Познати светски професори им дадоа поддршка на студентите

23.12.2014 02:02
Познати светски професори им дадоа поддршка на студентите

„Кога институциите на високото образование стануваат предмет на контрола на државата, критичкото размислување е заложник на диктатот на оние на власт“, пишуваат познати светски професори во писмото со кое му даваат поддршка на Студентскиот пленум.

Жак Рансиер и Алан Бадју, кои се сметаат за едни од најпознатите живи филозофи на денешницата, Тод Мај, професор на Универзитет Клемсон во Вашингтон, Марк Ленс, професор на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, Сајмон Крчли, професор на „Њу скул Њујорк“, Гал Кирн од Универзитетот Хумболт во Берлин, Светлана Слапшак, позната професорка од Љубљана, се само дел од светски познатите професори што се потпишаа на писмото за поддршка на барањата на Студентскиот пленум против воведување државен испит во високото образование.

Во писмото се вели дека потпишаните научници и професори од целиот свет, ја изразуваат длабоката загриженост за измените на Законот за високото образование и затоа се солидаризираат со демонстрантите од Студентскиот пленум.

„Кога институциите на високото образование стануваат предмет на контрола на државата, критичкото размислување е заложник на диктатот на оние на власта. Едно општество не може да се развива во такви услови. Креативноста е задушена, критиката е немушта, независната мисла е укината. Предложените измени и дополнувања на Законот за високото образование, во прилог на други неодамнешни активности од страна на Министерството за образование и наука, не само што ја поткопаа автономијата на универзитетите, туку и ја елиминираа“, пишува во писмото.
Сѐ погласна е и домашната академска јавност. Универзитетската професорка
Гордана Попсимонова вели дека авторитарната власт може сѐ, но на кус рок.

- Дури сме свесни и дека дебатата што деновиве се води по вторпат на универзитетите е гола форма, без суштина. Премиерот изјавува дека државен испит ќе има, сакале ние или не – и од нас, како поданици, очекува да се впуштиме во дискусија околу модалитетите. Ние тоа го одбиваме со индигнација! Ако не се најдат соодветни решенија за состојбите во високото образование, кое понекогаш мора да глуми научно-истражувачка дејност оставено без средства, без пристап до литература, или дури и тој фамозен „Web of Science“ на кој не е претплатен ниту еден универзитет или факултет, за престој во странство, нашите умни млади луѓе со мирно срце ќе почнат да заминуваат и да дигаат раце од оваа земја - изјави во медиумите Попсимонова.

Студентскиот пленум направил опсежно истражување за тоа каков концепт на државен испит заговара македонската влада, а каков има во Данска, Полска и Германија - земји во кои според надлежните беше наведено дека долги години се користи државен испит како средство за проверување на знаењето на студентите.

- Во самиот старт станува збор за два различни концепти. Во овие држави државните испити се воведени за оние луѓе што се образоваат во стручните високообразовни институции или училишта, односно државата води сметка дека самите ученици или студенти имаат минимално знаење за стручните струки и области каде што и ќе продолжат со работа. Во Македонија, од друга страна, државниот испит се воведува за намалување на таканаречените „купени дипломи од одредени високообразовни институции“ и се однесува на сите студенти. Начинот на испитување е исто така различен. Наведените држави користат или метод на усно или писмено испитување. Постојат и мешани опции, односно користење и на устен и на писмен метод на проверување на знаењето за време на испитот. Разликата се гледа и во комисијата на испитот - изјави за „Фактор“ Блажен Малески, член на Студентскиот  пленум.

Владата, пак, и покрај сите критики од домашната и меѓународната јавност не отстапува од проектот државен испит. Премиерот Никола Груевски повторно од Штип порача дека владата не може да остане рамнодушна на она што се случува со образованието и дека мора да преземе мерки.

- За оваа работа кажавме многу, дека ќе ги опфати студентите од идните генерации, а не овие студенти што сега излегоа на протест, кажавме дека нема да влијае на професорите, и покрај тоа гледам дека дел од нив изразија реакција. Но како и да е, клучно е да се прашаме дали во Македонија е идеално, дали немаме никакво купување дипломи и дали сите завршуваат со потребно знаење што е конкурентно со знаењето на младите во државите од Европа или, пак, во Македонија имаме купување дипломи без знаење и нешто треба да се направи и да се преземат конкретни чекори - рече премиерот.

Извор: Слободен печат
Слики: Witchoria