Пандева салата

26.07.2014 16:22
Пандева салата

Панде Колемишевски сакал да соопшти неколку горе-долу познати факти!? Така барем соопшти во својата колумна „Отворено општество – затворени медиуми“, објавена во петочниот „Дневник“. Не ме мрзеше, па го прочитав тоа што го соопштил некогашниот генерален директор на НИП „Нова Македонија“ и заклучив дека тој и денес е скаран со фактите, како што беше и кога директоруваше со НИП-от. Ред лаги, ред премолчувања, па ред подметнувања – тоа е рецептот за новинарството Пандево, рецепт кој го доведе до директорската фотелја. Доследен си е тој во напорите да ѝ угоди на власта, која и да е и каква и да е. Толку е доследен што почна и да објавува колумни во весникот за кој до неодамна тврдеше дека е плод на планот на министерот за внатрешни работи Фрчковски за уривање на НИП-от на Панде, план што бил финансиран од Сорос. И да биде иронијата поголема, најголем дел од лагите во вчерашната колумна објавена во „Дневник“ се однесуваат токму на „Дневник“.

Но, ајде го потсетам Пандета на еден факт што тој упорно го премолчува. Имено, три години пред појавата на „Дневник“, Соросовата фондација го спаси од клиничка смрт неговиот НИП со донација од 50 тони рото-хартија во вредност од 60.255 УСД. Тоа беше еден од првите грантови за медиуми што ги даде Фондацијата, за да не биде Македонија единствената од бившите југословенски републики која на почетокот од транзицијата ќе останеше без печатени медиуми. Панде излажа кога соопшти дека во 1997 година Фондацијата го спасила „Дневник“ од згаснување. Фондацијата не го спасуваше „Дневник“ од згаснување, туку го овозможи појавувањето на „Дневник“ на 20 март 1996 година со два гранта во износ од 48.886 и 12.147 УСД и со бескаматен заем од 70.139 УСД (вратен уредно и на време), сите дадени во 1995 и 1996 година. Вкупно 132.000 УСД, значи далеку од Пандевите „сума сумарум два-три милиони тогашни марки“. Не лаже Панде само за годините, лаже и за сумите. А лаже и кога соопштува дека во фамозната 1997 година „Сорос беше тој што на редакцијата (веројатно мисли на „Дневник“, м.з.) му купи машина за печатење ’Европа 92’ во Кочани“. Репарираната рото-машина за приватната печатница во Кочани беше купена во 1994 година, значи две години пред да се појави „Дневник“. Настрана тоа што во неа не се печатеше само „Дневник“. Печатницата „Европа 92“ беше проект со кој беше надминат монополот на печатницата на НИП-от и му беше намалена моќта на Панде. А „Дневник“ го укина монополот на вистината во печатените медиуми. Тоа се вика плурализам во медиумите, Панде! Плурализмот беше целта на Фондацијата, тој беше предуслов за отворање на македонското општество. Плурализам во политиката, плурализам на пазарот, плурализам во сопственоста, плурализам во медиумите, Панде!

Во најновата салата, Панде соопшти една од помрсните лаги: „Дневник“ требало да ја урива владата на СДСМ во периодот по атентатот на Глигоров! И одново во лажењето има проблем со датумите. Првиот број на „Дневник“ излезе во март 96, а изборите беа две години подоцна! А за да може да ја протне оваа лага, Панде се откажал од својот „адут“, овој пат ја премолча приказната дека Фрчковски го смислил „Дневник“. Зашто, кој ќе поверува дека Фрчковски ја уривал владата во која бил министер! Но, малку му е на Панде лагата дека „Дневник“ требало да ја урива владата на СДСМ, па ја надградува соопштувајќи дека со „спасувањето“ требало „да се афирмира и поддржи новата партија на Албанците, ДПА“. Тоа веќе се вика апла подметнување. Еднакво валкано како Пандевото премолчување на улогата на новата партија Демократска алтернатива, која по изборите во 1998 година стана дел од коалицијата на власт, заедно со ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, и се прослави со ветувањето дека Тајван ќе ни го плати признавањето со милијарда долари. А наместо милијарда долари, Македонија доби кинеско вето во Советот за безбедност и граница напуштена од војниците на ОН. Скапо ја чинеше Македонија ветувањето за милијардата долари, ветување кое беше надминато само од ветувањето на Груевски за инвестиции од осум милијарди! Евра или долари, не паметам веќе. Како што веројатно не паметат ни македонските граѓани.

Панде соопшти и дека „печатените медиуми посебно се офајдиле“ од еден проект со кој „се уриваше владата на Љубчо Георгиевски“ во летото 2002 година. „Уривањето“ се состоеше во набавката на едно товарно возило за кое Фондацијата потроши 21.000 УСД и ѝ го даде на користење на фирмата „Мозаик, Јохан и др.“, дистрибутер на „Утрински весник“, „Вест“ и „Македонија денес“. Но, Панде проценил дека едно возило е малку за неговото соопштување на фактите, па го мултиплицирал во „пет-шест возила“ доделени на фирмите што ги издавале весниците. Но, каков беше тој проект „со кој се уриваше владата на Љубчо Георгиевски“? Меѓународната организација за миграција (IOM), која Панде ја соопштува како „една странска агенција“, небаре е ЦИА, потроши 66.111 УСД за дистрибуција на бесплатни весници во руралните области во кои единствениот извор на информации беше МТВ. Ете од што се состоеше посебното офајдување и уривањето на владата на Љубчо Георгиевски, владата која падна на изборите со рекордна излезност од над 72%.

Како да се разбере потребата на Панде да излаже дека граѓанската иницијатива ГЕМ била составена од „пет-шест новинари“? Не е белки дека не знае дека од шестемина иницијатори на ГЕМ новинар е само Бранко Героски. Дури и ако се земе некогашниот стаж на Роберто Беличанец како новинар во „Фокус“, тешко е со Мерсел Билали, Никола Гелевски, Жарко Трајановски и Владимир Милчин да се стигне до бројката од пет-шест новинари. Се разбира, тоа не е најважниот „факт“ соопштен од Панде. Што правеле, според Панде, овие шестмина на трибините низ градовите и, внимавајте, селата? „Повикуваа да се смени акронимот ФИРОМ, односно државата да прифати друго име под кое ќе влезе во ЕУ и во НАТО“. Да, вистина е дека гемовци укажуваа на тоа дека акронимот FYROM е грчко лукавство за потиснување на помалку лошата за нас привремена референца FYR of Macedonia. Токму Фондацијата беше еден од носителите на кампањата Don’t You Fyrom Me! Како што е вистина дека токму „Операцијата антиквизација“ на Груевски ги зајакна позициите на Грција и ја оневозможи нашата одбрана на уставното име. Затоа гемовци се залагаа за реафирмирање на најповолниот предлог на Нимиц, понуден пред самитот во Букурешт: Republic of Macedonia (Skopje), без задирање во македонскиот национален идентитет и во јазикот. Камо среќа тоа решение да беше можно денес. Но, предлогот на Нимиц беше торпедиран. Јас се надевам дека сепак ќе го дочекам денот кога јавноста ќе дознае со чија „заслуга“ беше испуштена таа шанса.

Поминаа години оттогаш, гемовци беа прогласени за предавници и граѓанската иницијатива ГЕМ замре, Груевски продолжи да глуми дека преговара за „разумен компромис“, носи беџови со FYROM, а Соросовата фондацијата се вика Фондација отворено општество – Македонија. Македонија не е ни за милиметар поблизу до ЕУ и НАТО, едно мнозинство граѓани во анкетите се изјаснува дека сака во ЕУ и НАТО, друго мнозинство граѓани не прифаќа никаква промена на името, но едно малцинство граѓани си го менува државјанството и идентитетот за да замине во земјите на ЕУ и НАТО. Македонија се празни, а џебовите на Груевски, на неговата камарила и „авукатите“ се полнат.

И каква смисла има да продолжам со разоткривањето на лагите, премолчувањата и подметнувањата од салатата на Панде? Да му соопштам дека гемовци држеа трибини по „градовите и селата“ без надомест, дека најголемиот дел од фамозните 310.000 евра беа потрошени на опремување и одржување на Клубот ГЕМ во кој од мај па заклучно со декември 2010 година беа одржани 102 настани (дебати, семинари, промоции, изложби) организирани од 39 правни и физички лица? Панде го знае тоа, но папагалски и послушнички ги рециклира, а понекогаш и само ги повторува манџите зготвени во Центарот за дезинформации на владејачката партија. Тоа е неговата лична војна, одмаздата за изгубената империја, за никогаш непрежалената фотелја во НИП-от, во кој беше и алфа и омега. Затоа е слеп и глув за исчезнувањето на медиумските слободи, за погубувањето на А1 и трите дневни весници од „Перо Наков“, за притворањето на Кежаровски, за неразјаснетата смрт на Никола Младенов, за преку ноќ сменетите уредници и набркани новинари... Ја одработува сопствената надеж дека со враќањето на едноумието ќе му се врати и фотелјата.

Извор: Плусинфо, 26.07.2014.
Слики: Lina Manousogiannaki