Дали економијата е наука?

15.10.2013 12:41
Дали економијата е наука?

Вашето гледиште го менува... бидејќи нашиот ум... нашиот ум е пречка. Со тоа што нешто гледате, вие и го менувате. Тоа е „принципот на несигурноста“.

Човекот кој не беше таму

Ставовите на Розенберг и Кертан очигледно се неодржливи (‘What Is Economics Good For?’ The Stone, NY Times, 24. August). Нивните тврдења се неосновани и противречни. Тие велат дека економијата изгледа како наука, се однесува како наука, говори како наука, но дека таа не е тоа, бидејќи нејзиниот предмет не е научен. А истото важи, a fortiori, практично за сите општествени науки. Тоа е запрепастувачко тврдење само по себе. Под претпоставка дека дури и има смисла, како можеме да знаеме дека е така? Економијата има мала моќ за предвидување, така што тие веројатно мислат дека не постојат стабилни законитости во стопанствата, општествата, политиката - дека не постојат закони на општествено однесување. Да постоеше тоа, би можеле да предвидиме што, на пример, би можело да се постигне со некоја мерка - но тоа е невозможно. Во физиката знаеме како да испратиме сателит во орбитата на Марс, додека во економијата не знаеме како да ја водиме монетарната политика.

Зошто нема стабилни правилности во однесувањето на луѓето? Розенберг и Кертан тоа го објаснуваат вака: „Доменот на економијата опфаќа спектар на општествени конструкции... тие се состојат од незабележливи но вештачки конвенции кои луѓето постојано ги менуваат или дури ги укинуваат на начин на кој социологот не може точно да предвиди. Можеме да ја употребиме гравитацијата, но не можеме да ја промениме или укинеме. Тоа не може да се каже за општествено конструираните причини и последици од нашите одлуки со кои се занимава економијата.“ Како што ми се чини, тоа е целиот нивен аргумент и очигледно е погрешен, иако нејасно изложен.

Прво, тие тврдат дека општествените науки не можат да предвидат како институциите ќе се променат баш затоа што и тие се подложни на промена. Тоа е очигледно дискутабилно. Можеби аргумент може да се пронајде во тврдењето дека тие, значи институциите, се непризнати, односно дека нема доволно информации за нив. Но токму затоа постојат општествените науки. Вториот аргумент може да биде дека тие се вештачки. Но тоа е исто така дискутабилно. Фактот дека институциите се човечки творби е prima facie доказ дека се предвидливи. Можеби проблемот е што ова се конвенции, но тоа би одело во прилог на нивната транспарентност, а не против неа. Значи, не постои никаков аргумент во прилог на тврдењето дека на економијата ѝ недостига предмет кој може научно да се проучува.

Втор аргумент би може да биде дека ние не знаеме што правиме. На пример, луѓето не се потполно рационални, или не се воопшто, па само можеме да погодуваме што би можеле да направат. Можеби сѐ е само психологија; но во тој случај човечките постапки би можеле да се предвидат (ова би можело да се прошири на сите, да ги наречам така, натуралистички аргументи). Или станува збор за тоа дека овие упорни институционални промени се случајни последици на колективните постапки (последиците се непланирани, бидејќи, би можело да се тврди, ги произведува колективното дејствување). Но тоа повторно не кажува ништо за предвидливоста. Како емпириско прашање, последиците на колективните постапки рутински не би можеле да ги предвидат оние кои ги вршат, но тоа сепак не значи дека тие се непредвидливи за социологот. Особено ако тие општествено конструирани институции покажуваат причинска зависност, дури и по наш избор, како што наведуваат авторите. Навистина, во тој случај, дури и ако не постојат законити правилности, ако постапките и последиците се причински поврзани, последиците ќе бидат начелно предвидливи. Навистина, предвидливоста обично се смета за еден од придонесите на институциите и со самото тоа и социологјата или социолошки инспирираната економија, политичката наука или теоријата на игрите.

На крајот на својот текст на тема за што служи економијата, Розенберг и Кертан сугерираат дека „економскиот пристап... може многу да придонесе за осмислување и креативно управување... на институциите“. Веројатно затоа што економската теорија може да ги предвиди последиците на институциите и да придонесе за изградба на оние институции кои „ќе нѐ заштитат од ништожниците“. Ова не само што е во спротивност со нивното тврдење дека економијата не може да предвидува, туку е малку проблематично и во филозофска смисла. Исто така, тоа е во остра спротивност со нивното тврдење дека, на пример, монетарната политика би требало повеќе да биде уметност отколку занает (веројатно она „креативно“ се однесува на тоа), а не да биде водена од економската наука. Значи, тие немаат аргументи и запаѓаат во контрадикции. Дали овде сепак има некаква логика?

