Против мртвилото на „Скопје 2014“

03.10.2014 16:19
Против мртвилото на „Скопје 2014“

Тешката политичка реалност во која живееме налага во најголемата опозициона партија да се гледа фактор кој доследно и без компромиси ќе ја предводи борбата против автократската и криминална власт. Како организација која активно се бори против „Скопје 2014“ сметаме дека организираното присуство на раководството на СДСМ во објект кој проголта 40 милиони евра ги легитимира и устоличува криминалот и лудилото на груевизмот.

Насилството со кое се спроведува „Скопје 2014“ му овозможи на режимот да се зацврсти и да ја засили својата деструктивна моќ. Токму затоа овој проект претставува олицетворение на деградацијата на македонското општество и визуелен приказ на сите штетни политики.

Во име на борбата против „Скопје 2014“, а пред сè со цел да се помогне во разобличувањето на штетите што ги создава режимот, „Плоштад Слобода“ даде и директна поддршка на опозицискиот кандидат на локалните избори во општина Центар. За жал, најважната „опозициска” општина не само што не тргна во сеопфатна борба, туку и склучи неколку непринципиелни договори со власта. Имајќи го ова предвид, последниот потег на вториот човек на СДСМ само ја потврдува подготвеноста за непринципиелни компромиси.

Не сметаме дека секој посетител на „барокниот театар со златни вецеа“ е стока, буржуј и љубител на кичот. Но, сметаме дека водачите на опозицијата просто не смеат да организираат сопствени приеми и прослави во најозлогласените објекти на лудиот груевистички проект.

Затоа, длабоко разочарани, сакаме да нагласиме дека во постапката на најголемата опозициона партија гледаме игнорирање на насилството, игнорирање на бруталните злоупотреби и на „културниот“ терор на власта. Парцијалното прифаќање на проектот за нас е неприфатливо, бидејќи неговата суштина е тоталитарна. Тој проект произлезе од директно кршење на Уставот, од криминално менување урбанистички планови и од наметнувањето на една фараонска волја над сите институции и поединци. Со организирањето сопствен прием во еден од капиталните објекти на „Скопје 2014“ на симболичен начин се оправдува и сè што тој проект претставува.

Македонското општество во голема мера е мртво општество. Во Словенија, на пример, на последните два изборни циклуси победија партии формирани неколку месеци пред изборите. Тоа покажува дека таквите општества се живи и во потрага по решение и надеж. Македонија, пак, е застоена како мочуришна вода; овде тешко се дише. А тоа е можеби поголема причина за бегството на младите и паметните (и не само нив) од Македонија; тоа е поголема причина за емиграција можеби дури и од лошата економска иднина. Една од причините за тоа општествено мртвило се ваквите гестови на највидни функционери на СДСМ. Како нивниот политички резон да е ваков: „добро, земјата е мртва, корумпирана и криминализирана; нема друго чаре освен да се претопиме во таквата атмосфера“.

Ние, како „Плоштад Слобода“, длабоко не се согласуваме со таквите мртвило, апатија и цинизам. Дури и ако на крајот нè чека извесен пораз - пак ќе се бориме против мртвилото! Зашто работа на животот е да се бори против застоеноста, гнилежот и смртта.


 „Плоштад Слобода“; Скопје, 3 октомври 2014.
Слики: Свирачиња