Чекајќи го Шиповиќ

16.10.2013 13:19
Чекајќи го Шиповиќ

Знаете ли како гласи најновата клетва кај Македонците?!

Да даде господ вемерето да те пречека на аеродром: ако не те уапсат, жената ќе ти падне од тераса!!!

Владо Димов е единствената политичка личност која непогрешиво ја сфати единаесеттата божја заповед: ако си излегол од Македонија - не се враќај, освен ако не си решил да се раатисаш од сопругата или од себе!

Да сум јас некој, не „Индекс“, туку Шиповиќ, да речеме, веднаш би си порачал еден „Џек Даниелс“ или, ајде, нека биде во некоја понеутрална варијанта, „Бадвајсер лајт“ и во анонимијата на некое американско кафуле, би седнал да размислам околу овие работи пред да се качам на аеропланот за Скопјанг!

Многу е веројатно дека прво на ум ќе ми дојде идејата да не се враќам! Зошто би бил првиот будала што ќе посака да ја замени Америка за Шутка и слободата за концентрациониот логор на Внатрешната антикамедонска контрареволуционерна инсталација?! Зошто јас во 2013 година би ја играл улогата на Евреин кој решил да се врати во Германија во 1933 година!? Зошто би му се предал на еден систем кој функционира беспрекорно на линијата на антиправдата, на линијата на погромите против демократијата и човековите права, акти кои полека се обликуваат во карикатурални, но сеедно, трагични варијанти на некакви македонски вартоломејски или кристални ноќи!? Зошто би ѝ дозволил на Гордана Јанкуловска да ми ги шири нозете и да ме рајца по јајцата натртен на некоја хауба на големомакедонската писта на „Александар д Грев“!?

Потоа би се јавил во сите пет банки кај што ги чувам парите. Ако ми кажат дека салдото овозможува удобен живот за мене и за моето семејство во наредните двесте години, јас би решил да останам и да го гледам Коби Брајант како супериорна опција пред комплетната политичка елита во Македонија на чело со Надвојводата Шарло(т) и неговата екипа „Чип Ајдиотс“! Ако ми кажат дека немам скршен денар, пак би требало да решам да останам зашто моите шанси во Америка и во тој случај би биле подобри освен ако случајно не сум земјоделец па да чекам субвенција од мојата омилена партија или ако не сум член на некоја општинска организација на вемерето, помлад од 25 години, за да можат да ме стават за министер или ако сум апликант на конкурсот за лотариско извлекување на работни места за будалите и безнадежните!

Против враќањето не би била само (не)вистината за мојот грев, туку и јасните докази дека (не)вината не може да се утврди во еден елементарно антиправен систем како и маката да смислам нешто паметно што ќе го кажам пред држачите на микрофони од таканаречените телевизии, пред да се напупам и да ја бакнам милата ми родна земја Македонија!

Но, наспроти овие рационални моменти, јас, сепак, би порачал уште еден "Џек" пред да решам да се вратам!

Варум, хер Трицковски?!

Шиповиќ има шанса да се врати, не сакам да кажам како Хомеини или како Беназир Буто или како Бенињо Акино, но во секој случај, како голема фигура, како амблематски фактор на новото време, како човек кој се претворил во медиум околу кој почнало соборувањето на диктаторскиот режим на лудакот од Прилеп. Тој има, јас така би размислувал, шанса да влезе во историјата и да ги зафати сите места за споменици, вклучувајќи ги и местата што ќе ги ослободиме откако ќе го урнеме срањето што ни го истурија во центарот на Скопјанг!

Мислам дека тој има најдобра шанса, за нула денари или за малку пари, да го извлече милениумскиот бинго на Македонија ! Пет-шест месеци затвор е ситен еквивалент на неповторливото историско значење. И дека може да биде пресвртна точка на консолидацијата на политичката опозиција па дури и на битката против тероротот на внатрешните окупатори и против окупаторите како такви!

СДСМ ги разбира овие работи повеќе бродвејски отколку марксистички, да не речам, револуционерно. Макар што има знаци дека некои работи почнуваат да се менуваат! Не можеш да одиш во бој и да доставуваш амандмани и не можеш да одиш во бој ако политички не си го детектирал противникот и конфликтот приближно така како што тоа го направи Макрадули во само еден пост на Фејсбук!

И, сега можеби е доцна, таа симболика и таа амблематичност можат да му пресудат на Шиповиќ во таканаречената македонска вонсудска постапка: да го шуткаат и власта и опозицијата дур не цркне! Оти може да стане опасен и за едните и за другите!

Слики: Свирачиња