Новите времиња

18.08.2014 13:02
Новите времиња

А што војниковата жена доби

А што војниковата жена доби
Од престолнината древна, Прага?
Од Прага доби чевлички -
Тие потпетици, тие чевлички! -
Тоа таа го доби од Прага.

А што војниковата жена доби
Од Варшава, на брегот на Висла?
Од Варшава доби блуза од лен -
Шарено ткаена блуза од лен! -
Тоа таа го доби од брегот на Висла.

А што војниковата жена доби
Од Осло над Сунд?
Од Осло доби крзнена јака,
За зима јака крзнена јака,
Од Осло над Сунд.

А што војниковата жена доби
Од богатиот Ротердам?
Од Ротердам прекрасен шешир,
холандски шешир насмев што шири,
Тоа таа го доби од Ротердам.

А што војниковата жена доби
Од Брисел, белгиската земја?
Од Брисел доби чипка фина,
Ко пајажина чипка фина,
Тоа го доби од белгиската земја.

А што војниковата жена доби
Од градот на светлината, Париз?
Од Париз доби руво од свила,
Сосетките да цвилат: руво од свила,
Тоа таа доби од Париз.

А што војниковата жена доби
Од либискиот Триполи?
Од Триполи ѓерданче вито,
Од зло што штити ѓерданче вито,
Тоа таа доби од Триполи.

А што војниковата жена доби
Од широката руска земја?
Од Русија доби црн вел,
За животот цел црн вел,
Тоа доби од руската земја.

 

PJ Harvey : Ballad of the soldier's wife - lyrics - Kurt Weill, Bertolt Brecht

 


На германските војници на Исток

1
Браќа, да сум кај вас,
Да сум еден од вас на снежните полиња на Исток,
Еден од илјадниците вас помеѓу железните возила,
Би го рекол она што и вие го велите: Мора да постои
Некој пат што води дома.

Но, браќа, драги браќа,
Под челичниот шлем, под черепот
Би го знаел она што го знаете и вие: одовде
Веќе нема пат накај дома.

На мапата во школскиот атлас
Патот до Смоленск не е поголем
Од фиреровиот мал прст, но
На снежните полиња тој е подалечен,
Мошне одалечен, премногу далечен.

Снегот нема да се одржи вечно - само до пролет.
Но ни човек не издржува вечно. До пролет
Нема да издржи.

Јас, значи, морам да умрам, тоа го знам.
Морам да умрам во шинел на разбојник,
Да умрам во кошула на паликуќа.

2
Браќа мои, да сум кај вас,
Со вас да акам преку ледените пустини,
Би ве прашал како што и вие прашувате: Зошто
Дојдов ваму од каде што нема
Пат за дома?

Зошто облеков шинел на разбојник?
Зошто облеков кошула на паликуќа?
Не го направив тоа зашто бев гладен,
Не го направив тоа зашто сум крвожеден.

Туку само затоа што сум роб
И што така ми е наредено
Тргнав да убивам и да палам.
И сега морам да бидам прогонуван,
И сега морам да бидам смачкан.

6
И веќе нема да ја видам
Земјата од која сум дојден,
Ни баварските шуми, ни планините на југот,
Ни морето, ни бранденбуршката пустелија, ни борјето,
ни лозјето крај реката во Франкија.
Ни во сива зора, ни напладне,
ни кога вечерта ќе се спушта.

Ни градовите, ни градот во кој се родив.
Ни својата работна маса, собата - никогаш веќе,
Ни столот.

Никогаш веќе сето тоа јас нема да го видам.
Ниту кој било друг што со мене тргнал
Кога било сето тоа ќе го види.
Ни јас ни ти веќе никогаш
Нема да го слушнеме гласот на жените и мајките,
Ни ветрот над оџакот во родното место,
Ни вревата на градот, радосна ил’ горчлива.

7
Туку ќе умрам на пола живот
Несакан, непотребен,
Глупав возач на некоја воена направа.

Невразумен, освен во последниот миг,
И неиспробан, освен како убиец,
И непотребен, освен на џелатите.

И ќе лежам под земјата
Што сум ја разорил.
Штетник за кого не е штета.
Ќе здивнат над мојот гроб.

Оти што во него ќе биде закопано?
Товар месо в тенк, месо што брзо изгнива.
Што тука ќе исчезне?
Една сува грмушка што промрзнала,
Поганштина со лопата отстранета,
Смрдеа што ветрот ја развејува.


Новите времиња

Новите времиња не почнуваат наеднаш.
Дедо ми веќе живееше во ново време,
Внук ми исцело уште ќе живее во старото.

Новото месо се јаде со стари вилушки.

Самодвижните возила уште не беа новото време,
Ни тенковите,
Авионите над нашите покриви уште тоа не беа,
Ни бомбардерите.

Од новите антени доаѓаа старите глупости.
Мудроста се пренесуваше од уста на уста.


Жигосани поколенија

Многу пред над нас да се појават бомбардерите
Нашите градови веќе беа
Несоодветни за живот. Канализацијата
Веќе не ни го носеше
Ѓубрето.

Многу пред да паднеме во бесцелните битки,
Додека уште шетавме низ градовите што сеуште стоеја,
Жените веќе ни беа вдовици
А децата наши сирачиња.

Многу пред во јами да нè фрлат оние што и самите се жигосани
Бевме без радост. Она што варта
Од нас го изгриза
Веќе не беа лица.


Јас, преживеаниот

Знам, се разбира: само благодарение на среќата
Надживеав толку пријатели. Но ноќеска в сон
Ги слушнав тие пријатели како за мене велат: „Посилниот преживеа“,
Па се мразев себеси.

Цртежи: Max Beckmann (1884–1950)
Превод: П. Вулкански

Сроден прилог:
Песна на додворувачот

ОкоБоли главаВицФото