Додека го образложуваат тврдењето на Фридман дека се важни предвидувањата, а не вистинитоста на претпоставките, што значи тоа? Како некој го гледа ова тврдење ќе зависи, секако, од неговата теорија за вистината, но ако сакаме да знаеме дали теоријата ќе биде дескриптивна или реална, тогаш одговорот ќе биде негативен за некој опис, за анегдотските докази или некоја народна теорија на стварноста. На тоа мисли Фридман кога вели дека принцпипот на рационалност е сигурно неточен, но ескпланаторен (види The Rationality Principle’ u D. Miller, ur., Popper Selections, Princeton University Press 1985: 357-365).

Предвидувањата во економијата како и во науката навистина се пробабилистички. Значи, не се нужно подложни на преиспитување во конкретните случаи. Сепак, дали беше предвидливо дека нерегулираното банкарство, кое се разви како систем на слободно банкарство, ќе се урне? Или, што е иста работа, дека системот на меѓународни финансии кој функционира како систем на слободно банкарство ќе доведе до криза и веројатно до крах? Мислам дека одговорите на овие прашања мора да бидат позитивни. Впрочем, затоа постојат централните банки и монетарната политика.

Но, можеме ли тогаш да предвидиме дека монетарната политика ќе биде лошо водена пред крахот и дека фискалната политика нема да биде пресудна по крахот? Одговорот е потврден. Тоа е придонесот на политичката наука и политичката економија. Дали може да се очекува дека нема да постои мнозинска поддршка за контрацикличната монетарна политика пред кризата во отсуство на инфлаторни притисоци? И дали може да се очекува дека нема да има голем ентузијазам порастот на јавната потрошувачка да се финансира со задолжување? Значи, дали е предвидлив одговорот, на пример во САД, во случајот на спасување на финансискиот сектор, дека доколку првите две мерки бидат донекаде успешни и рецесијата не се претвори во депресија, притисокот на фискалната потрошувачка нема да биде доволно силен за да ја потисне загриженоста поради нејзините дистрибутивни ефекти?

Меѓутоа, овде постои проблемот на повеќекратна рамнотежа, но тука настапува и политичката наука, и би требало да можеме да предвидиме со прилична веројатност дека овој или оној систем на одлучување ќе одбере одреден фискален одговор. Не беше непредвидливо како ќе реагира Кина и како ќе реагираат земјите од еврозоната. Тоа можеби не беше во склад со најдобрите совети на економската наука, но тоа е повеќе коментар на оптимизмот за тоа што може да се постигне со „осмислување и креативно управување на институциите“.

Бидејќи оваа нормативна задача, економскиот модел, кој е критикуван како нереален и утопски, е всушност оној на кого обично се потпираме за „осмислување и управување“, односно за регулаторни цели. Но тоа не е неговата вистинска цел. Тој е потребен за проверка на доследноста на теоријата, за овозможување на објаснувања и втемелување на предвидувањето. Да претпоставиме дека луѓето се рационани (на многу воопштен начин), дека пазарите подлежат на некои законитости и дека системот на цени гарантира доследност. Потоа ја воведуваме стварноста и се обидуваме да ја објасниме, па потоа се потпираме на објаснувањата за предвидувањето на исходот во променети околности. Погрешна е идејата да се обидете да ја регулирате стварноста за да ја усогласите со некаков модел, или да сведете каков било куп податоци на модел. Токму ова второто е спротивно на целта која Розенберг и Кертан ѝ ја припишуваат на економијата како водич за политичка филозофија за изградба на институциите.

Интересот за прашањето каква е научната економија и каква е нејзината моќ за предвидување произлегува од колосалната грешка олицетворена во денешната криза. Неа не ја предвидеа повеќето економисти и не ја спречија креаторите на политиката, како оние во централните банки и министерствата за финансии чии постапки се засноваат на економската наука. Неуспехот на мерките не е во спротивност со она што е познато во политичката економија, односно дека тој беше, и сѐ уште е, предвидлив. Меѓутоа, економијата мора да се врати во игра, но не затоа што нејзиниот предмет не е доволно научен, што и да значи тоа, туку затоа што некои теории се фалсификувани, а некои мерки погрешно смислени или спроведени. Ова исто така не докажува дека економијата не е наука.

Извор: pescanik.net
Слики: Siobhan McBride

ОкоБоли главаВицФото