Евро за слободата или молба за прошка?

04.10.2014 11:52
Евро за слободата или молба за прошка?

Ме прашуваат колеги околу идејава за „Евро за слободата“, иницијатива со која 9.000 луѓе би собрале по едно евро и би му ја платиле на Бате Саше отштетата што му ја должат колегите од Фокус со последната пресуда. Се развива и полемика, дали е тоа возможно, и дали е можеби далеку поверојатно да апелираме до оштетеното лице, галантниот господин, кој е шеф на нашата безбедност. Еве ги моите размислувања.

Не инсистирам дека идејата „Евро за слободата“ е најбрилијантна на свет. Ако има некој подобра, нека ја каже. Лично би поддржал секаква идеја што вклучува храброст, интегритет, солидарност, наспроти предавање без борба, бели знаменца и молби за прошка.

Оваа идеја треба да ја води и организира редакцијата на „Фокус“, сите сме тука да помогнеме, но таа треба да ја организира и делегира, а колегите, професионалните медиумски организации и активистите треба да помагаат.

Пораките кои ќе ги добие власта од таквата акција и за медиумските, но и за граѓанските слободи, ќе бидат повеќедимензионални и ептен сериозни. Тоа се вика демонстрирање на граѓански суверенитет, покажување на тоа кој е вистински газда во државата, баш како што пишува и во Уставот. Да не зборуваме за срамот - 9.000 луѓе да ти соберат по евро и да те исплатат.

Можеби идејата за молба за прошка е поизводлива. Башка ќе им донесе поени, ем на Бате Саше, ем на неговата партија. Ќе испаднат големи фраери. Но, и во тој пристап би требало да има стратегија, така ќе ви кажат сите експерти за лобирање. Можеби уште не ја согледале приликата. А башка, факт е дека на тие што апелираат до Бате Саше не им врви зборот кај него, и можеби нема да им ги услиши молбите. Тогаш, да сум на местото на овие што мислат дека молењето е поисплатливо, веднаш би им пристапил на тие на кои им врви зборот кај Бате Саше и би ги молел да го молат да им прости на колегите од „Фокус“. Зошто, на пример, да не се побара од Латас, кој е поранешен „фокусџија“, тој лично и како ген-сек на МАН да се заложи кај Бате Саше за прошка? Колку што се сеќавам, кога МАН побара поддршка од ЗНМ за протест пред грчката амбасада за колешката Костова, ЗНМ излезе на заеднички протест. Кога веќе некој наумил да моли, барем да не биде за џабе...

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња