Насилството е лош избор кога избор има!

15.07.2014 14:32
Насилството е лош избор кога избор има!

Мала утеха за симпатичните Бразилци ем Бразилки, особено за Бразилките во нивните неповторливи скулптуралности: поразот на Кариоките од Алеманите во полуфиналето на Светското првенство (1:7) е пичкин дим во однос на поразот што во финалето на Историјата го доживува Македонија против фамилијарната репрезентација на националистичките умислености и на апашанистичките хохштаплеристи за кои во македонската академија на неуките се вели дека влечеле корени директно од Аминта Трети, мислам дека беше и од целата таа парада Аргеада, со Марко во улогата на стопер со скинати ментални лигаменти во екипата на селекторот од „Илинденска“ у бароку и со Гешковска како Хемас Родригез кој(а) на моменти се претвора во Катарина Вирт и Милка Бабовиќ во едно, за да може жената односно човекот да си ги коментираат своите трикратни аксели и луцеви на неправосудниот терен во Црното Хоризонте на Македонија! Каква беда, луѓе мои!

За Бразилците има утеха и без мојот гест: можат луѓето да налетаат на некоја анаконда во околината на Манаус и да се уверат дека притисокот на Германците не е најстрашната работа на светот или да се џитнат од Корковадо и од Главата шеќер на ситната песок крај Копакабана и Ипанема и да забележат дека да те треснат на фудбалскиот терен може да ти се види како убава масажа во однос на приземјувањето на животот, но што да правиме ние, има ли утеха за нас?!

Од петропарадниот крст на националниот срам во Аеродром, човек може да се лизне како мокар глушец. Кај да ги начукаат шајките ако посакам да умрам како Исус! Од ниедна височина во Македонија човек не може да се фрли кон дното затшто дното веќе го има треснато по главата!

Качете се на Триумфекалната капија или на барокната влада на најопасниот психосоциопат и ќе видите дека ќе умрете од срам пред да се фрлите кон дното! Тоа е разликата меѓу Македонците и Бразилците. Ние немаме загубено од Германија туку од вмро, добро, и од дуи, резултатот не е 1:7 туку 0:8 години, ние немаме копакабани и ипанеми (со сиот респект кон подвигот на скопската градоначалничка будала на бреговите на реката што освен малку вода, носи многу гомна и по некој крст), немаме дно, односно дното се има кренато како асфалт кон лицето на пијаниот, но главата на Македонецот не ја има сплескано туку испразнето и таа е сега, како тиква во американските ноќи на вештерките, така е некако шуплива и мртво-жолто осветлена! Шеќерна не е сигурно!

Какви биохемиски процеси се одвиваат во главите на луѓето кои се во состојба, без око да им трепне, хируршки да ги одвојат своите дела од себе! Да ги објективизираат како да се на друг, да ги анализираат и да ги критикуваат и да предлагаат мерки за решавање на проблемите што самите ги предизвикуваат, сметајќи се себеси за самоподразбирачки субјект што ќе го организира и надгледува замачкувањето на сопственото срање низ општественото буниште!

Земете ги, на пример, светлите ликови на премиерот и на неговиот главен коалициски партнер! Едниот, за кого имав политички симпатии додека не фати да сади тикви со македонскиот ѓавол во нивата што шејтанот ја смета за своја, бара меѓународен мониторинг на случајот „монструм“ без да забележи дека, всушност, бара конзилиум што ќе го посматра него како еден од најодговорните за инсталацијата на монструозниот антиправен систем, а прајминистерот нема да дозволел ескалација на насилствата што самиот ги произведува?!

Основниот проблем не е самата судска одлука во случајот „монструм“ туку фактот дека низ монструозната практика во изминативе осум години на општеството му се одземени сите критериуми според кои тоа може да има доверба и минимален респект кон тие што ги носат одлуките! Со помош на меѓународната заедница Македонија е претворена во едно малку поголемо Смиљковско Езеро крај кое власта секојдневно ги убива луѓето во поим! И пред Велигден и пред Рамазан и пред кој било празник! Сеедно дали таа ликвидација се врши во судските сали или во хеликоптери!

Системот што е инсталиран да опслужува партиски интереси во партиска држава не може да произведе правда дури и кога поради поза или во најдобра намера, работи како да е смртно вљубен во вистината и правдољубивоста! Дури и кога ќе произведе правда - таа е мртва зашто никој не му верува! Има ли право да протестира осудениот на смрт!? Има, вели човекот што мисли дека е претседател, поглаварот на Исламската верска заедница, американската амбасада, Едгар Џозеф, прајминистерот фром барокот, Европската унија итн... ако не му ја тапи балтијата на крвникот, односно ако протестира мирно!

Ненасилните протести имаат смисла во високоразвиени демократии во кои е развиена релацијата меѓу одговорноста и општествената ќудоредност: што значи, меѓутоа, мирно да се протестира пред дивата свиња што ти ги уништува посевите? Мирните протести се достоинство на консолидираните општества! Со извесна доза на цинизам би можело да се каже дека нашите проблеми се последица на политичката култура на широките народни маси, култура која ги учи луѓето да трпат насилство, а не да вршат насилство! Да бевме малку насилни кога се градеше (јас тогаш повикував преку „Глобус“ на насилство) спомен-домот на онаа будала од архитект или да бевме насилни кон првите три столба на таканаречениот Археолошки музеј, да фрлевме со две гајби јајца врз скандалозните инсталации во Мууу Зејот на смртта, да го тресневме Груевски со некоја кондура по главата или макар да го набутавме сосе стапалата во кокпитот на некоја македонската или странска, сеедно, формула еден, сѐ ќе беше поинаку, можеби дури и хеликоптерите сѐ уште ќе млатеа со своите перки!

Ние сме жртви на насилството на власта и на ненасилството кое од граѓаните прави раја! Само грозно анестезирани, медиумски дрогирани и на друг начин обработени луѓе можеа ненасилно да го издржат, не насилството туку тортурата и државниот тероризам што се спроведуваа изминативе осум години во Македонија.

Насилството е, се разбира, лош избор, но тоа е лош избор само кога избор има!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото