Легално или легитимно?

17.09.2014 12:05
Легално или легитимно?

За човек писмен, начитан, со широка култура, насловното прашање би требало да биде беспредметно. Дури апсурдно и смешно. Та и мене, пишувајќи ги редовиве, прашањето ме потсети на вицот со две плавуши што се караат. Но, поради неприфатливата сексистичка поставеност на вицот, ќе ви ја раскажам босанската варијанта. Елем, се расправаат Мујо и Хасо како е правилно: Иран или Ирак? Хахахахаха, толку е вицот, почитувани читатели: смешното во него е самото прашање во кое е вграден апсурдот на непознавањето на општопознати факти.

Кога станува збор за легалноста и легитимитетот, забележуваме дека апсурдот е токму во масовната погрешна употреба на овие поими, во општото неразбирање на разликите, а во последно време и во дебилната индиферентност дури и на најповиканите за значењето на зборовиве во јавниот говор. За да го ископачам тој правничко-лингвистички честак, отворам речник и читам. И двата поими, значи, потекнуваат од латинското lex, закон, при што легален доаѓа од legalis и значи законски и според законот, додека легитимен доаѓа од латинското legitimus коешто значи – какво ли изненадување – исто така законит или законски. Е, меѓутоа, во јазичната употреба, на легитимното повеќе почна да му се „закачува“ значењето на праведно, правично или оправдано, што во денешново време на повторно пропаѓање на светот во ирационално мислење и неписменост, предизвикува недоразбирања многу помалигни од оние меѓу Мујо и Хасо.

Значи, да повториме: со употребата на овие истородни поими настанаа и нивните семантички промени, при што легалното остана конзервативно и сеуште упорно го означува она што е законско, додека легитимното почна да ги означува изворите од кои произлегува правичната и оправдана прифатливост на постапките или на општествените ентитети. Откака, значи, легитимното доби значење на префинета морална и етичка исправност и прифатливост, денес се можни ситуации во кои двата поима (легално и легитимно) опишуваат спротивни својства на една иста власт. Така, на пример, народноослободителните власти од почеток, по правило, се нелегални, бидејќи револуционерно ги прекршиле законите на постојниот ненароден поредок, но се легитимни зашто имаат поддршка од големото мнозинство народ. Диктатурите и другите недемократски режими се, од друга страна, честопати легални бидејќи се востановени врз свои закони, но се сосем нелегитимни бидејќи спроведуваат терор и ги прекршуваат моралните и основните човекови права.

Ако вака, семантички толкувани, легалното и легитимното стануваат комплементарни поими кои ја објаснуваат законитоста и моралноста на една власт и ако се обидеме да ги употребиме за евалуација на власта на ДПМНЕ во библиска Маседонија во дваесет и првото столетие господово, доаѓаме до суров но сосем банален заклучок: таа власт ниту е легална, ниту е легитимна. Ова мое (кој знае колку пати повторувано) епохално откритие на топлата вода, меѓутоа, летово доби поддршка и од најреферентното место на светот, од висок претставник на единствената преостаната глобална империја - последното Римско царство. Имено, пред некој месец во Дубровник, непосредно пред нејзината прошетка по библиска Маседонија и по другите темни вилаети од западниот Балкан, вице-конзулката на Римското царство Викторија Нуланд изјави дословно дека „Европа не може да биде цела кога клептократите ги третираат нивните држави како извор на профит за нив и за нивните пријатели. Не може да биде слободна кога изборите се манипулираат, кога слободните медиуми се замолчуваат и кога малцинствата се под закана. Не може да има мир кога корумпираните политичари се служат со политички, економски и судски закани за да се задуши опозицијата и за да ги пљачкосуваат нивните граѓани“. Со „нецелоста на Европа“ вицеконзулката прецизно ја лоцираше нејзината изјава кон земјите кои сеуште не успеале да влезат во евро-атлантските интеграции, а за причините за овој неуспех таа сосем јасно и категорично ги обвини нивните криминални политички елити и практично им го одзема легитимитетот да владеат. Изјавата на Нуланд е ништо помалку од делегитимација на властите во земјите кои ја попречуваат сопствената интеграција во Европа. Како што е тоа библиска Маседонија.

За да не дојде до збунка во редовите на балканските диктатори, деспоти и клептократи за тоа на кого точно се однесуваше изјавата на големата Вицеконзулка, деновиве, на конференција во Скопје по повод стогодишнината од Првата светска војна, Прокураторот на Римското царство Волерс потврди дека изјавата за делегитимација на властите во балканските деспотии заради рушење на демократскиот поредок, клептократија и корупција, се однесува токму на власта на ДПМНЕ во вазалната Провинција Маседонија. Тој изјави: „За жал, во Македонија многу често гледам лидери кои бараат краткорочна добивка за себе и за своите партии во искористување на конфликтот, наместо да работат за да го решат. Тоа е рецепт за неуспех на една држава“. Ако го резимираме ставот на Царството за власта на ДПМНЕ, испаѓа дека таа е нелегална бидејќи ги лажирала изборите, ги замолчила медиумите, ги држи малцинствата под закана, а опозицијата ја задушува со политички, економски и судски закани. Од друга страна, режимот на Груевски е и сосем нелигитимен, зашто е ненароден и нехуман па ја инструментализира државата против народот, крадејќи ја и сиромашејќи ја како извор на личен, семеен и партиски профит. Значи, според оценката на Римската империја (центарот на слободниот и цивилизираниот свет), кога ќе се постави прашањето дали режимот на ДПМНЕ е легален или легитимен, одговорот ќе биде јасен и децидиран: НИТУ Е ЛЕГАЛЕН, НИТУ Е ЛЕГИТИМЕН.

Но, ако го поставиме прашањето што ќе му се случи на нелегалниот и нелегитимниот режим на Груевски по осудите од највисокото место на Империјата? Нормално, ништо. Тоа е така зашто Рим не го заборава својот антички принцип на владеење: „Грешниот се контролира полесно од чесниот“.

Извор: Слободен печат