Поп културата и моќта (1)

27.10.2014 11:27
Поп културата и моќта (1)

Во романот „Корекции“ на Џонатан Френцен од 2001 година, посрамотениот академик Чип Ламберт, затоа што крена раце од марксистичката теорија и почна да пишува сценарио, оди во антикварна книжара во центарот на Менхетен за да ја продаде својата колекција дијалектички наслови. Книгите од Теодор Адорно, Јирген Хабермас, Фредерик Џејмисон и разни други, го чинеле Чип близу четири илјади долари кога ги набавувал; сега вредат 65 долари. „Ја заврте главата од нивните строги насловни страници, сеќавајќи се како го повикуваа со ветување за радикална критика на доцното капиталистичко општество“, пишува Френцен. По уште неколку експедиции ги распродава старите изданија, а потоа Чип навратува до елитната бакалница каде купува преценети филети од див норвешки лосос.

Секој што го поминал образованието во хуманистичките науки од последните децении веројатно се сретнал со комплицираните теоретичари од кругот на Институтот за општествени истражувања, попознат под називот Франкфуртска школа. Нивните последни наслови и приказни за „негативната дијалектитка“ и „еднодимензионалниот човек“, некогаш гордо се изложуваа на студентските полици, како обележја за сериозност; денес, главно лежат спакувани во кутии во гаражи, ако сопствениците веќе не се ослободиле од нив. Понекогаш, одвреме навреме, некој современ веб дизајнер или уредник на економска рубрика, ќе отвори некоја од тие книги и на маргините од страниците ќе ги здогледа возбудливите сомнежи од неговата младост, веднаш до прогласите за поредокот: „Не постои ниту еден документ за цивилизацијата кој во исто време не е и документ за варварство“ (Валтер Бенјамин) или „Целината е лага“ (Адорно).

Во текот на деведесеттите, во периодот во кој се одвива дејството во „Корекции“, таквите злобни сентименти веќе не беа во мода. Со падот на Советскиот сојуз, триумфираше капитализмот на слободниот пазар и изгледа дека сите поминаа добро. Меѓутоа, во светот на неодамнешните настани изгледа дека дојде време тие текстови повторно да се распакуваат. Економската и еколошката криза, тероризмот и противтероризмот, сè поголемата нееднаквост, неконтролираните технолошки и медиумски монополи, изумирањето на интелектуалните институции, лажната ослободувачка интернет култура каде постојано следиме дали нè следат: ништо од тоа не би ги изненадило франкфуртските пророци кои заминувањето во Америка не го доживеале како доаѓање во рајот. Гледајќи ги филмските новости од Втората светска војна, Адорно запишал: „Луѓето се сведени на споредни улоги во монструозен документарец без публика, затоа што и последниот гледач заврши на сцената“. Денес, не би имал да додаде многу.

Филозофите, социолозите и критичарите од орбитата на Франкфуртската школа, кои често се означуваат со поширокиот концепт на Критичката теорија, навистина доживуваат скромно враќање. Ги цитираат во остроумните списанија како што се n+1, The Jacobin и најновата верзија на The Baffler. Евгениј Морозов во своите критики за неконтролираниот интернет ентузијазам го цитира првиот ментор на Адорно, Зигфрид Кракауер, кој преоптовареноста со информации и забава ја забележал уште во дваесеттите години. Писателот Бенјамин Кункел во својата збирка есеи „Утопија или пропаст“ го фали критичкиот труд на Џејмисон, кој со децении предаваше марксистичка книжевна теорија на универзитетот Дјук. (И Кункел ја споменува „Корекции“ и забележува дека Чип купил лосос во продавницата, лукаво наречена „Потрошувачки кошмар“). Авторката Астра Тејлор во книгата „Народна платформа: Преземање на моќта и културата во дигиталната ера“, тврди дека Адорно и Макс Хоркхајмер во својата книга „Дијалектиката на просветителството“ од 1944 година, упатиле рано предупредување за корпорациите кои „ја замолчуваат демократијата во потрагата по профит“. Валтер Бенјамин, кого разновидниот животен пат вчудоневидувачки често го доведувал во допир со франкфуртскиот колектив, доби величествен третман во новата книга „Валтер Бенјамин: Критички живот“ (Харвард) на Хауард Ејланд и Мајкл Џенингс, кои претходно подготвија четиритомно харвардско издание од собрани списи на Бенјамин.

Франкфуртската школа, формирана во почетокот на дваесеттите, никогаш не претставувала единствен фронт; меѓу другото, тоа било друштво на интелектуалци. Зоната во која често влегувале во конфликт била поп културата. Бенјамин, популарната сцена ја гледал како потенцијално место за отпор, од каде лево ориентираните уметници како Чарли Чаплин можат да пренесат субверзивни сигнали. Од друга страна, Адорно и Хоркхајмер сметале дека поп културата е инструмент за економска и политичка контрола, кој зад пермисивниот параван спроведува конформизам. „Индустријата на културата“, како што ја нарекувале, нудела „слобода да се избира помеѓу она што постојано е исто.“

Сличен раскол се појави кај ставовите кон традиционалните облици на културата: класичната музика, сликарството, книжевноста. Адорно беше наклонет да ги брани, дури и додека ги разоткриваше нивните идеолошки основи. Бенјамин, во својот познат исказ кој ги поврзува културата и варварството, ги видел богатствата на буржоаската Европа како плен изложен во победничка поворка, каде секое уметничко дело е извалкано со страдањето на безимените милиони.

