Една мачка била мошне витка

17.07.2014 12:03
Една мачка била мошне витка

Една мачка била мошне витка

Една мачка била мошне витка,
една мачка мошне долга била,
и имала долги ноџиња
и папучи од тенка кожичка,
и цела низа долги тенки пруги,
и цела низа трепки и милности други
- баеги била фина, ко вила;
во умот не била плитка,
брачен другар немала
(на понудите им велела „фала“);
сама алиштата си ги перела,
сама храната си ја мерела,
спремна да зготви, да зачисти,
никогаш не стоела бадијала.

Само една мака имала,
ако подлабоко се помисли:
високо го држела вратот
кога одела по патот,
во небото само ѕверела,
погледот угоре го терала
колку и да бил саатот;

ни наутро, ни вечер, ни напладне
главата не можела да ѝ падне.

 

Не сакала ни да седне
гледајќи како облаците се лизгаат
по небото како Кнор округлички,
и како разлеани маглички брзгаат,
и како дождот се крши во куглички,
и како вечерта ги мачка со мрак
месечинските нокти како со лак,
никогаш не ѝ текнало со око
кон земјата да фрли ѕрцало,
кон земјата да фрли светало;
само кон ѕвездите се ококорувала,
само од ѕвездите не се заморувала,
на земјата ич не ѝ се покорувала.

 

Тогаш оваа мачка среде град
го сретнала глушецот на плоштад.

Тој глушец бил сосема сив:
имал сива опашка,
сиви шепи, сиви уши,
не бил ни лош, башка,
не сакал да пие и пуши,
не бил убавец ама ни грд,
и секогаш паѓал на грб.

Тој глушец везден по патот итал,
сосем наведнат насекаде скитал,
и само во земјата зјапал,
и само во земјата гледал,
каде и да одел, каде и да стигал
главата никогаш не ја подигал;

наполно на тоа му се предал,
и гледал како треви лабави
на ветрот нишаат глави,
и како мравка бумбар дави,
и како цвет во цвет се вглавил,
и како исто споени буби
трубат во сламки-труби,
и како две зрнца прав
на улица се љубат без страв.

Кога мачката глушецот го сретнала,
не ни знаела, крај него летнала
оти главата не сакала да ја крева
и да се одвои од небескиот свод;
глушецот тогаш гледал во трева
и се движел со мошне брз од
како сокол или брод;
и како на сокол окото
свртено му било удолу длабоко;

и така не било ништо.

Но, на мачката ѝ рекле дека е тапа,
дека не е добро везден да зјапа
во вис, везден главата да ја подига,
погледот и пониско треба да стига,
погледот и долу да дојде треба;
мачката тогаш малку се поколебала,
и одеднаш вратот кон земја го свила
и ѕрцала на нос ставила,
сфатила дека била опседната
и затоа сосем се поднаведнала

и в земја само ѕурела,
и в земја само ѕверела,
тревки мерела и треперела.

Посматрала како по патот нозе
си се шетаат дека им се може,
разни нозе, женски и машки,
кучешки, мачешки, мечешки,
врабешки, сврачешки, пилешки,
кравешки, телешки, овчешки,
жабешки, магарешки, човешки;
имало нозе на Х, на О и на букви други,
секакви чевли имало баеги:
налик на чамци, кајаци, бродови,
од секакви родови, со секакви одови,
чевла што тропка, што тупка, што цупка,
што има дупка на ѓонот, а и без дупка.

Глушецот тогаш видел, светот збори
дека не е добро везден да се ќори
само в земја ко мамлаз,
го искористил периодот,
го искористил поводот,
ја подигнал главата како млаз
и се загледал кон сводот;
оттогаш почнал везден да зјапа
во ѕвездите и млечните стази,
во облаците од бели гази,
во облаците од бели пени,
сфатил што сега го плени
и само ѕурел во небото вишно.

Ништо не било скришно,
мачката одново, машала,
додека по градот акала
глушецот го сретнала
и не знаела, оти не сакала
ни за миг да подигне врат;

глушецот имал сличен таксират
бидејќи одел како пијан брод
гледајќи кон небескиот свод;
ѝ рекол само „Добар ден!“
и ја потчепнал во одот.

и така не било - ништо.


Епилог

Една мачка еден глушец
без престан ловела, како мутава,
ту го мавала, ту се преправала,
ту од забава, ту за слава,
ситуацијата била - турлитава:
час била трезна, час сосем ѕвизната,
час умна, час мошне шизната,
помеѓу кантите и старите работи...

Иако морала да се доработи
целата таа чудна зафрканција
и иако прашувале: „И сега што?“

на крајот немало - НИШТО!

 

А зошто? - Ќе ви објаснам тамам,
ако настанов стварно ве чачка,
то ест еден предлог ќе ви дадам:
бидете самите глушец и мачка,
бидете самите глушец и мачка!

Препев: Пандалф Вулкански
Слики: Dušan Kállay
Извор: Luko Paljetak, Miševi i mačke naglavačke (1973)

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото