Путин е наш, ние сме Путинови

25.10.2014 10:58
Путин е наш, ние сме Путинови

Случувањата што започнаа да се развиваат во Украина во почетокот на годината изгледаа навистина загрижувачки. Сепак, до март, до затворањето на Игрите во Сочи, никој не веруваше дека Русија ќе поддржи и потоа активно ќе учествува во некаква воена интервенција. Никој не можеше да предвиди дека Кремљ (Владимир Путин), планира националистичка, анти-западна и анти-либерална хистерија за стопирање на демократската и антикорупциска револуција во Украина, и отфрлање на нејзиниот развој, и дека тоа безумие ќе зафати добар дел од руското население.

Ракетните системи, касетните бомби, термобарското оружје, кое треба да биде забрането поради уништувачкиот ефект, употребени од руската армија при инвазијата на делови од источна Украина кон крајот на август, „секретниот“ стил на војување на „учтивите луѓе“ (демек таму нема наши војници, а локална герила што се бори за слобода помогната од руски доброволци) – сето погоре наброено се увиде дека е само форма, лажна фасада за реализација на еден социјален инжинеринг.

Значи, целата оваа путинска наратива, пропаганда и војување за освојување на територии (Крим наш, Новорусија, ДНР, ЛНР) што чинат стотици милијарди долари и речиси пет илјади убиени досега – една од најскапите воени фарси во поновата историја – за да се потчини Украина на волјата на еден човек или да не постои како независна држава, завчера го доби својот логичен епилог. Путинската наратива еволуира во полнокрвен путински култ на личноста.

Официјално, иако не легитимно, а за тоа треба да се почека уште малку и да се извршат уште две-три слични воени кампањи во блиското соседство, од завчера Русија повторно стана Советски Сојуз. Изјавата на Вјачеслав Володин, влијателниот прв заменик на претседателот на администрацијата во Кремљ говори сè: „Русија не може да постои без Путин... Постои Путин, ќе постои и Русија, го снема ли Путин, ќе ја снема и Русија.“ 

Овие зборови беа искажани завчера за време на извиканиот годишен експертски форум за дискусија Валдај, кој овојпат се одржа во Сочи, каде Путин уште еднаш порача дека сака да биде слушнат и од ЕУ и од Америка. Иако ниту Вашингтон, ниту Брисел не му ставаат рецка, со редок исклучок на Ангела Меркел (но и таа се пишмани откако рускиот лидер доцнеше три часа на нивната последна средба во Милано), сè додека не ја деескалира ситуацијата во источна Украина.

Значи, со изјавата на Володин стана кристално чисто каде Русија се клати. Не, всушност таа се тркала, и тоа по удолница, кон еден нов, видоизменет, милитаристички-капиталистичко-советски тоталитарен реалитет. Сличен на кинескиот, иранскиот, или оној на унгарскиот на Виктор Орбан. Некои автори ваквите системи, што стануваат конкуренција на либералната демократија во 21 век, ги нарекуваат диктаторски меркантилизам.

На многумина од мојата и генерациите пред мене зборовите на Володин им звучат страшно познато, ако не и носталгично.

„Ние сме Титови, Тито е наш.“ Се сеќавам, за време на блажените седумдесетти и осумдесетти, пред сè да отиде по ѓаволите, ни велеа дека Тито е насекаде, тој е во цвеќето, и во клупите, и во учителката, и во дрвјата. Имаше и една детска серија, српска или македонска беше, кога група дечиња гледаат во портретот на Маршалот високо истакнат над таблата и се надвикуваат „Тито ме гледа мене“, оттаму друго вели „не, тој ме гледа мене“, трето, најгласно „не, мене“! Учителката влетува во училницата, викотницата и бркотницата во класот стишуваат, и во крупен кадар таа го сече Гордиевиот јазол: „не деца, Тито нè гледа сите нас“.

Овде пак, во Русија, коментаторите кренаа мало востание по социјалните мрежи и блоговите, бидејќи орвеловската изјава на Володин ги потсети на она „Ленин е партијата, партијата - тоа е Ленин“. Но, најмачно и најтревожно е тоа што искажаново е толку слично, и звучи исто како она на Рудолф Хес од завршната сцена на „Триумф на волјата“, апологетскиот филм за Третиот Рајх на Лени Рифенштал: „Партијата - тоа е Хитлер. Но Хитлер - тоа е Германија, како што и Германија - тоа е Хитлер!“

Без никакви забуни, оваа изјава е намерно дадена. Ова не е володинско подлизурство кон својот шеф, смета антикорупционерот Алексеј Навални. „Жулики и вори (измамниците и крадците од владејачката партија Единствена Русија) повеќе би прифатиле да бидат асоцирани со еден Хес. Ним повеќе им годи да се асоцираат со ‘крвав режим’, па и иронично, во смисла, ‘ма не, не сме ние крвав режим…, макар што, кој знае, можеби’, отколку да бидат прозвани заради нивните милионски замоци и дачи-складишта на крзна и шуби“.

Некои, пак, тераат во иронија и црн хумор, издувен вентил за бегство од реалноста, за замижување пред сериозноста на ситуацијата – Путин завчера го презентираше својот нај антиамерикански говор досега, порадикално и од неговиот прочуен минхенски говор во 2007: „Како е можно лидерот да се споредува со земјата? Но, ако Путин навистина исчезне, тогаш ќе ја снема и државата“, напиша Матвеј Ганаполски во својот блог на радиото Ехо на Москва. „Држава која, судејќи според останатите неревидирани учебници по историја, изгледа постоела долго до раѓањето на почитуваното физичко лице г-н Путин“.

Се разбира дека Володин не мислел за брзопотезна смрт на Русија во случај Путин наеднаш да го снема. Зар е можно моменталното изчезнување на г-н Путин да доведе до моментално харикири на 140 милиони Руси? Тие едноставно не се спремни за таков чин, вели Ганаполски. „Некои сè уште должат кредити на банки, некои спремаат свадби, дел од населението има уплав од ножеви, така што треба да оди до продавница да купи јаже и сапун за да се обеси. Ако имаат само секира на располагање, замислете каков проблем е самиот себе да се расцепиш со секира...“

Но, што тогаш имал предвид Володин кога кажал „постои Путин, ќе постои и Русија, го снема ли Путин, ќе ја снема и Русија“? Тој, всушност, го мислел ова: „Дечки, слушајте, додека го има Путин ќе живее и путинска Русија со својот систем и поредок, со нафтениот буџет, со апсењата на поинаку мислечките, со сеопштата стагнација и целосното отсуство на светла перспектива“. А, ако Путина случајно не го биде, ако замине некаде и не се врати, во вечните ловишта, на пример, тогаш и путинска Русија нема да ја биде. Ќе исчезне.

„Дали ни останува каква било надеж за иднината после неговото исчезнување?“, прашува Ганаполски. Јас пак додавам: Дали по Путиновото одење во неврат навистина сè ќе се разурне и се’ ќе проèадне, како што биле убедени уплашените советски граѓани во 1953 после смртта на Сталин.

ОкоБоли главаВицФото