Колективна оставка за ДИК

27.03.2015 10:30
Колективна оставка за ДИК

Државната изборна комисија ѝ соопшти на јавноста дека нема надлежност да расправа за срамното, безобразно и докрај коруптивно и измамничко однесување на партијата на власт на изборите што во последниве години се организираа во земјава. Со тоа ДИК потврди дека во земјава нема институции, ниту систем, ниту одговорност, а од тоа произлегува дека нема ниту држава. ДИК очигледно е само продолжена рака на партискиот штаб во ВМВР, како што се нарекува Министерството за внатрешни работи, каде што се штанцаат пасоши и лични карти кому како треба, за штимање на изборните резултати и тоа под водство на првиот човек на оваа институција.

И сега логично се поставува прашањето, зошто воопшто ја имаме Изборната комисија и зошто тие седум членови лапаат дебели пари за да гласаат како што ќе им каже некој одозгора. Колку за да се види големата слика за изборите два во еден, што ги организираа лани, беа наградени со износ од 5.000 до 6.000 евра, по човек нели, нормално, како бонус на редовната плата што си ја земаат бидејќи функцијата е професионална. Еве толку чини нивниот образ. Најсрамно е што не собраа ниту храброст да одржат отворена седница, на која ќе ги поканат и медиумите за јавноста да види и да чуе како тројката од ВМРО-ДПМНЕ ќе објасни дека личните карти на жителите од Пустец не биле фалсификувани, како што претходно тврдеа, или членот од ДПА изворно да каже што му одговорил на Мендух Тачи кога овој му се јавил да му даде насоки како да гласа за поништување на изборите во гласачки места за Струмица. Тука требаше да го чуеме и Рилковски како прв човек и неговата колешка Дума, кои би требало да ги бранат ставовиве на опозицијата, онаа истата што ги објави информациите за изборните нерегуларности. Но наместо тоа, тие се кријат зад колективната одговорност.

Најмалку што можеше сега членовите на ДИК да направат е да си поднесат и колективна оставка, зашто тие веќе немаат образ да ја убедуваат јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ легално и легитимно ги добило последните изборни циклуси.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња