Југославија е иднината на Македонија?

07.01.2014 13:11
Југославија е иднината на Македонија?

Република Македонија е сосема промашен проект. После 23 години самостојност тој факт боде очи на речиси сите рамништа: економски сме под нивото од пред 30-40 години (реалниот бруто општествен производ бил повисок во седумдесеттите години на минатиот век отколку денес; популационата слика е речиси катастрофална - повеќе стотици илјади граѓани иселени се од земјава само во последниве 15 години; внатре во земјата, пак, царуваат безнадежноста, стравот и сѐ побескрупулозната борба за сѐ поскудните ресурси (најмалку половина население директно е зависно од милоста на државата; другата половина исто така знае дека семоќната држава во секој момент, кога ќе ѝ се посака, може да уништи кого сака, меѓу домородците, се разбира; странските државјани, таканаречените „инвеститори“, се заштитени со колонијалниот менталитет и на властодршците и на поданиците).

Таквата лоша атмосфера дополнително ги уништува или сузбива ионака кревките слободарски и демократски граѓански вредности, што исто така придонесува за мрачната економска слика (понекогаш човек дури и би проголтал редукција на граѓанските слободи, во име на некаков си економски просперитет, т.е. во име на ефикасноста; мислам дека многумина Македонци токму од тие причини долго замижуваа, и сеуште мижат, поради драстично намалените граѓански слободи; но, кај нас - за разлика од Кина, да речеме - неслободата оди во комбинација со масовното заглупавување и осиромашување). Најстрашно е, се чини, што ние не сакаме да се соочиме со обемот на нашето пропаѓање. Оти не се само економски штетите предизвикани со упропастувањето на институциите, со партизирањето на општеството, со огромната корупција, клиентелизам и грабеж... Штетите се во неповратноста на некои процеси и во долгорочно нарушените можности да бидеме нормално општество.

Најапсурдна работа во оваа раскантана заедница е што токму бандата која ја руинира земјава (сите овие 23 години, но особено нагласено последниве десетина години) плете приказни за клетиот комунизам и за Југославија занданата на народите. Токму оние кои Македонија ја претворија во бандитски плен и во најмизерна колонијална територија (која не е ни држава, оти институциите се импровизирани, направени од картон, и служат само за да ги заштитат бандитите што ја приграбиле власта), токму тие ја поништуваат и уништуваат дури и сликата за единствената реална и колку-толку нормална Македонија, онаа која постоеше од 1944 до 1991.

Се разбира, јасен е бандитскиот мотив за оцрнување на претходниот поредок: растурањето на Југославија беше пљачка од џиновски размери (само од шверцот на оружје се свртеа повеќе десетици милијарди евра; да не зборуваме за приватизацијата и за опљачканиот имот на во војната убиените или избрканите луѓе); освен тоа, растурањето на Југославија повторно ги претвори домицилните земји во колонии и феуди поделени меѓу странските господари и нивните локални слуги кои станаа нова општествена елита.

Од тие причини локалните бандити кои не само што ги растураат сегашноста и иднината на Република Македонија, туку го фалсификуваат и минатото, имаат речиси неограничено разбирање кај нивните колонијални господари. Оти сеуште трае, за жал, идиотската логика од Студената војна; оти и денешната ЕУ сеуште се храни со иделогијата на судирот помеѓу либерализмот и социјализмот. Но, една суптилна современа теоретичарка, Јохана Бокман (во книгата Markets in the Name of Socialism: The Left-Wing Origins of Neoliberalism, 2011) вели дека спротивноста помеѓу социјалистичкиот и либералниот свет не е апсолутна, а идеолошката граница којашто ги дели не е непропусна. Во својата студија, врз основа на анализи на економски расправи во изминативе сто години и интервјуа со економисти во источна Европа, Бокман ја изнесува тезата дека неолиберализмот не настанал како антипод на социјализмот, туку благодарение на него и поради дебатите внатре во социјалистичките општества. Филозофските проекти на социјализмот и либерализмот во втората половина на 20 век не само што „меѓусебно се поддржувале“, туку им биле заеднички идеите за модерноста и визиите за иднината.

Во еден важен текст (Will the East's past be the West's Future?, 2009) Растко Мочник тврди нешто слично: изградбата на модерната држава на благосостојбата по Втората светска војна го олицетворуваше историското заедништво на европскиот Исток и Запад. Вистина, институционалната политичка рамка низ годините стана узурпирана од политичките елити; на Запад од страна на „партократијата“ (владеењето на затворениот пул од партии) која се легитимираше како автентичен претставник на народот; на источната европска периферија „државата на благосостојбата“ беше узурпирана од „бирократијата“ (диктатурата на една партија) која симулираше дека го претставува пролетеријатот. Кога во седумдесеттите години класичниот фордистички капитализам дојде во криза а капиталот инвестиран во индустриско производство почна да носи сѐ помали профити, па започна да се сели во финансискиот сектор, и политичките елити на центарот почнаа да ја напуштаат старата социјалдемократска линија и да застануваат на страната на капиталот, сѐ додека на општествата не им го наметнаа неолиберализмот.

