Шкариќ, Гошев и Милчин ги коментираат обидите да се измени Уставот

18.09.2014 12:51
Шкариќ, Гошев и Милчин ги коментираат обидите да се измени Уставот

Светомир Шкариќ
Се врши уставен удар врз постојниот уставен поредок

Авторот на терминот „наметнат устав“ добро го познава уставното право. Таа оценка ја извлекува од постапката која е брза, итна, и тој забележува дека овие амандмани ја доживуваат судбината на закони по итна постапка. А се знае, тој што брза, брзо може да падне по патот на кој се движи. Со вакво брзање Владата како овластен предлагач на сликовит начин демонстрира својата омнипотентност. Но, овојпат реши да го покаже таквото лице и во најделикатната област на односите. Амандманите содржински се контраустав на постојниот, станува збор за нови форми. Особено за амандманот 34 кој ја воведува меѓународната финансиска зона како издвоена географска локација вон доменот на уставното и меѓународното право. Се врши уставен удар врз постојниот уставен поредок. Овој амандман има разорна дејност врз македонската државност, одлуките на АСНОМ и целокупното право. Овој амандман ќе биде најголема пречка за зачленување на Македонија во ЕУ. Владата на Република Македонија предлага Македонија да има и втор Устав. Тој амандман го сведувам на категорија Устав. Тој е паралелен Устав. Не е за дополнување на едниот со другиот туку нивно исклучување. Цицерон би рекол кој кого овде ќе го надвладее. Мислам дека помалиот ќе го совлада поголемиот. Претседателот Иванов не смее да молчи и да се држи по страна, бар два збора за овој амандман да каже. Со овој амандман се удира против неговата парола од изборната кампања „Државата пред сè“. Гледате колку се грижам за неговата функција.

***

Грдите слики што доаѓаат од Собранието и од седницата на Уставна комисија зборуваат на што е сведена уставнотворната власт. Се гласа со девет гласови без ниедно стручно мислење. Јасно е каков може да е квалитетот на какви било донесени амандмани. Го нема премиерот да се појави пред пратениците, а еден министер за финансии, кој се потпишува како заменик претседател на владата, од време на време ќе каже нешто конфузно, дека ќе има англосаксонско право, без да знае дека на континентот нема такво право.

***

Голема заблуда е што парламентарната власт се изедначува со народот. Во народот не влегуваат власта и привилегираните слоеви. Народ се оние што денеска се ништо, а утре треба да станат сè. Се надевам дека Заев ме слуша.

Петар Гошев
Македонија на располагање на меѓународната олигархија и мафија

Кон каков концепт се приклучува Македонија со основањето ваква финансиска зона? Прво ѝ се става на располагање на меѓународната олигархија и мафија. Македонија нема да се збогати на ваков начин и вака може да биде само измеќарска држава. Македонија не може да ја гради репутацијата со Кондоминас, газда Нини и со Субрата Рој.

***

Сега дефинираат што е јавен долг и тоа ќе биде некомпарабилно со дефиницијата на Светска Банка и на Меѓународниот монетарен фонд. Со тоа ни кажуваат дека и оние 60 проценти што ги планираат како евентуална граница, за Македонија нема да бидат 60, туку 65-70 проценти, зашто вештачки го кратат јавниот долг. Тоа е невидена и нечуена работа, тешка патологија, тешко насилство.

***

Овие последни економски зони, најновиот бисер на Владата, овозможуваат внесување нечист капитал во Македонија, капитал од нечесни активности стекнати со кршење на кривичното право. Но, јас би го додал и следново како продолжение:
Прво, нема образложение и не се дефинира зоната експлицитно. Тоа не е случајно. Предлагачот сака етапно да ни ја „зготви манџата“. Главната реченица е дека ќе се поттикне развојот на финансиските услови во Македонија. Таков каков што е амандманот, открива што ѝ е на Владата намерата со меѓународната финансиска зона. Вели дека зоната се основа со закон. Јас претпоставувам дека законот ќе го донесе парламентот и тој би се состоел од 3 члена. Прв член: Со овој закон се основа меѓународна финансиска зона. Член два: Зоната се основа на дел од територијата на Македонија со дефинирање на нејзината граница. Член три би бил дека законот влегува во сила од тој и тој ден. Тоа ќе му биде содржината. Зошто е можен еден ваков закон? Бидејќи основањето и организирањето на зоната, решавањето на споровите ќе се одредуваат со посебен акт на зоната. Тој акт можеби ќе биде донесен од некое собрание на таа зона, но се дефинира како целосно независен ентитет. Зоната применува посебна правна регулатива, освен кривичното право. Отстапувањето на територија на Македонија на странски компании врз кои немаме надлежност не е од полза. Така ќе се формира држава која ќе граничи од сите страни со Република Македонија и ќе биде држава во држава. Не знаеме дали на ограничено време, дали на 20 години, на 50 години, на 100 години. Тие што би дошле сигурно би барале правна сигурност и не би дошле на една, две, пет години да селат капитал туку-така. Притоа, не ни кажуваат што ќе добиеме, освен вообичаеното, дека ќе се зголеми вработеноста и дека „ќе се поттикне развојот на финансиските услуги во Македонија“. Нема да собираме даноци од овие компании. Нема да даваат услуги на клиенти од Македонија туку ќе работат за нерезиденти. Нема да имаме никаква правна надлежност на нив, сè сами ќе си регулираат од даноци до цивилни права и должности. Од нашите пари ќе изградиме инфраструктура. Можеби ќе вработат луѓе од Македонија ама со македонски плати. Ако е само тоа ќарот вреди ли сето тоа? Да се конфронтира оваа држава со нормалностите во светот и да ги зголемува пречките за членство во ЕУ и НАТО. Со оваа иницијатива Македонија се определува против демократсакта и финансиската транспарентност. Вака Македонија се определува за идеологија која ги фаворизира интересите на еден процент од најбогатите во светот, кои во САД располагаат со над дваесет проценти од националниот доход.

Владимир Милчин
Ова е Устав на ВМРО-ДПМНЕ, а не на Македонија!

Ова е што сега се случува е обид да се забетонира нашата иднина во облик на најцрните идеи на она што можеби е идеологија на партијата на власт, со другата помала. Тие сега ја бетонираат инднина, и овој Устав е бетон, до крај идеологизиран устав. Тоа ќе биде Устав на ВМРО-ДПМНЕ, не Устав на Република Македонија.
Ако погледнете низ прозорецов, нема да видите знаме на Македонија, туку на ванчо-михајловистичкото ВМРО.
Тие сакаат да си обезбедат вечност, и тоа материјална вечност. Една од околностите која им го овозможува тоа е што не бевме во состојба да ја видиме глобалноста на тој зафат, туку се фаќавме за делови, сегменти. Не знам дали е доцна, но треба да го надминеме прашањето на сегментите.

Јавната расправа по повод нацрт-амандманите за уставните измени беше оддржана на 17 септември 2014 година во ГЕМ клубот во Скопје

Извор: Плусинфо

Слики: Paweł Kuczyński