Не за екстерното тестирање!

28.11.2014 03:17
Не за екстерното тестирање!

Иако сè уште без конкретни детали како би се одвивало екстерното теститање, предлогот на Владата, Министерството за образование (чиј и да е) за воведување на екстерно тестирање во втора и четврта година не само што нема да ги реши проблемите во високото образование во РМ, туку напротив, само ќе ги продлабочи предизвиците со кои универзитетите, студентите и целокупното македонско општество се соочуваат.

Дебатите почнаа со прашања и дилеми околу неговото изведување (кои предмети, какви прашања, кој ќе ги составува, кој ќе прегледува и сл.) кои се комплетно небитни бидејќи самото воведување на ваков вид тестирање спроведено од Mинистерство за образование е само по себе, во најмала рака, скандалозно. Контрадикторните изјави, ретерирањата, одложувањето на неговото имплементирање не смеат да ја „смират“ јавноста, да ги сензибилизираат студентите и професорите кои почнаа сериозно да се осврнуваат на неговата суштина, т.е. неговата излишност и штетност. Очекувано беше да се јават бранители на екстерното тестирање, но аргументите кои ги изнесуваат тие, а и неговите предлагачи, се косат со здравиот разум и логика, образовните стандарди и пред сè, со уставните начела на РМ.

Како главна причина за воведување екстерно тестирање, кое потоа стана државен испит, беше наведено неквалитетното и недоволното образование со кое се стекнуваат студентите. Но за да се решава некој проблем, потребни се анализи и истражувања кои проблемот ќе го детектираат, опишат, опфатат, за да можат да се пронајдат можни решенија. Какви анализи спровело МОН, што подразбира под „неквалитетно“ образование, кои се проблемите, каде се резултатите од истражувањата? Не сме во чекална, па си муабетиме: „денешниве студенти малку учат, ништо не знаат“ и сл. На чаршиски муабет ли се базираат образовни политики? Високото образование, целокупниот образовен процес во РМ се соочува со многу предизвици, како и секаде, впрочем, и сите учесници го чувствуваат тоа. Но проблемите не се рeшаваат со предлог од ракав, без анализи. Ако ги има, каде се? Зар тестирање ќе ни ги реши проблемите? Предлагачи, образованието е процес и не постои тест кој може да го подобри. Образовниот процес се подобрува системски и континуирано, со вложување средства во развој на постојниот и нов академски кадар, услови и можности за студирање, истражувачка работа (и на академскиот кадар, и на студентите), подобрување и осовременување на студиските програми и многу други мерки кои во ниеден случај не вклучуваат екстерно тестирање. Министерството за образование на РМ ја има акредитирано секоја студиска програма на која се запишуваат студенти во сите универзитети во РМ. Ако програмите не нудат квалитетно образование, како едно тестирање ќе го реши проблемот?

Наведен беше и аргумент дека испити и дипломи се купувале во Македонија. Дали купувањето испити и дипломи е проблем кој го решава Министерството за образование или Министерството за внатрешни работи? Тест ли ќе ја сопре корупцијата? Купувањето испит и диплома е кривично дело, сторителите треба да се најдат и да одговараат, не да се тестираат.

Споменато беше и трошењето време и пари на студентите, кои преку тестирањето ќе виделе дека не им оди и сами би се откажале. Образовните политики треба да стимулираат развој, а не да ги демотивираат студентите и да ги поттикнуваат да се откажат од студирање. На студентите кои имаат потешкотии во студирањето, наша задача е да им помогнеме да ги совладаат истите, не да ги отстраниме од образовниот процес преку тест.

Предложено беше и тестирањето да биде елиминаторно т.е. да го ограничува продолжувањето/завршувањето на студиите. Иако набрзо декларативно повлечено, неуставноста на идејата е алармантна и не можам, а да не се осврнам и на неа. Уставот на РМ го гарантира правото на образование (Член 44) и никој нема право некому да му го одземе. Министерството за образование со првичниот предлог (за кој никој не може да гарантира дека нема да се врати во иста или видоизменета форма) се става над Уставот и си зема за право, преку некаков тест, да одредува кому ќе му биде дозволено, а кому нема да му биде дозволено да продолжи да студира и да се образува, што е без преседан! Што правиме со концептот за доживотно учење, можностите за студирање на возрасни лица кои ги прекинале студиите или никогаш не студирале, проект кој истата оваа Влада го промовираше? Студентите кои би се елиминирале со екстерното тестирање никогаш ли повеќе нема да можат да се запишат на факултет? Или ќе можат, ама по десет-петнаесет години? Подоцна, пак, најавената можност за полагање на тестот неограничен број пати сѐ до негово успешно положување, со плаќање за секое следно полагање, дополнително фрла сомнеж околу намерите и причините за воведување на екстерното тестирање и отвара можност за дополнителна корупција. „Образованието е достапно на секого под еднакви услови“ , вели Уставот на РМ. Студентите кои не би можеле да платат повеќепати да го полагаат, идиректно би биле лишени од правото на образование. Германија воведе бесплатно високо образование за домашни и странски студенти, а студентите во Република Македонија на државните универзитети плаќаат повисоки школарини од просечната плата во РМ, но веројатно и тоа е малку, па потребно е и за екстерно тестирање да доплаќаат.

Аргументите зошто екстерното тестирање не е само непотребно, туки и многу штетно, не завршуваат тука. Велам НЕ за екстерното тестирање, како граѓанин на РМ, како родител, поранешен студент, професор и универзитетски наставник, пред сѐ затоа што:

Екстерното тестирање е во колизија со принципите на кои треба да се заснова високото образование, а тоа се развивање на критичкото и аналитичкото размислување и други најразлични вештини, а не само стекнување на теоретски знаења. Образованието треба да промовира примена на знаењата, а не нивна бесцелна репродукција (или препознавање). Ова се задачи и на основното и средното образование, ова се предизвици со кои треба да се позанимава целокупниот образовен систем, а со воведувањето на екстерно тестирање во основното и средното образование остварувањето на овие цели е дополнително отежнато. Учениците учат за да положат тест, а не да научат. Учат да препознаваат, а не да создаваат. Наставниците и професорите се приморани сосема да го напуштат формативното оценување кое подразбира стимулирање и подобрување на самиот процес на учење, користење на оценувањето како мотивациски фактор, а не само одредување на бројка. Со воведување на екстерни тестирања се скршнува од пошироко прифатените современи тенденции во оценувањето и третирањето на оценувањето и како алатка за стимулирање на учењето и се навраќаме на застарени и неефективни методи. Успешно положен тест не значи квалитетно образование. Исто така, тестовите на заокружување соодветствуваат на само еден стил на учење, а современите образовни текови и теории поддржуваат развивање на различни стилови на учење (на пр. визуелно, аудитивно, тактилно, кинестетичко итн.). Со воведувањето, пак, на Болоњскиот систем на студирање, и покрај неговите недостатоци, универзитетите во РМ се обидуваат да ги „разбудат“ и (до)развијат кај студентите вештините кои се неопходни за успешно интегрирање во професионалниот и научниот свет, да ги поттикнат да размислуваат, да градат ставови и да ги бранат истите аргументирано, и успешно да ги применуваат вештините и стекнатото знаење во пракса. Болоњскиот систем промовира оценување кое опфаќа повеќе елементи: тест, проектни и домашни задачи, присуство и активност на час со цел оценувањето, меѓу другите причини, да соодветствува на различните стилови на учење. Недостатоците кои произлегуваат од овој систем се тема на актуелни дебати ширум Европа, но никаде не се предлага воведување на екстерно тестирање како решение на проблемите кои произлегуваат од Болоњската декларација.

И на крај, воведувањето на екстерно тестирање од страна на Министерството за образование и наука претставува сериозно ограничување на автономијата на универзитетите која е неприкосновена и уставно загарантирана. Автономијата на универзитетите е еден од клучните столбови на демократските општества. За разлика од основното и средното образование, каде Бирото за развој при МОН ги составува наставните програми, универзитетите сами решаваат за студиските програми кои ги нудат и сами одлучуваат за мерките кои би ги преземале за подобрување на образовниот процес кој го изведуваат. Ингеренциите на МОН завршуваат со акредитирањето на тие програми. Сè останато е упад во нивната автономија и е погубна политика за развојот на слободната мисла и иднината на Македонија. Екстерните тестирања кои ги спроведуваат министерствата за образование во другите земји (на пример во Франција) не служат за оценување на учениците и професорите, туку за оценување на наставните програми кои министерствата ги составуваат за основното и средното образование и служат единствено како показател дали и како треба да се менуваат и подобруваат. МОН не само што од погрешни причини и на погрешен начин се служи со екстерно тестирање во основното и средното образование, сега истото сака да го примени и во високото образование, што не само што не значи квалитет, туку е и кршење на членот 46 од Уставот на РМ, кој ја гарантира автономијата на универзитетите. Автономијата на универзитетите е првиот предуслов за квалитетно образование. Со предлогот за екстерно тестирање на студентите, МОН се става над универзитетите и зазема позиција на врховен оценувач, а нема, ниту смее да има право на тоа.

Екстерното тестирање во високото образование би бил своевиден феномен кој не се среќава речиси никаде во светот и сметам дека дополнително би го поттикнало одлевањето на млади кои би се одлучиле да студираат во странство наместо дома. На каков и начин да се спроведе, екстерното тестирање е во расчекор со современите текови во високообразовните процеси и целите на вискообразовните институции и директно или индиректно го ограничува уставно загарантираното право на образование и автономијата на универзитетите. НЕ за екстерното тестирање!

Слики: Paweł Fabjański