производ. И во иднина, тоа нема да може така. Ние мораме да размислиме за основните принципи според кои ги образуваме нашите деца. Постои прекрасен цитат од Џонс Салк: „Ако сите инсекти исчезнат од Земјата, за 50 години, целиот живот на Земјата би изумрел. Ако сите луѓе исчезнат од Земјата, за 50 години сите облици на живот би расцветале.“ И во право е.

ТЕД го слави дарот на човечкото вдахновение. Ние мораме да внимаваме да го искористиме мудро, и да спречиме некои од работите за кои зборувавме овде. И единствен начин да го оствариме тоа е да го согледаме своето богатство на нашите креативни капацитети и да ги согледаме нашите деца преку надежта која ја носат во себе. И наша задача е да го образуваме целото нивно битие, за да можат да се соочат со иднината. Ние можеби нема да ја видиме иднината, но тие ќе ја видат. И наша работа е да им помогнеме да создадат нешто од неа. Ви благодарам.

Извор: TED

Фотографии: Woohome