Дебатата го достигна врвот по есејот на Бенјамин „Уметничкото дело во периодот на механичката репродукција“ од 1936 година, ремек дело на условниот оптимизам кој ја велича масовната култура до таа мера во која масовната култура ги унапредува радикалните политики. Многу читатели денес ќе се сложат со Бенјамин, кој успеа да одржи импресивна критичка традиција, истовремено отворајќи се за современиот свет во многу сензибилен тон. Тука, Бенјамин поставува образец за интелектуалецот кој добро ја познава популарната култура, што станува посакуван модел во она што остана од книжевниот живот. За тоа време, Адорно, неговиот песимистичен, иритантен брат, не се откажува: неговото вкрстено испитување на „Уметничкиот дел“, демаскирањето на наивноста на Бенјамин, погодува во центарот. Адорно и Бенјамин беа пионери на критичкото промислување на поп културата – ја третираа сериозно како предмет за анализа, без оглед дали биле воодушевени, потресени или неодлучни од популарната култура.

Најлошо што еден теоретичар од Франкфуртската школа можел да каже за друг е дека неговиот труд е недоволно дијалектичен. Во 1938 година тоа го рекол Адорно за Бенјамин, кој заради тоа паднал во повеќемесечна депресија. Поимот „дијалектичко“, изложен во филозофијата на Хегел, им прави бескрајни проблеми на луѓето што не се Германци, па дури и на некои кои се. На одреден начин, овој термин означува и филозофски концепт и книжевен стил. Изведен од старогрчкиот израз за вештината на дискусијата, поимот најавува дискусија која маневрира помеѓу контрадикторни ставови. „Посредува“, да го искористиме омилениот збор на Франкфуртската школа. И гравитира кон сомнеж, демонстрирајќи „сила на негативното мислење“, како што еднаш рече Херберт Маркузе. Таквите пресврти се природни во германскиот јазик, во кој и самите искази се составени од неповрзани дигресии, чие полно значење ќе се покаже дури во финалното дејство на глаголите.

Маркс ја прилагодил дијалектиката на Хегел во економската сфера, гледајќи ја како мотор на прогресот. До почетокот на дваесеттите, марксистичко-ленинистичката држава навидум се појавила во Русија, но раните членови на Франкфуртската школа – пред сите други Адорно, Хоркхајмер, Маркузе, Фридрих Полок, Ерих Фром, Франц Нојман и Лео Левентал – не биле воодушевени. Иако Маркс се наоѓал во центарот на нивните мисли, според комунистичката идеологија биле речиси подеднакво скептични и кон буржоаската свест која требало да ја истисне комунизмот. „Во сржта на Критичката теорија постоела аверзија кон затворените филозофски системи“, пишува Мартин Џеј во својата историја на „Дијалектичката имагинација“ (1973).

Нацизмот ги растури животите на критичките теоретичари, кои речиси сите беа Евреи. Бенјамин изврши самоубиство на француско-шпанската граница во 1940 година; другите избегаа во Америка. Поголем дел од нивниот труд во егзил е фокусиран на тоталитаризмот, иако со феноменот се занимавале од одредена дистанца. За нив, геноцидната држава не била само германски проблем, нешто што се создало од претерано слушање на музиката на Вагнер; тоа бил Западен проблем, вкоренет во просветителскиот порив за доминација над природата. Рејмонд Гус, во предговорот на новото издание од разузнавачките дописи на членовите на Франкфуртската школа на американската влада во времето на војната, забележува дека нацистичка Германија, со својата бомбардирачка пропаганда и регулирана забава, била сметана за „архетипски модерно општество“. Од оваа перспектива, антисемитизмот не бил само манифестација на омраза туку средство за остварување на целта – „ударна тупаница“ на општествената контрола. Според тоа, поразот на Мусолини и Хитлер во 1945 година, не донесе конечен пораз на фашизмот: тоталитарниот ум демнеше насекаде, па ни Америка не беше слободна од неговото влијание.

Иако хронично критични кон сè, овие мислители не биле исклучени од културата на своето време. Ѝ се посветиле за да ја сецираат. Нивниот значаен придонес за уметноста на критиката е идејата дека секој предмет, без оглед на тоа колку излгеда тривијален, е вреден за да биде погледнат продорно. Во вториот том од харвардското издание на списите на Бенјамин, кој ги покрива последните турбулентни години на Вајмарската република, Бенјамин на разни начини го анализира Мики Маус („Во тие филмови човештвото врши подготовки за да преживее цивилизацијата“), книгите и играчките за деца, прехранбениот саем, Чарли Чаплин, хашишот и порнографијата („Како што водопадот на Нијагара ја снабдува потрошувачката на електрична енергија, на ист начин валкањето на јазикот во вулгарноста би требало да користи како извор на енергија која го движи динамото на креативниот чин“). Често се чувствува тензија помеѓу интензитетот на анализата и ништовноста на предметот, како кога електронски микроскоп би се користел за читање мали букви од некој договор. За време на својот американски егзил, Адорно почнал да ги анализира астролошките колумни што ги објавувал Лос Анџелес Тајмс. Кога го прочитал советот на астрологот „Прифатете ги сите повици“, се вознемирил: „Целта на овој тренд е обврзувачко учество во ’слободните активности‘ на тоталитарните земји“.

Бенјамин тргнал во друга насока. Во својата зрелост, се борел да ги помири материјалистичките и теолошките интереси: од една страна, марксистичката традиција на општествената критика; од друга, месијанската традиција која го окупирала еврејскиот историчар Гершом Шолем, близок пријател на Бенјамин од студентските денови. (Оваа борба ја постигна најславната претстава на Бенјамин од „Теза за филозофијата на историјата“ (1940): „ангелот на историјата“ кого бурата на прогресот ќе го однесе во иднината.) Месијанскиот порив кај Бенјамин предизвикал искра мистична надеж која во основа му е далечна на Адорно. Кога Бенјамин се занимава со астрологија, ќе покаже повеќе симпатии, сметајќи ја за пример на речиси изумрената идентификација со природата: „Соверемениот човек може да го допре бледата сенка на оваа појава во јужњачките ноќи огреани од месечината, во кои чувствува дека во него живеат сили на мимиката за кои мислел дека одамна се мртви.“

Ако биографиите на Адорно и Бенјамин се читаат паралелно – новата книга на Ејланд и Џенингс, со сите седумстотини шеесет и осум страници, стои на полица со не помалата биографија на Адорно од Штефан Милер-Дом од 2003 година – може да се следи залезот на грандиозната стара европска буржоазија. Бенјамин е роден во Берлин 1898 година; неговиот татко, Емил Бенјамин, бил многу успешен претприемач, а неговата мајка била голема дама. „Берлинското детство околу илјада и деветстотата“, најпоетскиот текст од сите други текстови на Бенјамин, го повикува луксузот на семејниот дом, иако неговото око што гледа сè ќе ја пробие таа сјајна површина: „Додека зјапав во долгите редови лажици за кафе и држачи за ножеви, ножеви за овошје и вилушки за остриги, чувствував уживање измешано со немир, за да можат и нашите гости да бидат идентични еден со друг, како нашиот есцајг.“

Адорно е роден во Франкфурт 1903 година, во слични пријатни услови. Неговиот татко, Оскар Визенгрунд, бил трговец со вино, а неговата мајка Марија Калвели-Адорно била оперска пејачка. Од рано детство Адорно, како што одлучил дека ќе се презива по заминувањето од Германија, бил преплавен со музика и во него растела амбицијата да стане композитор. „Рано научив да се кријам во зборовите“, пишуваше Бенјамин. Адорно се криел во звуците.

Личноста на Бенјамин била посложена. Вчудоневидувачки интелигентен, бил толку обземен од животот на умот што вообичаено го губел допирот со реалноста. Дури и Шолем го сметал за „фанатично затворен“. Истовремено, Бенјамин им се препуштал на боемските склоности: коцкање, проститутки, опивање, дроги. По неуспехот да освои академска положба, пишувал новинарски текстови, согледувајќи дека „неупадливите форми“ му се допаѓаат повеќе од „претенциозниот, универзален гест на книгите.“ Неговиот семеен живот бил во неред. Оние што го замислуваат како невин страдалник нурнат во Бодлер додека го опколувала историјата, можеби ќе ги обесхрабри сознанието за суровиот однос кон сопругата, Дора Софија, која ја молел за пари додека одржувал низа „опсцени афери“, како што кажа Дора. „Во овој момент, тој е само мозок и секс“, пишуваше таа.

Адорно, кој бил поумна и помалку конфликтна личност, се утврдил во академија дисертации за Хусерл и Киркегор. Студирал и композиција со Албан Берг, еден од врвните музички фигури од дваесеттиот век. Адорно бил вреден, авторитативен, свесен за својата исклучителност – бил олицетворение на богато дете кое никогаш не пораснало до крај. Но, и во него постоела боемска жица. Кракауер, кој му станал ментор на Адорно, додека овој бил во средно училиште, го напишал автобиографскиот роман „Георг“ во кој Адорно се појавува како „мал принц“ по име Фред, или Фреди (прекарот на Адорно бил Теди). Георг и Фреди заминуваат на костимирани балови кои траат по цела ноќ и една ноќ завршуваат заедно в кревет, на работ на еротски однос.

Извор: http://www.newyorker.com

Продолжува... 

Слични содржини

Култура / Теорија
Никола Гелевски
Култура / Филм / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото