Дали е договорена победа на СДСМ на „фер и демократски избори!?“

04.08.2016 10:09
Дали е договорена победа на СДСМ на „фер и демократски избори!?“

Ја прашале Шекеринска дали повеќе сака да загуби на фер и демократски избори или да победи на договорени!?

Таа рекла дека Социјалдемократскиот сојуз никогаш нема да се согласи да дојде на власт на нефер начин.

„Значи, сакате да загубите?!“ - рекол амбасадорот на една голема земја.

„Не“, рекла Шекеринска, „сакаме да победиме на фер и демократски избори!“

„Но, тоа повторно значи дека сакате да бидете поразени!“

„Како?!“ - прашала Шекеринска.

„Така“ - ѝ одговорил амбасадорот - „демократските избори се убава работа, но тие, просто, не се можни, немате минимум независни и културни граѓани, институциите се окупирани од една партија, правораздавањето го врши една партија, сите пари се кај една партија, сите медиуми се кај една партија, избирачкиот список свесно и систематски со години е укакуван од една партија...“

„Ние го знаеме тоа, целиот процес е, всушност, настојување да ги исправиме колку можеме овие деформации“ - рекла Радмила.

„Да, но штом велите колку-толку, значи дека однапред сте прифатиле дека изборите нема да бидат фер и демократски“ - одговорила Неговата екселенција.

„Не, ние веруваме дека, сепак, ќе успееме да се доближиме до минимум услови за фер и демократски избори.“

„Госпоѓо Шекеринска, последен пат ве прашувам: дали сакате да победите на договорени избори или сакате да загубите на фер!“

На ова место снимката завршува или е скината, не знам, важно ние не го знаеме дефинитивниот одговор на потпретседателката на СДСМ.

Така што можеме само да претпоставуваме дали договорот за решавање на таканаречената политичка криза е чист политички, дипломатски, историски и, можеби, животен нокаут за СДСМ или зад параванот на целиот овој театар е договорена смена на власта во замена за слобода за власта, односно во замена за убиство на последните остатоци на моралноста и правноста во оваа држава не само како факт туку уште повеќе како перспектива.

Законските измени врз основа на договорот во конкретната ситуација се една фина кабаретска претстава, тие измени во однос на реалните политички стратификации немаат никакво значење. Македонската катастрофа не се случува затшто имаме лоши закони, макар што и на таа страна има многу вистина, туку зашто изнедри политички монструм кој владее спротивно дури и на законите што самиот ги носи, спротивно на самиот Устав, значи само врз основа на својата месијанска самопроекција и врз основа на апсолутната моќ во однос на општите ресурси. Тие односи не се менуваат со промени на закони, обратно, сите промени се топат во моќта, преку интерпретацијата и арбитражата што ја има моќта тие стануваат медиум за демонстрација на моќта, а не за демократска и правна санација на ситуацијата.

Според тоа, промените се можни само како чин на револуционерниот занес на граѓаните (кога ќе се случи, ако се случи) и на револуционерната артикулација на некоја нивна политичка сила која, веројатно, допрва ќе треба да се роди (да се потсетиме дека при конституирањето на независна Македонија некои аналитичари тврдеа дека основен минус на новата држава е тоа што е создадена без крв, така што таа паралела можеме да ја продолжиме и да кажеме дека без крв, можеби, нема да е можен и нејзиниот опстанок, не зашто некој сака крв, туку зашто луѓето и самата држава си имаат работа со таков вид непријател) или се можни преку непринципиелни договори во кои курвинството во политиката ќе дојде до полн израз.

Го читав Фил Батлер во интересниот текст за распаѓањето на Југославија, таму тој го цитира Мајк Паренти, наградуван автор и политички научник, вонреден професор при Институтот за политички студии во Вашингтон, кој опишува која била целта на Америка во врска со Југославија: да се претвори југословенскиот простор во простор од Третиот свет, кој нема да биде способен да се движи по сопствен развоен пат, во простор со скршена економија, со природни ресурси потполно отворени кон мултинационалните корпорации.

Целата транзиција на Македонија е мала, но за нас драматична апликација на овие постулати. ВМРО е на власт десет години зашто тие интенции се поклопуваат со нејзините идејни определби и интереси односно оваа инсталација совршено го претвора македонскиот простор во триесет и трети свет кој нема да биде способен да се движи по сопствен развоен пат, простор со разорено односно десубјективизирано општество, карикатуризирани луѓе, акултуризирани, простор без внатрешен отпор во смисла на геополитичките пресложувања што, можеби, ќе се случат односно кои, веројатно, ќе се случат.

Централното прашање е дали САД сметаат дека нивото на тоа разорување е доволно односно дали сметаат дека секое продолжување на тој процес може да биде опасно и неконтролируемо, што би рекле Бугарите. Ако е во сила втората оценка во тој случај се сигурни две работи: прво, дека власта на ВМРО/ ДУИ ќе мора да замине за да се спречи неконтролираното распаѓање и за да се обезбеди толку неопходната нова динамика на, помалку или повеќе, истото срање и, второ, дека правните процеси што ќе се водат во врска со прислушкувањата, ќе бидат ограничени како дел од договорот за смена, а и како дел од интересите на меѓународната заедница.

Ова, се разбира, е многу далеку од интересите на граѓаните, но ако и тоа не е испреговарано, СДСМ може да се слика, и ај што тие ќе можат да се сликаат туку сите ќе можеме да се сликаме. Зашто навистина треба да си луд, да се заебаваш во таканареченото собрание со некакви пржински закони за фер и демократски избори само неколку денови откако власта обезбеди 450 милиони евра за да може да настапи малку пофер и подемократски од опозицијата и откако се обзнанија неверојатните катастрофи во избирачкиот список.

Но, дури и да е издоговарана победата на СДСМ на „фер и демократски избори“ (хахаха, каква конструкција), мислам дека таму мора да се плати некаква цена (смени) за неверојатното упропастување на огромниот капитал што им беше доделен пред една ипол година. Веројатно веќе во септември. Ако постои таков договор - затоа што постои; а ако не постои, затоа што не постои. Меѓу другото: нема друг начин макар малку да се растера резигнацијата и депресијата на страната на опозициските расположенија што ги предизвика договорот.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња