Загадувањето на Скопје и маглите на режимот

18.12.2013 10:14
Загадувањето на Скопје и маглите на режимот

Во земја каде владее антиполитиката и неодговорноста е нејзина врвна манифестација, сѐ е подложно на политикантска манипулација. Дури и една тема, конкретна, научна и егзактна, каква што е алармантното загадување на Скопје, власта сака да ја претвори во мизерен спин, во тема за дефокусирање.

Знаете, искрено сум на мисла дека темата загадување прв ја почна самиот режим. Лани си се наместија со поставување, па со отстранување на мерните станици во Скопје. Оваа година, тоа го направија поради позадинската игранка со „Макстил“ и Минчо Јорданов кому во април му истекува рокот за поставување филтри. Дали режимот прави притисок за да го рекетира Минчо, а филтрите да не се постават, или е нешто друго - не знам! Дали е можеби режимот во еколошки бизнис, па голем дел од тој колач од 25 милиони евра ќе отиде во рацете на фамилијата?! Како и да е, тоа не ја намалува одговорноста ниту на бизнисмените индустријалци, а уште помалку на власта која треба да спроведува закони и норми.

Тоа што знам е дека темата им побегна од раце и се префрли на одговорности кои излегуваат од само тесните врски помеѓу политиката и бизнисот! Овде одговорноста е пред сѐ на централната и на локалната власт.

Она што е јасно е дека нашите граѓани се многу свесни и жолчни на темата загадување. И сега гледаме како власта очајно се обидува да се испере и од одговорноста и од некомпетентноста да преземе нешто конкретно.

Затоа, сега, сведоци сме на истата приказна како во Кина, каде властите пред растечката јавна свест и критика, го лажеа народот дека загадувањето или смогот всушност биле и корисни.

Смогот ги обединува Кинезите, ги прави поеднакви, ги прави посвесни за цената на економскиот развој, ги прави подуховити и им помага да си ги прошират знаењата, особено за метеорологијата. Весникот „Глобал тајмс“, на пример, кој го издава Комунистичката партија, напишал дека смогот би бил многу корисен за одбрана на земјата ако е нападната, бидејќи напаѓачите од воздух ништо не би можеле да видат?!

Кај нас режимот и нејзините медиуми сѐ уште не стигнале до тоа ниво, но затоа мора да читаме од еден „Курир“ или од „Нетпрес“ како нашето загадување не било страшно, оти еден Брисел, Париз, Барселона, биле дури и позагадени?! Или пак, приказната како мерката за увоз на половни автомобили стари и до 17 години, всушност, нѐ спасила од поголемо загадување?!

Неколку новинари на социјалните мрежи, со еден клик на маусот, ја растераа дополнителната магла на режимот. Стапката на загаденоста според ПМ 10 честички во воздухот, во Скопје е за најмалку три пати повисока од која било европска метропола. И ако барем малку имаме чувство за пропорција, кон тоа колку еден Париз или Брисел имаат повеќе население, индустрија и автомобили, а сепак помало загадување, тогаш ја сфаќаме драмата која ни ја опишува статистиката.

Поентата ми е следна. Загадувањето на Скопје не е од денес, не е ни од вчера, тоа е долгогодишен проблем, но последниве години е алармантно и политичари кои се на власт веќе осум години мора да ја понесат одговорноста за состојбите. Мора да понесат одговорност за 150 илјади половни автомобили кои се увезоа, за украинските автобуси кои имаат камионџиски мотори и кои дополнително загадуваат или пак кинеските автобуси кои не задоволуваат минимални еколошки стандарди. Мора да одговараат за систематското уништувањето на нашите шуми и на градското зеленило. Мора да одговараат за СК 2014 кој покрај сѐ друго е и еколошка катастрофа.

Режимот мора да одговара за своите врски со големиот и средниот бизнис кој не инвестираше во филтри или во намалување на загадувањето. Мора да се одговара за недостатокот од инвестиции во зелената технологија и обновлива енергија, за неспроведување на проектот гасификација, поради фактот дека не се градат капитални објекти и не се подобрува инфраструктурата. Треба, конечно, да се одговара и за урбаната мафија која владее во Скопје, за непланското градење, за процесот на претворање на Скопје во единствен град во Македонија.

Тоа значи дека треба да се констатираат проблемите и да се најде решение, а не да се даваат совети како не треба да се проветрува, или уште помалку, режимските медиуми да се обидуваат да спинуваат егзактна наука. Се докажавте во политиката дека само тоа знаете, но загадувањето е наука, а науката не се манипулира! Дополнително, не се манипулира со здравјето на граѓаните, тоа е нешто што влијае на сите граѓани подеднакво и е една од ретките работи која не бира политичка или партиска определеност.

Деновиве читав најнова европска анализа за опасноста по здравјето од смогот и загадувањето, пред сѐ од честичките ПМ 10 и ПМ 2.5. Прв пат е спроведена анализа врз примерок од над 300 илјади граѓани во најмалку девет земји. Замислете, секое зголемување од 10 микрограми на ПМ 10 на кубен метар во воздухот, кореспондира на зголемен ризик од рак на белите дробови од цели 22 проценти. На секои 10 микрограми, ризикот расте за 22 проценти. Тој ризик расте на 51 процент, кога станува збор за посебни видови на канцер кои не се предизвикуваат од пасивно пушење.

Сега, ако дозволените граници се движат помеѓу 30 и 50 микрограми, просечната загаденост во зима, во Скопје, повеќе или помалку, изнесува помеѓу 130 и 180 микрограми на кубен метар. Во превод, ризикот од рак на бели дробови е повеќе од 300 проценти поголем во Скопје, од сите оние европски градови каде вредностите на ПМ 10 и ПМ 2.5 честичките се во дозволените граници. Само за да знаат спинерите на режимот, европскиот просек не надминува 30 микрограми на кубен метар.

Ова е наука, ова се факти, со нив нема спинување! За жал, режимот не ја почитува ниту науката, а уште помалку фактите или здравјето на граѓаните. Сѐ што прави власта е ветер и магла. Но, ако во Скопје не задува ветер (што ретко се случува), ќе си останеме во магла!

Слика: Свирачиња