Исповедите на еден фудбалски зависник

07.07.2014 08:34
Исповедите на еден фудбалски зависник

Воопшто не се сеќавам што зборуваше Октавио Паз таа вечер, поради што искрено ми е жал, бидејќи тоа беше најучениот и најелоквентниот човек кој го запознав во животот. Но го паметам крајниот резултат. Мексико-Италија: еден-еден.

Три недели не правев ништо, само гледав фудбал. Косењето на тревата, плаќањето сметки, работата на есејот и предавањето чиишто рокови опасно се ближат, пишувањето на задоцнетите препораки и сочувства, одговарањето на десетина итни мејлови и пишувањето на лутото писмо до Њујорк Тајмс со набројување на бројните историски грешки во неодамна објавената статија на Џон Бeрнс за 100-годишнината od сараевскиот атентат од 1914 година врз надвојводата Франц Фердинанд - сето тоа ќе мора да почека. Бидејќи треба да се изгледаат 64 натпревари, вистинско чудо е што воопшто стигнувам да ги измијам забите и да ги заврзам врвките на чевлите. Единствените телефонски повици на кои одговарам се оние од другите зависници кои сакаат да зборуваме за натпреварот кој го гледаме. Ако некој неочекуван гостин случајно се појави на вратата, ќе се угледам на фудбалерите и ќе одглумам повреда, паѓајќи на подот и превиткувајќи се во маки додека не си отиде.

Затоа минатата недела се запрепастив кога жена ми влета во дневната соба, каде штотуку се раскомотив во фотелјата за да ги гледам Холандија и Мексико, да ме праша дали сакам да одам со неа и нашата внука да береме јагоди. Зинав во неверување. Сакав да ја замолам да ми го повтори тоа, но се потсетив како тоа оди со фудбалот и жените во моето семејство. Баба ми еднаш дојде да ме гледа како играм и кога се вратила дома ѝ рекла на мајка ми: „Сите други деца убаво трчаа и ја шутираа топката, само син ти скокаше горе-долу и мавташе со рацете.“

Колку и да е несфатливо, на оваа планета има луѓе кои воопшто не ги интерсира Светското првенство. Не само во САД, каде ѝ се потсмеваме на оваа увозна забава и каде глобалното лудило за оваа игра ни е неразбирливо, туку и во земјите каде судбината на националниот тим во таквото натпреварување со месеци е единствена тема на разговор. Се сеќавам дека еднаш го посетив големиот мексикански поет Октавио Паз во Мексико Сити на денот кога неговата земја играше против Италија на Светското првенство 1994. Прво два-три часа се забавувавме, пиејќи вино и слободно разговарајќи за книжевност и уметност. Но на мое изненадување и паника, кога дојде време за натпреварот, наместо да го вклучат телевизорот, Паз и жена му ме однесоа мене и мојот преведувач во француски ресторан каде што седевме опкружени со празни маси, бидејќи таа вечер сите останати во Мексико или беа дома и го гледаа натпреварот или беа на големите плоштади низ градот каде што го следеа преносот на големо платно. Додека се расправавме околу Хајдегер, се сеќавам дека ги слушав извиците и воздишките на колективно разочарување кои допираа до нас од масите надвор. Очаен да го слушнам резултатот, постојано станував и одев до тоалетот да фрлам поглед во кујната, каде готвачите и келнерите го гледаа преносот. Воопшто не се сеќавам што зборуваше Октавио таа вечер, поради што искрено ми е жал, бидејќи тоа беше најучениот и најелоквентниот човек кој го запознав во животот. Но го паметам крајниот резултат. Мексико-Италија: еден-еден.

За нас во Америка кои се сеќаваме на времињата кога Светското првенство ни го даваа на лажичка, емитувајќи само неколку натпревари на телевизија, па човек мораше да се вози во Канада или Мексико и да изнајми хотелска соба за да ги гледа останатите натпревари, овој турнир од еден месец со 32 екипи и секој натпревар пренесен во живо е вистински рај за фудбалските зависници. Обично се воздржувам од овој порок. Од август до мај ја следам англиската Премиер лига, минувајќи низ екстремни промени на расположението преку викенд, бидејќи навивам за Арсенал, но останатите денови од неделата водам нормален живот и речиси и не размислувам за следниот натпревар. Но Светското првенство е нешто друго. Во првиот круг на годинешното првенство пријдов со некаква олимписка рамнодушност, не грижејќи се премногу кој тим ќе победи и со еднакво интересирање следејќи ги долгогодишните фаворити и земји кои имаат мали или никакви шанси да одат понатаму. Како секој навивач, и јас имам идеи како треба да се игра и уживам во предвидувањето што ќе направат тренерите и судиите или играчите во клучните моменти. Секако, после неколку недели, непристрасноста исчезна. Се заљубив во дисциплинираните, брзи контранапади на Костарика, Мексико, Колумбија и некои други тимови кои изгледа никој не ги известил дека треба да паднат ничкум кога играат против Шпанија, Англија и Италија.

Повеќе од кое било друго Светско првенство кое го паметам (а од 1950 гледав шеснаесет) ова го одбележаа аутсајдерите, тимовите кои се еднакво талентирани и подготвени како нивните славни противници. Дури и Бразил и Аргентина, двете големи фудбалски држави со Неимар и Меси и други познати имиња на списокот, често делуваат неодлучно и безидејно во нападот и едвај, како што видовме, ги совладаа Чиле и Швајцарија. Холандија и Германија во прв момент изгледаа цврсто и вешто, но едвај се провлекоа покрај Мексико и Алжир, тешко е да се даваат прогнози. Претпоставувам дека ќе има уште епски битки и изненадувања. Што се однесува до САД, не очекував дека ќе се бранат толку добро и ќе играат толку надарено со два гола разлика против Белгија, но за да ја оправдам мојата пророчка репутација, морам да напоменам дека на мојата мачка Зелда (за која мислам дека потајно навива за Ливерпул) ѝ реков дека Суарез, кого многу го почитувам како играч, можеби ќе почне да гризе ако наиде на некој тврдоглав и непопустлив бек на годинешното првенство.

Досега ова беше многу забавен турнир - не само поради драматичноста и неизвесноста на многу возбудливи натпревари и бројни постигнати голови, туку и поради спектаклот. Бразилците никој не треба да ги учи како да се забавуваат, но во тоа им помогнаа и навивачите од другите земји, давајќи им на натпреварите карневалска атмосфера и пружејќи им на будните камермани многу симпатични сцени, како онаа на младиот пар кој се гушка и плаче по поразот на нивната репрезентација во последната минута, па потоа одеднаш, откако се видоа на големиот стадионски екран, почнаа да мавтаат и весело да им се смешкаат на своите пријатели и роднини дома. Би сакал сите да го направиме тоа кога последниот натпревар од Светското првенство ќе се приближи до крајот. Во меѓувреме, останува една мистерија: кој на талентираниот млад играч за врска од Костарика........ МУ ДАЛ ИМЕ....... по Борис Николаевич Елцин, неспособниот и често пијан поранешен претседател на Русија?

Извор: NYRBlog, 02.07.2014.
Слики: Joachim Schmid, сателитски снимки од „диви“ фудбалски терени во Бразил