Мочник тврди дека со сеопфатното бришење на искуството на комунизмот од нашата лична и колективна меморија, низ еден пропишувачки процес на историска амнезија, од историското искуство на нацијата всушност се брише и вистината што тој комунизам општествено го предизвикало. Со тоа се брише и општествената вистина на комплексната и противречна национална историја. Таа историска амнезија, според Мочник, има сосема актуелни последици. Не само што нацијата сега е неспособна на своето комунистичко минато да му даде општествена смисла, да го објасни како идеолошки и политички производ на конкретни општествени судири, туку сега ни општествената вистина на актуелната стварност за неа нема никаква смисла.

Влијателниот француски филозоф Жан-Лик Нанси (во текст од 1994 година) во потиснувањето на комунистичкото минато ја гледа токму епохалната глупост на посткомунистичките промени. Глупоста на посткомунизмот Борис Буден, пак, ја гледа како ефект на забраната на мислење со која е прекриено политичкото рацио на посткомунизмот. Во посткомунистичките општества човекот најпрвин го лишуваат од политичката зрелост, прават од него дете во политичка смисла, а на крајот - политичка будала.

Ги издвојувам овие критички тонови за посткомунистичките општества зашто слична политичка атмосфера (но, се разбира, не до тој степен брутализирана) денес владее и на европскиот Запад. Чувството на немоќ, безнадежност и страв проникнува сѐ повеќе граѓани во Европа, а не само нас, проклетниците по рабовите. Современа Европа исто така се соочува со длабока криза која не е само економска. И во Европа, на разни страни, сѐ повеќе виреат опасните авторитарци, налик на нашите, и исти такви опустошувачки квазипопулистички политики. Нашево диктаторче, дотолку, и се создаде и се одржува (не само поради предизвиканото историско слепило и изманипулираноста на низ транзицијата измрцварените македонски граѓани) поради јасната поддршка што ја добива од исти такви мрачни националистички (а всушност, бандитски) кругови ширум регионов и Европа.

Каде е излезот? Кога станува збор за нашите локални (не)прилики, услов над сите услови е крлежот на груевизмот да се извади од раната. Притоа, се разбира, ниедно делче од крлежот не смее да остане во раната - тоа е дури и поважно од уништувањето на крлежот.

Но, вадењето на паразитот подразбира дејствување во многу поширок обем и на многу поширока територија. Меѓу другото, за да добиеме право да ја креираме сопствената сегашност, ние одново ќе треба да се бориме за автономија на сопственото сеќавање. Одново ќе треба да го промислуваме сопственото југословенско искуство и од него, меѓу другото, да црпиме нови еманципаторски и ослободувачки енергии. Притоа не мислам дека треба да ја реставрираме Југославија како политичка заедница, туку да ја промислуваме како заштита на личното и на колективното сеќавање, како борба за повторно враќање на автономијата и достоинството, но и како идејна алтернатива за овој сѐ побезнадежен свет.

Значи, моето навраќање кон тој епохален модернистички проект наречен Југославија не е излез на носталгијата и меланхолијата туку на мобилизацијата и еманципацијата. А дури и тој излез да го сфатиме како „носталгија“, станува збор за афективна и ангажирана носталгија која поттикнува тензии и немир, спречувајќи урнатините на модернистичката утопија да се пацификуваат, неутрализираат и да се замрзнат во историјата. Како што вели Елизабет Блекмар, токму носталгијата ги прави урнатините „немирни и вознемирувачки“, токму со нејзина помош тие потсетуваат не само на минатото, туку и на вредностите кои треба да бидат и наша иднина: солидарноста, одговорноста, почитта кон работата, грижата за светот, автономијата...

Тања Петровиќ во својата книга „Yuropa“ (2012) пишува: „Кога последиците на историзацијата на Југославија ќе се постават во контекст на симболичката географија на современа Европа, до израз доаѓа веќе познатиот механизам за легитимизација на колонијалните односи и практики со помош на алохронизмот, претставата според која другите живеат во друго време: „меѓународната заедница“ бившите Југословени ги гледа како несамостојни и недораснати политички субјекти, што го отвора патот за примена на експерименти и увезени модели за обликување на нивната општествена реалност и иднина. Притоа наполно се игнорираат личните и колективните желби, афинитети, идеи и сништа коишто граѓаните на поранешна Југославија ги носат како багаж од минатото. Во редефинирањето на односите помеѓу општествата на поранешна Југославија со помош на ’европеизацијата’, игнорирањето на минатото произведува учинок кој наликува на колонизација.“ На тој начин, како што вели еден друг современ теоретичар, Гал Кирн, „се блокира секоја еманципаторска политика, секоја критичка расправа и секое политичко дејствување кое ќе биде насочено кон барање вистинска алтернатива за сегашната конјуктура на капиталократијата“.

Следниве недели можеби ќе напишам нешто повеќе за важните книги кои го инспирираа денешниов текст: „Zona prelaska; o kraju postkomunizma“ од Борис Буден и „Yuropa; Jugoslovensko nasleđe i politike budućnosti u postjugoslovenskim društvima“ од Тања Петровиќ. Од книгата на Петровиќ доаѓа и поентата на денешниов текст: „Токму поради капацитетот да интервенира во сегашноста, да ’вознемирува’ и создава пукнатини во нормализираните наративи, инсистирам на тоа дека југоностагијата како специфична конфигурација од афекти и емоции е продуктивна аналитичка категорија и важен начин за мобилизација на социјалистичкото наследство во политичките преговарања за сегашноста и иднината.“

Слики: Paco Pomet