Проститутката што го сакаше својот Џек!

29.10.2014 14:00
Проститутката што го сакаше својот Џек!

Фрлив еден поглед врз шареното, деснолево па во центар, друштво што беше дошло да ги продаде своите букети за малку внимание, престиж и пари, тука пред споменикот на основачите на вмро и пред младите луѓе, кои со помош на бронза во паштетите и гравот или на некој курс на „Конрад Аденауер“ израснуваат во безживотни гардисти што нема да дозволат да ги возбуди ниту Гордана Јанкуловска ако реши да им се прошета пред очите во најпредизвикувачката комбинација на „Викторија сикрет“ и стигнав, од казанот на таа глупава церемонија, да црпнам троа цврсти основи за мојата основна импресија на Денот на револуционерната борба на македонскиот народ за неслобода: Македонија е проститутката што не престанува да си го сака својот Џек Трбосек дури и по 121 убод!

Па ми текна да ги извадам парите со кои на времето ме корумпираа Црвенковски и Колемишевски и да ги вложам тие дваесетина милиони евра во еден филмски проект, кој би можел да се вика „Проститутката што си го сакаше својот Џек“. Филмот во жанрот гомно би го режирал конзорциумот Манчевски-Попов-Митриќевски, а Љубиша Георгиевски би бил надрежисерот, кој со својата режисерска палка би го чепкал тоа срање пред секоја претстава!

Не еднаш сум пишувал дека Македонецот нема смисла за парадокси, тој никогаш нема да може да сфати дека кога неговиот мит за вемерето ќе му се појави како политички концепт, со него е готово, завршена е приказната за него како историски субјект. Македонската држава е темелно изневерување на основните принципи на вемерето пред чии основачи завчера се поклонуваше целата нација! Како кога вдовиците и децата на убиениот му ја бацуваат раката на мафијашкиот дон на денот на погребот! Џамбазов би се прашал: каква е оваа нација!?

За преостанатата нормалност во државата националните празници се претворија во фрустрирачки потсетник на огромната дупка во историската легитимација на заедницата што режимите и режимските историчари ја затрупуваа, а и денеска ја затрупуваат со материјал што не ги решава туку во секоја ебана прилика ги нагласува нашите хендикепи! Понекогаш ми се чини дека нашите шанси би биле неспоредливо поголеми да можеме да го извадиме сето тоа ѓубре и да се пријавиме за продолжението на историската трка со оригиналната празнина. Во тажен поглед врз фрапирачката дискрепанца меѓу лагата за себе во минатото и сопствената карневализација во сегашноста.

Не случајно рекле дека не е многу паметно да ја величате сопствената историја оти тоа величење ќе ја покаже вашата актуелна безначајност! Особено ако историјата ви е празна!

Тие, се вели, ги положиле своите животи за да можеме ние да живееме во слобода. Но, јас немам никого овластено да умре за мојата слобода! И не само тоа, туку јас воопшто не се чувствувам ослободен и слободен; обратно, јас сум затворен во оваа смрдливо трло кое се повикува на нив, јас сум неслободен и за таа неслобода имам основи да ги обвинам нив и нивните смрти (ми се допаѓа оваа множина; како дете веројатно би рекол смртови). И идеолошките и политички капитализатори на бајките за нив. Добро, и Турците што ги бркале по ридовите и по јатачките одаи со топла ракија, јагнешко печење и убави жени! Со редовна предност, стока една стокосана, за ракијата! Ако прифатиме да ја користиме терминологијата на користољубивите парадери, на експлоататорите и комерцијализаторите на нивната смрт, ќе заклучиме дека низ политичките и таканаречените државотворни манипулации со митот, тие се повеќе одговорни за неподносливите несреќи на кои се изложени луѓето од овие простори.
Башка таа неподнослива сиромаштија и еднодимензионалност: Гоце, Јане, Даме, црешовото топче, атентатите, тоа па тоа секој втор месец, море секој ден не како елемент на славата туку како елемент на неподносливата глупавост и вкалапеност во три броја помал сандак отколку што му е неопходно на еден нормален човек за да умре раат!

Јас знам дека митовите и ритуалите се битен аспект на постоењето на една заедница. Сјоран смета дека заедницата не ни може да постои без тие елементи. Кај нас е проблемот во тоа што не можеме да направиме дистанца меѓу митот и современата политичка реализација, а кога веќе не можеме да го направиме тоа митот во формата на концепт е тука да ја покаже (и ја покажува) сета тажна невозможност на Македонецот. Му се покажуваме на светот како восочна инсталација која се топи под зраците на вмровското сонце и на општото сонце на современоста.

Со други зборови, прославата на денот на вемерето беше убава прилика да се потсетиме дека ние сме нација со длабоки корени при што најдлабок ни е коренот на исчезнувањето (1893) од кој денеска никне плодното дрво на вмровизмот.

Не е само неслободата во прашање. Зашто и во неслободата човек може да задржи некое ниво на достоинство! Тука станува збор за укинување на субјектот преку митот за оние што наводно се бореле за нашата слобода и преку општата неповторлива, без преседан во рамките на светската цивилизација, кретенизација. Националната еутаназија кај нас се врши со помош на приказната за националните јунаци, разните денови на борбите за смрт и кретенизацијата како своевидно балсамирање на живо!

Професорот Чепреганов смета дека ќе сме ја загубеле историјата и нацијата ако го смениме името! Па, ако е така јас мислам дека сите ние, а особено генерациите што ќе дојдат, ќе се спасиме ако ги загубиме нацијата и историјата. Од несреќата да се раѓаат во така сериозно хендикепирачка средина. Секој нормален човек би посакал да се ослободи од тој баласт. За кој кур ќе ни е нацијата, мистер Чепреганов, можете ли да ѝ објасните на подзинатата публика!? Јас ќе ви кажам: нацијата е рамковен договор за вработување на историчари без екстерно тестирање! За глупаци! Во сржта на оваа изјава е содржан ставот дека историјата и нацијата, всушност, ги нема, односно висат како светлечки орнаменти закачени на балонот за името. Може ли професорот Чепреганов да ми каже еден резон во прилог на нацијата и историјата што исчезнуваат при промената на името, за еден обичен, еве, нека е млад човек!

Со други зборови, Македонија ја пропушти, ми се чини, дај боже да грешам, можеби последната шанса да се еманципира од себе си и да стане нормална држава. Да се еманципира од вмровизмот, од чепраганизмот и жежовизмот, од ачковизмот особено, од самоинструментализираниот археологизам, апсолутно, од егеизмот во литературата и од патетизмот во стилот, од фолклорот како културен стандард, од Коцета и од Валентина. Од терористите што секој ден си го пијат кафето пред своите историски дуќани во кои ја продаваат смртта на перспективите како злато за будалите!
Од опозицијата што не може да не се уруши ако има помалку столбови од археолошкиот музеј на последните остатоци од Македонија!!!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат