„Изуми за вас, прекрасни луѓе!“ - изложба на Ѓорѓе Јовановиќ

12.11.2014 13:04
„Изуми за вас, прекрасни луѓе!“ - изложба на Ѓорѓе Јовановиќ

На 14 ноември во 19 часот во Мала станица ќе се отвори самостојната изложба на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ со наслов „Изуми за вас, прекрасни луѓе!“.

„Ѓорѓе Јовановиќ со својот најнов проект продолжува да ги истражува формите на социјални структури, создавани во специфичен транзициски период, процес неоправдано долг и длабоко заглавен, со збунувачки идеолошки продукти. Ново развиениот социјален интегритет обединува елементи кои не ветуваат одржливост на подолг рок. Јовановиќ со еден пристап близок на деконструктивното и преку хумор ја разголува продолжената отуѓувачка моќ на некритички увезениот консумеризам чии крајни резултати се неговиот збунет јунак (случаен минувач – сограѓанин) и амбиентот во којшто се движи“, вели Мира Гаќина во текстот посветен на изложбата.

Ѓорѓе Јовановиќ (Скопје, 1980) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2003). Има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек. Во неговите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и конзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Присутен е и елементот на авто-референцијалноста, како и преиспитувањето на себеси во потесен и поширок контекст на распадот на старите и создавањето на нови вредности. Работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики со цел да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи ја флуидноста на современиот контекст.