Во Титова Југославија ја најдов слободата

06.05.2014 12:19
Во Титова Југославија ја најдов слободата

Вчера почина режисерот Тимоти Џон Бајфорд, автор на култните детски серии „Неделен забавник“, „Невен“, „Полетарац“, „По трагата на птицата Додо“, „Бабино внуче“, „Метла без дршка“...

Јасминка Грифин е една од многуте личности чие детство тој го обележал. Таа на нејзиниот пост на Фејсбук раскажува како пред неколку години му пишала по повод емисијата во која Ѓорѓе Балашевиќ пее за Тито. Тоа ѝ се причинило како индоктринација, па одлучила да му се обрати, а тој ѝ го испратил следниов одговор:

 

„Драга Јасминка,

Ти благодарам на мејлот. Драго ми е што си уживала повторно гледајќи го „Полетарац“ и драго ми е што имам можност да одговорам на твоето прашање за уметничките слободи кои ги имаат сценаристите/текстописците.

Намерно ја избрав за објавување во првата половина на седмата епизода, зашто се однесува на претседателот Тито. Кога го пишував сценариото имав целосна слобода да пишувам што сакам и намерно половина од оваа програма ја посветив на човекот кого го почитувам и во чија земја поминав десет прекрасни години. За време на првиот пренос, тој беше болен – умираше во болница во Љубљана и бев горд што направив нешто со што ја изразив својата почит кон човекот кој, покрај сите свои грешки (знам дека беше одговорен за неброени жртви, но исто така, беше и Сер Винстон Черчил, кој наредил бомбардирање на Дрезден со цел да се убијат што повеќе цивили, да не ја спомнуваме неговата одговорност за поствоената ситуација во Источна Европа – и сѐ уште го третираат како национален херој, иако, според денешните критериуми, бил воен злосторник), беше харизматичен господин. Знам многу луѓе кои плачеа кога тој умре, а кои плукаа на сеќавањето за него, неколку години подоцна. Кога бев дете, имав обврска да бидам христијанин и да одам во црква секоја недела и моравме да го сакаме и почитуваме кралот. И тоа беше перење мозок.

Посебно сум познат по две серии – „Невен“ и „Полетарац“. Искрено можам да ти кажам дека ваква програма никогаш не би можел да направам на Би-Би-Си, каде режисерите на многу оддели мораат да прават програми кои продуцентите им кажуваат да ги прават, додека со доаѓањето во Југославија (избрав да живеам во Југославија, не во Србија – да дојдев 20 години подоцна, сигурно не би останал), најдов телевизиска компанија која сакаше промени, која сакаше експериментирање, и затоа можев да се развивам на мој начин, како режисер.

 

Кога го направив краткиот филм во стилот на „Невен“ за Би-Би-Си ми беше речено дека морам да го сменам стилот или да ја напуштам програмата – избрав да ја напуштам програмата.

Слободата што ја открив кога дојдов во Југославија – Титова Југославија, која беше високо почитувана од сите во Велика Британија – беше толку освежителна. „Полетарац“ ја доби првата награда на фестивалот за Меѓународна детска програма Prix Jeunesse во Минхен во 1980 година. Мојата поранешна продуцентка од Би-Би-Си беше таму и ја однесе снимката од „Полетарац“ во Англија за да им покаже на режисерите, како што рекла, „пример како да се подготви програма за деца на претшколска возраст“.

Кога неколку години подоцна го посетив Би-Би-Си, неколку мои поранешни колеги изразија завист во однос на мојата уметничка слобода, и кога го споредив она што сум го направил во текот на претходните 12 години, со она што тие успеале да го направат, сфатив на што мислат. Тие имале прекрасни идеи, но никој од нив не успеал да ги реализира. Толку за демократијата.

Во тоа време, се сеќавам, читав интервју кое Андреј Тарковски го дал за американски весник. Репортерот го прашал како било да се работи соочувајќи се со сите тие цензури. Неговиот одговор беше дека можеби повеќето негови филмови не се прикажани во Советскиот Сојуз, но барем бил во можност да направи филмови кои сакал да ги направи, дури и ако тие биле за ограничен број гледачи. Рече дека вистинска цензура постоела во САД, каде режисерите можат да прават филмови кои ќе бидат успешни во кината и заработуваат многу пари.

Целиот мој телевизиски опус е подготвен во комунистичка Југославија. Погледнете ја телевизијата во демократска Србија. Тукушто почнав да работам како советник при Детската телевизија на РТС и за мене е очигледно дека денес е невозможно да се прават програми како што се „Невен“, „Полетарац“ и „Неделен Забавник“.

Се надевам дека одговорив на твоето прашање иако можеби ќе бидеш разочарана со некои аспекти на мојот одговор. Го ценам Тито и неговата Југославија и плачам над распадот на толку прекрасна земја - во гроб ќе ја однесам својата носталгија, колку луѓето и да ми зборуваат дека моите чувства се погрешни /заведени.“

Извор: Плусинфо / 6yka