Удар

03.11.2014 09:56
Удар

Притисок што настанува со замавнување на рака или нога, замавнување или фрлање предмет, кога ќе се запре на она што му е наменето или на нешто што му е на патот – вака некако би гласела дефиницијата на поимот „удар“, иако удар е една од оние повеќезначни именки, чие значење се менува во зависност од контекстот и од областа во која се употребува: слободен удар, казнен удар (спорт); мозочен удар, срцев удар (медицина); државен удар, воен удар (политика); топлотен удар; струен удар; тежок удар (во смисла на некаква загуба); под удар (изложен на тешкотии, мобинг, репресија – „под удар на законот“)... итн.

Но, меѓу другото, „удар“ има и метафоричко, односно симболичко значење, па така Виталиј Кличко на својата опозициона партија во Украина ќе ѝ го даде токму тој акроним УДАР – Украинска Демократска Алијанса за Реформи. Деновиве, ете, по она „префарбување“ на ВМРО-ДПМНЕ во портокалова боја, според многумина направено по урнекот на украинската таканаречена „портокалова револуција“, сведоци сме на уште едно посредно влијание на украинската опозициона практика врз овдешното политичко дејствување – последните (или, поточно, најновите) протести пред Собранието на Република Македонија одеа под мотото „Удар – За Македонија се работи“, а групата што преку социјалните мрежи го организираше протестот и која најавува продолжување на протестите веќе се идентификува токму под тоа име – „Удар“.

 

Удар во овој симболички јазик би требало да претставува сила, агресија, машкост, брзо постигнување на целта... Се разбира дека ваквите симболи (стисната тупаница, крената рака и слично) се дозволени во овој вид политичка борба, иако останува проблематичен нивниот ефект врз овдешната јавност. Всушност, ако се примени теоријата дека јазикот е израз на мисловниот концепт (и обратно), тогаш ќе констатираме дека овдешното население е прилично мирољубиво. Имено, за разлика од повеќето светски јазици, каде што постојат повеќе зборови за различните значења и повеќе синоними на зборот „удар“, во македонскиот практично постои само тој еден збор, што практично значи дека тука многу малку се размислувало (и зборувало) во и за удари.

Тоа, секако, не ги спречи провладините медиуми да зададат неколку ниски удари врз движењето „Удар“. Пред сè, преку полициско-шпионското „препознавање“ на ликовите од фотографиите од протестот како наводни активни членови на СДСМ, со што наводно се дискредитира граѓанската прокламираност на протестот, со тоа што тој се претставува како партиски. Оваа логика, според која членовите, симпатизерите, па и активистите на некоја партија (без оглед дали е позициска или опозициска) не смеат да поддржат граѓански протест, во суштина е многу опасен удар врз демократскиот концепт. Таа го покажува ставот на владејачката партија, според кој партискиот член нема потреба да го искажува своето мислење. Партијата мисли за него!

Зборот „удар“ е од старословенско и прасловенско потекло и е прифатен во разни варијанти во сите словенски јазици. Лингвистите го одвојуваат од зборовите со сличен корен: дар, дарба, подарок..., но затоа го поврзуваат со глаголот „дере“ (на српски и хрватски „drati“) и тоа во сите негови значења: вика, дере кожа, износува облека... Иако, да бидеме искрени, и ударот некогаш може да биде дар.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото