А што точно е работа на премиерот?

22.05.2014 14:18
А што точно е работа на премиерот?

Отворено писмо до Александар Вучиќ

 

Почитуван претседателе на Владата на Република Србија,

 

Ви пишувам првпат со надеж дека ќе го прочитате моето писмо. Нема долго да ве давам, сфаќам дека сте многу зафатен, покрај својата работа работите и работи кои не се ваши, сфаќам дека никако не ви останува слободно време. Сакав, всушност, да ве прашам, што точно е ваша работа?

Кој е описот на вашето работно место? Мислам, знам, туку да проверам дали и вие знаете. Во таа смисла, би сакала да ве прашам и за што сѐ сте квалификуван? Дали сте по малку и спасувач? Имате некој курс, нешто? Мислам, сфаќам дека секој од нас по малку е спасувач и сето тоа е убаво, секој го прави она што може, но зарем вие лично не би биле покорисен за општеството ако ја работите баш, само и исклучиво својата работа?

Се сеќавам зимава, со некој хеликоптер одевте по некое завеано дете. Како да нема кој да го прави тоа, па морате баш вие. Сфаќам дека тоа спасување, во комбинација со вас, е уште поголема компликација отколку без вас во тој хеликоптер. Само размислувам на глас: Кога сега јас, неквалификувана и физички и ментално неспремна за акција за спасување, би тргнала со комплекс на Супермен да „спасувам“, би требало и мене да ми се обезбеди тим квалификувани спасувачи, да ме спасуваат мене.

Супер е тоа за фејсбук, имате слики на кои сте суперхерој, но реално, зарем не би било корисно, од својата фотелја да се погрижите вистинските спасувачи да добијат тринаесетта плата, или не знам, нова механизација? Капирате дека поради вас некој вистински спасувач останува без дневница? Викате доброволци, го разбирам тоа, овој народ уште од времето на Тито жестоко се пали на тие работни акции и чуда и глупости. И што испадна - илјадници доброволци, орни и спремни, тргнаа во несреќниот Шабац, за да затекнат тотален хаос. Нема лопати, нема вреќи, нема песок...

Добрите луѓе, вистинските Срби, ми го греат срцето во овој миг, со својата добра волја, ги оставија своите семејства и своите домови и обврски, и застанаа во калта дремејќи на дожд цела ноќ, никој дури не ги ни сликаше, немаме ни имиња ни презимиња, а секој од нив е народен херој на денот. Можеа да останат дома и да дремат на фејсбук цела ноќ, на суво. И што направија? Добрите луѓе се намачија, а работата остана незавршена. Е, гледате, ТОА беше ваша работа. Да организирате тимови стручњаци кои ќе ги организираат локалните органи на власта, кои понатаму ќе ги организираат доброволците.

Да ги организирате оние кои треба да обезбедат лопати, сместување, храна, евакуација, вреќи и песок. Ваша работа не е лично да вадите едно по едно дете од поплавата. Тоа е губење на вашето образование, вашата позиција, вашиот авторитет и вашата енергија и време. За рејтингот да не зборуваме. Јас моментално ве гледам како еден комплексаш кој е во состојба да работи на штета на општото добро за да добие неколку поени кај кусогледата раја, и веројатно, да го нахрани своето его, или што и да е. Мислам дека не сте свесни за позицијата на која сте, и која одговорност ја носи таа позиција. Вие не сте лик кој треба да крвари на првата линија на фронтот, вие сте лик кој треба да се погрижи никој да не крвари на првата линија на фронтот. За тоа што вие одите да „крварите“, никој паметен нема да ви рече „фала“, бидејќи тоа не е ваша работа.

Вие сте лик кој треба да обезбеди плати и пензии на време. Вие сте чиновник. Ваши се цифрите и бројките, законите, уредбите, параграфите. Ваше е да се придржувате до правилата, да го почитувате синџирот на команда, ваше е да поставите способни луѓе на клучните места кои ќе знаат што е синџир на команда и што е чија работа.

Немојте да ми кажете дека нема квалитетни и чесни луѓе, туку не ви се роднини, знам, незгодно е. Ваша работа е да се затворите во оној ваш кабинет и моментално да смислите како да нѐ извлечете од кризата која допрва ни претстои. Онаа криза која ќѐ не стигне сите за два-три месеци, кога пазарите ќе ни бидат празни бидејќи поплавата ни ги уништи посевите, онаа криза во која ќе увезуваме храна, оној домат од Кина или којзнае од каде, кој изгледа како фотошопиран, а има вкус како рдоква, дури не ни мириса како домат.

Вистинска криза, во која чесниот човек ќе се сврти кон криминал за да го прехрани семејството. Не е ваша работа да вадите деца од вода. Ваша работа е да соберете тимови економисти, агрономи, стручњаци (цело биро, не би верувале колку квалификувани и паметни луѓе) да ви помогнат, тие го знаат тоа, тоа е нивна работа. Ваша работа е да обезбедите средства за луѓето кои сега изгубиле сѐ да ги подигнат куќите, да обезбедат платени работни места, животите да им се вратат во нормала што побрзо. Се плашам дека нема да стигнете, од занимавање со туѓата работа.

Ваша работа е во следниот период да не скокнат цените на храната, која реално, ќе ја нема. Посевите се уништени, цели градови се потопени. Ваша работа е да го фатите за јајца гувернерот на Народната банка и да не му дозволите да ја дестабилизира валутата.

Ваша работа е да ја кренете економијата на нозе, да ја покренете и надгледувате обновата на инфраструктурата. Да обезбедите средства за вложување во земјата која ни пред ова не беше баш добра. Ако две деца се поважни од цела нација, и безброј деца кои веќе и допрва ќе страдаат од вашата негрижа и погрешно насочен труд, тогаш вие дефинитивно не сте на работно место соодветно за вас. Прекрасно е да се биде спасувач, нема тука ништо срамотно. Но како би ви било вам кога спасувачите би влетале во вашиот кабинет и би почнале со црвено пенкало да ги преправаат вашите акти, да ја кројат политиката и економијата? Што би им реке? „Господа, не сте квалификувани, работете си ја својата работа!“ Мислам, сигурно не сум прва која ви го вели ова.

Се надевам дека не сум прва. Се надевам дека не сте опкружен од тапкачи по рамо кои на секоја идеја, колку и да е лоша, дуваат во фанфари и се смешкаат: „Браво царе“. И немојте да ме сфатите погрешно, јас сум прилично аполитична, нема воопшто да се занимавам со вашите политички противници или со вашите одлуки, сега тоа не е важно, не е тема. Само се плашам дека просто нема да стигнете да ја работите својата работа, а имате прекрасна можност да се занимавате баш со тоа, мислам, тоа го сакавте, зарем не?

Се кандидиравте и сигурна сум дека сте поминале низ голем стрес околу изборите и целата таа перипетија, си создадовте непријатели и ривали. Би имале многу помалку стрес и главоболка ако сте спасувач. Србија е ок, секое чудо за три дена, малку имавме циклон, ќе го поминеме ние и тоа, не сме толку слаби и неотпорни на дожд. Нема да нѐ убие дождот и една тридневна поплава.

Ќе нѐ убие она после поплавата. Еве, да се обложиме дека веќе за една недела во медиумите нема да има ни збор за луѓето кои останаа без домови! Е, тие се ваша работа, дотолку повеќе затоа што не се во медиумите. Да ве е**т медиумите.

Извор: banjaluka.com