Какви бунтовници, бе, студентите се обични опортунисти!

19.11.2014 14:33
Какви бунтовници, бе, студентите се обични опортунисти!

Имам впечаток дека општеството побрза својата нечиста совест да ја пикне во веш-машината на студентските протести! Но, се’ ми се чини дека капацитетите на пералницата не се соодветни на количеството тврдокорни дамки врз самоизвалканото самочувство на граѓаните. Сеедно, сите врескаат дека студентите им го обелиле образот! Курац фини - јас мислам дека им го извалкаа! Освен тоа, прашање е дали метафората со веш-машината воопшто е адекватна: мене, да речеме, протестите првин ми личеа на копа сено од која, можеби, може да се роди некој убав пламен, но потоа почна да ме освојува чувството дека и овие демонстрации се патетична, манекенска, позерска манифестација на македонската бунтовност против промените на подобро! За статус кво! Ако може! Во таа смисла објективните посматрачи не можеа да не забележат дека маршот извира од некаков претапорте ревијален формат и во него се враќа! Класика!

Денеска го читам писмото кое Студентскиот пленум, организаторот на вчерашниот масовен студентски марш, му го предал на министерот за образование, Абдулаќим Адеми, во кое ги изнесува своите барања и причините за протестот против воведување на екстерното тестирање на факултети, во кое се вели:

„Ние како студентска иницијатива Студентски пленум ви се обраќаме со барање да го повлечете предлогот за воведување нови реформи во високото образование, поконкретно мерката државен испит.... Резултатите од овие испити, како што е најавено, ќе бидат пресудни за иднината на студирањето на секој студент: имено, доколку студентот не ги положи овие испити тој го губи правото да продолжи со своите студии. Мерката, во формата во која е претставена во јавноста, е многу проблематична и е во директен судир со уставно загарантираните права на граѓаните на Република Македонија!“

Какво е ова писмо!? Што во оваа писмо ви личи на категорично барање, демарш, нота, ултиматум!? Па ова е интонација што секој ден го заплиснува министерот од стотици дописи на кои тој, нормално, обрнува помало внимание отколку на тендерите за креди и сунѓери!

Сакам да укажам на три работи: прво, екстерното тестирање односно државните испити, како што вели Студентскиот пленум, се најспоредниот проблем во систематскиот процес на претворањето на високото образование во инкубатор за производство на морони! Тоа е клучниот проблем, а не филтрите низ кои некои студенти не би можеле да поминат! Што фали ако некој што наумил да биде куротресина во кабинетот на Ставревски заврши како кровопокривач или заварувач!

Таа и таква селекција на мотивите за бунтовност покажуваат дека студентите се движат по ниското ниво на опортунитетот, дека, всушност, на еден апсурден начин, се борат за можноста да ги трампаат потенцијалите на долгорочните успеси односно основите на тие успеси за ситни непосредни ќарови: да ја трпат општата девалвација на образованието само за да можат да студираат и да ги напаѓаат државните испити како опасност за прекин на студирањето, а не врз основа на тоа дека тие испити се само камче во вкупниот мозаик на еден систем што го разорува високото школство и образовниот систем во целина!

Со други зборови, тие се борат да студираат и да дојдат до своето дипломиче, независно од количеството на бесмисла и глупост, незнаење и дезориентација со кои ќе им ја наполнат главата во тој процес! Овие протести покажаа дека студентите не демонстрираат за квалитетот на студирањето и на себеси како дипломци, туку за некаква лесна проодност и дипломи со кои на реалниот пазар на трудот, ослободен од арбитрарната улога на чипираните идиоти од вемерето, ќе можат да си ги избришат газовите!

Од аспект на реалните проблеми и на своите перспективи, тие имаат природно право да ги запалат мнозинството кокошарници што се маскирани во факултети, а не да му пишуваат топли писма на министерот! Фактот дека министерот изјави дека тој не знае за што протестирале студентите, покажува дека министерот е морон и тоа е и веројатно ќе биде единствениот бенефит од студентските демонстрации! Таа тажна судбина на студентите и на високото образование ќе остане и со државните испити и без нив, тоа е мојата поента кога говорам критички за позицијата на студентите! Картагина треба да се разори, драги мои колеги! Јас не можам да најдам лектор, мојот другар адвокат има правници од кои полудува ако не се лечи со по некој „јегер“ или „џејмисон“, системот е аут, организацијата е аут, бандитите се внатре, тоа е проблемот. И државните испити се проблем, но третокласен проблем!

Важно е студентските протести да имаат однос кон општата слика, кон драмата на Македонија! Никогаш студентите нема да решат ништо на микро ниво, па ниту со екстерното тестирање како екстремна глупост, ако немаат однос кон контекстот во кој нивните проблеми се важни, но се само дел од болеста на целиот организам. Притоа, многу е важно, изразите на незадоволство и на студентите и на сите општествени структури и на желбата за промени, да не се контаминира со бесмислените трактати на таканаречената политичка опозиција, да не се контаминираат со инерцијата и анестезирачкото паролаштво, многу блиско или еднакво на колаборантство со власта!

Немало и нема таква работа. Немаше ни вчера! Во 1968 година невозможното беше мерка на студентските демонстрации! Јас им пишав вака: ако сакате да се ослободите од државните испити - преговарајте со власта, ако сакате да бидете слободни- срушете ја! Ми велат дека тоа бил радикален став! Да, им велам, затоа е и исправен. Дури единстен кој може да претендира на исправност.

Нестудентскиот, пак, дел од општеството се пали на демонстрациите како на грутка која валкајќи се низ скопските улици ќе собере доволно материјал за да ја собори власта! Јас мислам дека едно такво валкање, ако воопшто собере некаков уривачки потенцијал, ќе ја собори не само власта туку системот! И затоа таквиот развој на настаните ќе биде спречен ако евентуално се покаже дека не е можен по природата на нештата. Со здружени сили на власта и опозицијата!

Извор: Глобус
Фотографии: Ванчо Џамбаски