Директна демократија (Јозеф Бојс)

19.12.2014 13:37
Директна демократија

Јозеф Бојс, мојот омилен (прото)концептуален уметник, живеел со голем притисок на совеста (во поствоена Германија). Но баш затоа, и во едни такви услови, тој дошол до разни оригинални решенија како излез за конзервативното и нефункционално општество. Сите негови активности – перформанси избликнуваат од длабоко егзистенцијално ниво. Значи, тежината на општиот амбиент како услов за изнаоѓање вистинско решение, бидејќи „се нема друг избор“, е случај со уметникот Џозеф Бојс. Неговите перформанси наликуваат на спектакли - револуционерни алтернативи за тоа како треба да се живее. Затоа, сите негови предлози за: директна демократија (секој човек е пред сè духовно битие кое како такво треба да се манифестира и да управува директно); потоа неговите шамански искуства односно воспоставување примарно-елементарно-топла комуникација со луѓето, животните и природата; едноставност, искреност и непосредност; наклонетост кон Зелените, враќање кон претцивилизациската чистота во хармонизирање со природата; активности за воведување на алтернативно образование инспирирани од Антропозофското друштво на Рудолф Штајнер и во духот на големиот гениј на Германскиот класицизам - Гете, значи сите тие предлози се вистински излез од егзистенцијалната криза, излез од притисокот на еволуцијата - живот или смрт.

Како да му се објасни на мртвиот зајак што е тоа уметност? Со сочувство, топлина и љубов. Затоа Јозеф Бојс постојано го користи филцот како материјал за своите скулптури-инсталации, топла текстура/структура (но и затоа што после авионската несреќа бил пронајден од татарски племиња кои го завиткале во филц и така го вратиле во живот); постојано изложува некаква си маст, структура/текстура/маса која лесно ја менува формата под влијание на топлина и со своите „атоми“ го зафаќа просторот (амбиентот).

Маката носи решение. А најбитна е свеста. Приказната за Јозеф Бојс ја раскажав сакајќи да посочам дека секогаш кога постојат некакви пречки, соочувањето и справувањето со нив иницира квалитативна промена на свеста. Но потребни се волја и упорност.

Исто така, битно е да се увидат и разлачат прогресивните сили од ретроградните. Некогаш навистина постои борба меѓу доброто и злото! Како да се соочиме со комплицираната и комплексна ситуација во која се наоѓаме сега? Елементарното чувство за едноставност, искреност,чистота, несебичност, чесност е она што нè враќа во средиштето. Тоа се квалитетите кои нè „центрираат“ во нашата автентична природа после многу изместувања лево-десно, горе-долу.

Пред некој ден имаше одлични предавања од еминентниот професор и теоретичар на уметност Џејмс Елкинс (James Elkins) во МСУ („Иднината на сликата“ и „Отаде естетското и анти-естетското“).

Моето резиме што си го направив после второто предавање е дека животот, ако се живее автентично, искрено, со оние квалитети кои ги спомнав, значи свесно, станува уметност, тоа е тоа. Со таква свест сè што се прави е уметност. Ова е мојот заклучок и покрај тоа што се инсистираше уметноста да не се дефинира, бидејќи е отаде вербалноста. Впрочем и затоа предавањето беше така насловено.

Поентата на активизмот на Јозеф Бојс, на пример со директната демократија и социјалната скулптура* како што тој ја нарекува, е во терапевтската метода. „Многу повеќе ме интересира тип на теорија која кај луѓето активира енергија и ги тера кон општа расправа за присутните проблеми. Тоа е, значи, пред сè терапевтска метода... Трите полиња на скулптурата подеднакво се поврзани со скулптурата, со демократијата и со економијата. Постои паралелизам меѓу скулптурата и проблемите на општественото тело. А луѓето сè повеќе стануваат свесни за тоа. Еколозите, на пример. Би можело да се каже дека тоа е теорија на работата: секоја работа (професија, м.з.) има некаква релација со уметноста, а уметноста повеќе не претставува тип на изолирано дејствување или собирања со/околу луѓето кои се способни да прават уметност додека другите морааат нешто друго да прават. Баш е таа целта на мојот напор.“( Joseph Beuys)

А она што сега го препознавам со професорите и студентите е дека се доведени до ѕид, и „немаат друг избор“, освен да постигнат квалитативна промена. Преку дијалог, дебата, истражувања, терапевтска метода и взаемна почит да ги воведат тие внатрешни реформи во образованието. И тоа е умешност, можеби и уметност, некаков тип социјална скулптура и архитектура. Често процесот е созреан и чека само да се елименираат лошите страни, а да се истакнат добрите. Тој процес им се убрза благодарение на притисокот однадвор - наметнатите „реформи“ од власта. Па така во секое зло има и добро, нели, ако негативностите се прифатат како предизвици кои треба да се надминат. Многу е тешко, екстремно тешко да се издржи тоа, но кога сме набиени до ѕид решение се случува, само ако имаме свесност и ако не дозволиме да бидеме напикани како цигли во ѕидот.

Овој процес е суштински за целото општество. Бидејќи интелектуалната фела е умот на општеството. Каков ќе биде умот (матен, тап, мрачен, изманипулиран, затворен или бистар, отворен и просветлен), такво ќе биде и општеството.

Затоа професори и студенти од сите факултети и универзитети обединете се! Ние другите се солидаризиравме со вас.


На фотографијата: Јозеф Бојс, Како на мртов зајак да му се објасни слика, 1965

* „Општествените промени се остваруваат преку социјална скулптура, која настанува со радикално проширување на уметноста во општествениот живот. Според Бојс, уметноста во минатото ги следела промените на општеството, а во шеесеттите и седумдесеттите години таа станува инструмент за промена на општеството. Градењето на социјален организам како уметничко дело се остварува така што уметникот ја буди и ја развива креативноста на секоја општествена единка. Бојс се заложува за еволуциона и револуциона преобразба на општествената единка во творечки општествен субјект. Според неговите зборови, социјалната скулптура и социјалната архитектура потполно ќе се оформат кога и последниот човек кој живее на Земјата ќе стане уметник, вајар или архитект на општествениот организам. Со тоа ќе се оствари утопијата на акционата уметност на флуксусот и хепенингот. Ќе настане демократско општество засновано на директна демократија. Таквиот поим на револуционерна уметност може да стане политички продуктивен и да се оствари со посредство на секој историски човек. Секој човек е слободен, уметник кој учи да ги одредува новите степени на тоталното уметничко дело на идното општествено устројство.“

Мишко Шуваковиќ, Концептуална уметност

Слични содржини

Живот / Уметност
Фотографија / Живот / Уметност
Живот / Уметност / Историја
Живот / Уметност / Историја
Фотографија / Живот / Уметност
Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото