Празна пушка

13.10.2014 10:53
Празна пушка

Историчарката Виолета Ачковска констатира: „Во 1941 година сите Македонци застанаа на страната на борбата против тогашниот фашистички окупатор, а денес не можеме да се обединиме и сме разединети и по прашањето за името на државата, а со тоа и за идентитетот“. Нејзини колеги, по повод 11 Октомври, повикаа на единство, нешто што според нив го имало во текот на целата историја, до денес. Денес го нема, а тие се обидуваат да го премолчат нивниот голем, историски придонес во разединувањето на нацијата, во идентитетската криза, во деградирањето на историјата како наука со нејзиното ставање во највулгарна служба на власта, на нејзината идеологија и (дневна) политика.

Ако историчарите навистина се загрижени затоа што нема сплотеност и единство и ако сакаат народот да се обедини барем за прашањата што се клучни за опстанокот на државата, тогаш ќе мора да му соопштат дека фашизмот не е и не може да биде победен еднаш засекогаш. Дека е многу приспособлив, постојано ја менува формата, но никогаш суштината, и оти борбата против него никогаш не смее да заврши.

Историчарите мора да бидат меѓу првоборците во разобличувањето на актуелниот режим на владеење, во откривањето на сите фашистички методи и тактики со кои власта ја спроведува својата волја (раздели, па владеј) и во прикажувањето на нејзината окупаторска позиција во општеството. Таа мисија е првата пушка што треба да пукне во ослободителната борба и последната шанса на народот да се обедини.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња