Критичар, а не миленик на архитектите

20.03.2014 15:29
Критичар, а не миленик на архитектите

Критичарот за архитектура на Њујорк Тајмс Мајкл Кимелман на секоја тема ѝ пристапува радикално и ангажирано

Можеби највлијатениот светски весник Њујорк Тајмс долга низа години се бореше со нерелевантноста на својот архитектонски критичар Николај Орусов, кого многумина го напаѓаа поради елитизмот и додворувањето на славните архитекти, неукажувањто на вистинските проблеми, фалењето на скапите проекти, а изгледа дека конечно им дојде преку глава кога младата критичарка Александра Ланге (Моментално Loeb Fellow на Harward Graduate School of Design) го напиша текстот „Зошто Николај Урусов не е доволно добар“ и покажа дека ниту неговата позиција не е недопирлива. Конечно на негово место во 2011 година дојде Мајкл Кимелман, финалист за Пулицер од 2000, заменувајќи го Урусов и сосема менувајќи ја насоката на критиката за архитектура во Њујорк Тајмс, и тоа на толку позитивен начин што неодамна на Харвард го повика Radcliffe Institute for Advanced Study, кој не е во директен допир со архитектурата, но очигледно „како човек од народот“ Кимелман успеал да допре и до поширока публика која почнала редовно да го следи и чита. Во почетокот на февруари прво одржа ручек со неколку студенти (повеќето архитекти, но и правници и студенти по медицина), а подоцна и предавање од час и половина, кои имав можност да ги посетам и по тој повод да ги напишам овие неколку редови.

Како воопшто дојде до формирање на позицијата на архитектонски критичар во Њујорк Тајмс? Зачетник е Ада Луис Хакстејбл, добитничката на Пулицер која почина минатата година (уште во 1970 прва ја доби таа награда за критика на архитектурата и урбанизмот), која наведената позиција во весникот ја држеше од 1963 до 1982 година. Уште во текот на нејзините последни години во редакцијата дојде Пол Голдбергер (моментално критичар во Њујоркер), кој пишуваше во текот на неделата, а Хакстејбл во викендите се задржа од 1973 до 1977. И за Голдбергер во 1985 Мајкл Соркин ја напиша статијата „Зошто Голдбергер е толку лош“, но тоа сѐ уште беше време кога архитектонскиот критичар на Тајмс имаше моќ на врховен судија за архитектурата и јавноста сѐ уште не беше спремна погласно да се спротивстави на таквиот „авторитет“. Голдбергер барем се трудеше што подобро и повеќе да се покријат архитектонските теми и така еднаш истакна дека проблемот е што како хроничар сакате да ја покриете секоја интерсна вест, а сфаќате дека која приказна и да ја одберете (изложба, зграда, архи-програма...), истовремено отануваат уште пет ненапишани. Во 1992 година дојде знаменитиот Херберт Мушамп (кој почина во 2007) и остана до 2004, и тогаш, според многумина, направи голема грешка кога го инаугурираше Николај Урусов за свој наследник. Она што Николај со тек на време го повлече „кон дното“ е тоа што никогаш подолго не живеел во Њујорк додека не станал новинар на Њујорк Тајмс, што често се наведуваше како негов недостаток.

Неодамна покренатото проширување на МОМА според проектот на Жан Нувел е едно од прашањата за кое студентите бараа мислење од Кимелман

Од друга страна, Кимелман стана извонреден кандидат: роден е, пораснал и се школувал во Гринвич Вилиџ на Менхетен, каде, како што сака да нагласи, живеела и легендарната Џејн Џејкобс. Од друга страна, што никако не може да му се замери на Николај, факт е дека студирал архитектура на Колумбија, додека Кимелман не може да се пофали со никаква наобразба на тоа подрачје и со критиките во тој поглед во почетокот мораше многу да се бори, а „борбата“ набрзо ја доби најмногу благодарение на своите ангажирани, интелигентни текстови. На ручекот Кимелман почна воведно со својата биографија, споменувајќи го накратко своето детство, образованието на Јеил и студиите по историја на уметност поминати на Харвард. По дпипломирањето прво почнал да пишува за магазинот I.D. како критичар на уметноста (што 20 години го правел за разни весници, меѓу останатите и за The New York Review). Дури потоа уследила можноста на која долго се надевал, кога како новинар преместен во Европа ја покренал колумата која му овозможила да се занимава со она што навистина го сака - проблематиката на преплетувањето на културното, јавното и социјалното, посебно во денешното време на глобализација. Во Берлин бил од 2007 до 2011 и известувал за различни теми; борбата со бикови во Шпанија, приликите во Газа под власта на Хамас, Русија под палката на Путин... Најпосле пред три години се вратил во Америка да пишува за аритектура. На секоја тема ѝ пристапува радикално и ангажирано, како да станува збор за горливо прашање кое не смее да се занемари. Враќањето во Њујорк тој го нарекува „затворање на кругот“, не само затоа што повторно има можност да пишува за архитектура/уметност, туку затоа што ова сега е истиот интересен момент каков што и Џејн Џејкобс, неговата „сосетка“ некогаш го имала. Според неговите зборови, таа пишувала во момент кога урбанизмот бил во голема криза во почетокот на 60-тите, кога се планирало top-down без учество на јавноста, а Џејн се обидувала да ја претстави архитектурата како дел од социјалниот и секојдневниот живот на граѓаните и повторно да го воведе разгледувањето на мерката на човекот како важен фактор (укажувајќи на недостатоците на модрнистичката агенда). И сега всушност Кимелман исто така (како њујоршко „дете“) доаѓа во својот роден град во време кога настапува криза, кога повторно архитектурата поради новите материјали и иновации во технологијата (како проектирањето фасадите така и изведбата на разни до неодамна незамисливи форми) почнува да се сведува на скулптура, што дополнително го потенцираат разни „стархитекти“ од XXI век. Во текот на тој интересен ручек беа дискутирани разни актуелни теми во Њујорк за кои студентите преку прашања бараа негово мислење, како неодамна покренатото проширување на МОМА. Запрашан е и за посетата на Меделин во Колумбија, каде што ги истакна тамошните нови проекти како пример за користење на архитектонските амбиции во улогата на ширењето на еднаквоста (која тој град до неодамна поради степенот на криминал и распространетоста на дрогата не ја познаваше). Кимелман нагласува дека дискусиите за струката ја свеле архитектурата на најпримитивно ниво на разубавување на предметите (на македонски би можело да се каже дека навистина architectural design стана она што кај нас е прва асоцијација за дизајнот - графичко обликување). Кимелман е критичен и кон сопствениот работодавец, бидејќи, како што вели, ако го погледнеме огласникот на Њујорк Тајмс, може да се забележи дека еден од главните спонзори е токму дизајнерскиот бренд Chanel! Со тоа сака да укаже на одговорноста на архитектите кои со своите проекти на големо влијаат врз околината и животот на граѓаните. Архитектите, вели Кимелман, станаа само снабдувачи на луксузни добра (да не речеме естетика без етика), така што е потребно да ги потсетиме на некои потенцијални амбиции кои архитектите ги забораваат.

Архитектите станаа снабдувачи на луксузни добра

Мене лично ме интересираше неговото мислење за вечната дилема: треба ли архитектонските критичари да имаат бекграунд во архитектурата (она што нему многу често му го префрлаат како недостаток) и, исто така, треба ли архитектите да почнат да пишуваат повеќе, а не само да се изразуваат со цртање, бидјеќи архи-цртежот е всушност стручен приказ кој е по малку аутистичен кон пошироката публика. Одговорот започна со исечок од сопственото искуство кога бил пијанист (што сѐ уште е) и кога мислел дека оние кои пишуваат за него, а не свират, немаат поим за што зборуваат. Во една рака смета дека тоа и понатаму е вистина, меѓутоа, сфатил дека тие не пишуваат за музиката за оние кои ја практикуваат, туку за значително поширока публика. Како што вели Кимелман, тоа што не е архитект му дава предност да има дистанца и да постави некои „глупави“ прашања кои би ги поставил и обичниот читател. Меѓутоа, заклучокот е дека архитектите треба да научат да пишуваат за да знаат подобро да ги претстават своите проекти, за да можат подобро да ги објаснат и одбранат своите вредности, што би требало посебно да помогне во прилагодувањето на нивната интровернтост, во смисла на јазикот со кој се служат, при разговорите со клиентите и односот кон околината. За архитектите можеби е време полека да почнат уште повеќе (иако многумина веќе вложуваат напор во тоа) да ја преиспитуваат својата позиција на големи „мајстори уметници“, посебно во денешно време кога е прашање колку класичниот архитект сѐ уште е потребен, во време кога sustainability, ecology, zero-energy-building, urban design, ecological urbanism и слични стручњаци водат сѐ поголем број проекти.

За Кимелман е важна компонентата на социјалните, економските и политичките процeси во архитектурата и урбаниот простор

За крај, уште неколку зборови за предавањето одржано нешто подоцна истиот ден, насловено како „Политика на јавните простори“, кое беше помалку инспиративно бидејќи минуваше низ некои веќе познати теми со кои Кимелман се занимава, а и само потврди колку му е важна компонентата на социјалните, економските и политичките процеси во архитектурата и урбаниот простор. Во своето излагање Кимелман го допре и Окупирај го Волстрит, Зукоти Парк, проблемот на американските предградија и големите автопатишта, а потоа и темите од светот како животот во сиромашните квартови, протестите на плоштадот Тахрир и истанбулските протести во паркот Гези, како и настаните во Рио. Посебно беше освежувачки да се види човек кој пишува за весник како Њујорк Тајмс како повикува не на промислување на истакнатите проекти на Заха Хадид или Кулхас, туку обрнува внимание на освестувањето за вистинските проблеми за кои веќе пишувал во статиите посветени на стадионот Пен, јавната библиотека во Њујорк, зачувувањето на Phoenix House на Рајт, обновата на градовите по ураганот Сенди...

Како што наведува Кимелман во најавата на своето предавање - „начинот на кој ги планираме и конструираме (...) градовите и дефинираме што е јавно, ќе ги дефинира идните децении.“

Извор: pogledaj.to