Греалка за секое дете

10.11.2014 10:08
Греалка за секое дете

На времето, кога децата тргнувале на училиште, освен книги, задолжително носеле и по некоја цепаница дрва за да има на што да се греат за време на наставата. Вака било пред нешто повеќе од 50 години кога државата сѐ уште застанувала на нозе по Втората светска војна. Оттогаш помина многу време, денес станавме, барем така се претставуваме, современа е-држава, во која сѐ е електронски и секое дете има компјутер.

Но, деновиве беше објавена информација дека во некои училишта во градовиве децата ја бојкотираат наставата поради тоа што немало греење. И во никоја друга, туку токму во нашата држава, а веста не ја смислиле соросоидни, опозициски медиуми, зашто сакаат да ѝ наштетат или да ја урнат беспрекорната власт на Груевски, туку ја кажува пратеникот од власта Антонио Милошоски, и тоа не каде било туку во Собранието. Вистинска шлаканица!

Срамно, мизерно за оваа влада е што дозволува секоја година, без исклучок, децата да бидат принудени да избираат: или воопшто да не одат на настава или, пак, во училниците да седат во јакни и шалови. Е па, господине премиер, ако сите пари отишле на фасади, тогаш компјутерите од училиштата, кои и така не се користат колку што треба, заменете ги со греалки или, евентуално, продајте ги па купете дрва. Зашто, поважно е децата да одат на училиште отколку на боледување.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња