Сѐ треба да се сврти наопаку!

14.10.2014 11:34
Сѐ треба да се сврти наопаку!

Се сеќавате, почитувани читатели, дека сите досегашни препораки за почеток на преговорите со Европската унија, беа следени со сериозни критики за состојбите во многу области (администрација, правосудство, медиуми, невработеност), но со позитивни општи оценки и ставови дека земјата се движи во добра насока! Сега, по извештајот од пред некој ден, ние што цело време тврдевме дека генералната оценка на Брисел не е точна, се прашуваме како е можно движејќи се во добра насока во континуитет од девет години, една мала, симпатична земја, безмалку фаворит на Европската унија, да заврши во ќорсокак!? Како е можно македонскиот велосипедист на сите контролни мерења да го вози својот хронометар за медал, а на крајот да ја промаши целта и да остане во пласман само поради сожалувањето на судиите или поради некоја друга ненатпреварувачка работа!? Како кога на Вардар му дадоа да биде шампион поради земјотресот! Нели е и оваа парада, парада на лудоста!?
Од битен инструмент на европската политика, препораката и извештаите за напредокот се претворија во сигурен знак дека земјата оди по ѓаволите! Сте ја задржале препораката!? Аха, така значи - е па, сте наебале, брат, сто насто сте наебале, препораката и не е ништо друго туку гаранција дека препорачаниот субјект оди у курац! До јајчаниот балчак на курацот!


Да ја оставиме за момент теоријата на заговорот која вели дека драматичните последици на македонската политика и на европскиот мониторинг се голем успех на Брисел и на Скопјанг, односно дека ќорсокакот бил цел на нивните ангажмани; да ги оставиме за момент аспектите кои говорат за тоа дека во однос на кретенизирачките тенденции општествата во Европската унија и во Македонија се разликуваат само во нивоата, не и во суштината; да ги оставиме, значи, тие работи и да се свртиме кон нешто што неспорно не е заговорничко туку е политичко: миксот на европскиот опортунизам, на фаворизирањето на владите и властите за сметка на општествата, на спремноста да се жртвуваат принципите и вредностите како темели на трајната стабилност, безбедност и просперитет за сметка на стабилноста што може да ја обезбеди секое умислено говедо, првиот лудак што ќе ги искористи слабостите на демократијата и ќе ја зграпчи сета власт во едно неконсолидирано и во политичка смисла примитивно општество, со идејата за кретенизација на општеството како подлога за кооперативност (кретенот полесно ќе го реши спорот за името отколку паметниот Македонец), и ставот дека со политичка корупција (препораката како монета за името) Брисел ќе го натера Скопјанг на кооперативност како дополнителни ингредиенси на македонската политичка пица која денеска ни пас с маслом не би је појео. Или можеби - не! Или - да!

Ова не е пледоаје Европа да нѐ ослободи од монструозниот режим на чипираните идиоти! Ова е само став дека ние во Македонија не можеме да се самоослободиме без помошта на Европа и особено не можеме да се спасиме ако европската помош оди на страната на лудаците од власта! Ако на македонското откачено фараонче што ѕида по три пирамиди секој ден кога мајка му нема да му стави доволно шеќер во чоколадното млеко, Франција му ја гради фекалната канализација на Вардар! Последниот извештај се доближува до минимумот свртувања во позициите на Брисел, така што преостанатата нормалност во Македонија може да се смета за охрабрена, значајно охрабрена!


Обаче, како што би викале Македонците да не беа комунистите, таа нормалност нема ниту приближно адекватна политичка артикулација! Многу тешко дека и ќе има во рамките на сегашната опозициска конфигурација! Луѓето таму се така драматично под предизвиците на времето, тие се како болно сува женска во некој национален бордел, немаат минимум гравитациона моќ, тие се како фармски полжави кои зад себе не оставаат никаква хемија; само ги ждерат зелените листови на македонската надеж! Тоа не случајно е така! Или не ја разбираат стварноста или се подземни коалициони партнери на оние што таа тажна стварност ја произведуваат во своите идеолошки, пљачкашки или, просто, опортунистички походи! На политиката гледаат како на византиска интерпретација на, во суштина, технички или малограѓански прашања, кој со кого, против кого, кога и така натаму, дали да излезат или да се вратат во таканаречениот парламент! Отсуството на идеи го компензираат со смешни бесмислености, столбови, од врата на врата, од џам на џам, квазиполитички енфапени... Големите идеи или моменти како што се руската агресија врз Украина, појавата на Исламската држава и американската коалиција против неа, надуените теми за името и идентитетот, скандалозното преобратување на поразените од антифашистичката и национално-ослободителна епопеја во победници, стигматизирањето на југословенското искуство како разградувачко за македонската национална идеја, новата композиција на Македонија без ексклузивитетите и копирајтите на Македонците, социјалдемократската критика на неолиберализмот, сѐ се тоа работи што се потиснати на маргините пред темите каква што е техничката влада или други варијанти од малиот мозок на опозицијата!

Сѐ треба да се сврти наопаку зашто само наопакото е и исправено и исправно!

Слики: Mark Tansey
Дел од колумна објавена во „Слободен печат“