Мегаломанските градежни проекти на политичарите

18.07.2014 11:22
Мегаломанските градежни проекти на политичарите

Реката Мозел отсекогаш го фасцинирала Георг Ласке. Таа притока на Рајна полека меандрира низ питомите и идилични краеви на западна Германија, низ подрачјата Ајфел И Хунсрик. На ридовите кои се издинуваат покрај Мозел се наоѓаат некои од најдобрите лозја во Германија. Поради сите тие причини, Ласке пред 20 години од развревениот велеград Келн се преселил во Ирциг, мало село на брегот на реката. „Ме фасцинираше пејзажот кој зрачи со неверојатен мир. Местото е како создадено за одмор“, раскажува Ласке.

Бесмислен проект

Но сега идилата би можела да биде загрозена: до 2016 година преку долината на Мозел би требало да биде изграден највисокиот вијадукт во Европа. Со своите 160 метри височина и 1,7 километри должина, мостот би требало да го приближи економскиот и сообраќаен центар Франкфурт на Мајна до земјите од Бенелукс и пред сè до ротердамското пристаниште. За сега од мостот не се гледа многу, но темелите за три од вкупно дванаесетте столбови на кои мостот треба да се потпира веќе се излеани. „Ме стега срцето секогаш кога поминувам овде“, вели Георг Ласке. Тој како и многу други се сомнева во целисходноста на тој мамутски проект.

Кога првпат слушнал за плановите, Ласке прво помислил дека станува збор за некаква несолена шега. Економската и логистичката смисла на мостот на прв поглед не е видлива. Но, идејата за тој градежен џин настанала уште во шеесеттите, на врвот на Студената војна. Американските и НАТО единици со стратешкото, нуклеарно вооружување, кои сè уште се стационирани тука, сакале со тој мост подобро да ги поврзат упориштата од двете страни на Мозел. Меѓутоа, дури ни Студената војна не можела да послужи како катализатор за финансирање на толку скап проект. Освен тоа, експертизите покажале дека новиот мост не би го скратил патот од Франкфурт до Ротердам, туку всушност би го продолжил и тоа за цел час.

Парите на даночните обврзници

Четириесетина години подоцна, во 2008, германската влада, за да ги ублажи последиците од глобалната финансиска криза, одлучи да издвои 50 милијарди евра за инвестициски проекти ширум земјата. Оттогаш многу локални политичари при финансирањето на проектите, кои инаку никогаш не би биле финансирани, задоволно ги тријат рацете. Така е и со локалните политичари во главниот град на државата низ која во најголем дел тече Мозел. Рајнланд-Пфалц вложи 20 милиони, а сојузната влада во Берлин ги вети преостанатите 250 милиони евра. Почетокот на изградбата е проследен со жестоки протести на љубителите на вино од целиот свет, но и ограноците на тогашната опозициона Партија на зелените. Меѓутоа, денес пратениците на таа партија седат во владата на Рајнланд-Пфалц, а нивните гласови против изградба на мегаломанскиот проект стивнаа.

Порозно вулканско тло

Единствените кои добро живеат поради мостот преку Мозел се авторите на стручните експертизи. Во меѓувреме се собраа многу од нив, а одлика им е да не се согласуваат во мислењата. Додека оние студии кои ги нарачува локалната власт поаѓаат од сообраќајот со интензитет од 25.000 возила дневно, студиите кои ги нарачува сојузната влада во Берлин по правило сметаат најмногу на 13.000 возила. Освен тоа, поради многубројните тужби на лозарите од крајот кој е познат по својот ризлинг, проектот постојано лебди во воздух.

Политичарите одлучија така

Нестабилното вулканско тло не е опасност само за лозарите. Според мислењето на некои експерти како Едмунт Краутер од Универзитетот во Мајнц, лизгачките падини би можеле да ја загрозат стабилноста на столбовите на кои би требало да почива гигантскиот вијадукт. „Свлечиштата го поместуваат тлото и до длабочина од 50 метри, а токму тоа е длабочината до која достигнуваат темелите на столбовите“,вели Краутер. Неговиот колега Харалд Езес, директор на Службата за геологија и рударство на Рајнланд-Пфалц, веќе со години предупредува на проблемот на изградба на толку масивен објект на такво трусно подрачје. Во меѓувреме, Езес, како што се проценува, по „тегнењето за уши“ од покраинската влада во Мајнц, повеќе не зборува негативно за „проектот на векот“. За секој случај, нарачано е уште едно истражување кое би требало да го проучи влијанието на изградбата врз квалитетот на водата. Цената на истражувањето - ситница: 250.000 евра.

Инаку, трошоците за изградба на вијадуктот преку Мозел до сега се искачија на 375 милиони евра, а многу е веројатно дека таа сума ќе продолжи да расте. Бидејќи, како што вели геологот Краутер: „вијадуктот ќе се гради без оглед на сè, затоа што политичарите одлучија така“. Најавите на политичарите дека „највисокиот вијадукт во Европа би можел да привлече дополнителни туристи во долината на Мозел, се слаба утеха за винарите.

Извор: Deutsche Welle

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото