Фузија

30.12.2014 17:09
Фузија

Се случи тоа што се случи. А што точно се случи уште „баш не ни е јасно“.

Мислам на перформансот што се одвиваше во петокот - протестот на студентите и професорите пред Владата. Видовте ли како „елементите“ од периодниот систем на Менделеев доаѓаа од сите страни, и веднаш упаѓаа во фузија напред во првите редови? U, Pm, La, I, Ca, Ne, O, B...

Па не е шега веќе тоа, драги пријатели! Бидејќи и професорите и студентите демонстрираа дека ако нема (почитување на) Устав нема Држава! Сериозни луѓе, студенти, професори, граѓани сме. Веќе повеќе години го повторуваме тоа, тоа па тоа, на овој или оној начин: ако не си го почитуваме својот, Устав немаме Држава!
И Крај.

А Устав немаме кога секојдневно се гази, кога законите постојано се менуваат во стилот „пиши-бриши“ за потребите на власта, односно партиите на власт. Па сериозни луѓе сме или будали, идиоти, ментално заостанати и морони?

Ако нема Устав нема Држава.

Можеби сум наклонета да ги поедноставувам (но не и да ги упростувам) нештата и да извлекувам некакви слогани што не значи дека некогаш не ја погодувам и суштината!

Суштината ја погоди девојката кога на крајот од својот настап ја фрли копијата од Уставот пред Владата. Ја погоди суштината на нашиот проблем право во срцето.


ДОСТА БЕШЕ МОЛК!

Сериозни луѓе сме или си играме играчки со држава, со живот на млади луѓе, со вредносни системи и сè друго така натаму? Додека децата на „елитата“ студираат на престижни универзитети нашите студенти ќе им служат како заморчиња за експеримети во производството зомби-нација?

Длабок рез во нашиот заболен организам направија тие бунтовни и храбри луѓе. Не сме истите после таа случка. Нè боли, сега, свесно. Претходно несвесно нешто нè тиштеше, чувствувавме мачнина, бреме на својот грб, сега рана отворена зјае.

Нема Устав- нема Држава. Го поканувам мојот драг професор Димитар Димитров да го коментира анти-слоганот на нашиот тап живот во оваа несреќна „држава“. Бидејќи одговарав за Државата на Платон на испитот. Илјадници студенти исто така одговараат за Устав на Држава на својот Универзитет.

Сега веќе не станува збор за воведување или не на некаков си државен испит. Сосема ирелевантен е тој поединечен акт на оваа власт. Сега станува збор за бранење принципи и соочување со болеста, со злото, со лудилото во нашето општество.

Радикално проширување на политичкото во сите сфери, во сите клетки на општеството, радикално проширување на културата, радикално проширување на уметноста – тоа е Свест. Радикално проширување на духовното, Свеста, во сите сегменти од општествениот живот, во секојдневието на нашата реалност.

Јадрото на тоа ЈАДРО – СВЕСТ (и СОВЕСТ) веќе се случи, со фузијата, токму таму пред Владата, на протестот во петокот. Од експлозијата на незадоволството заради безброј неправди кои ги премолчувавме. Брановите што сега се шират од експлозијата предизвикуваат создавање на нови јадра- индивидуи, млади пламени. Магмата - маса на болката помешана со стремеж за подоблесен, почесен и поубав живот се движи низ нечистите улици на Скопје, интензивирана уште повеќе во контрастот со белината на снегот.

А од длабоката рана истекува отровот, гнојот на мртвите клетки. И многу брзо организмот заздравува и се обновува, благодарение на „матичните клетки“, како што кажа еден сограѓанин на Форумот пред Собранието.

РАДИКАЛНО ПРОШИРУВАЊЕ НА ПОЛИТИЧКОТО
РАДИКАЛНО ПРОШИРУВАЊЕ НА КУЛТУРАТА
РАДИКАЛНО ПРОШИРУВАЊЕ НА УМЕТНОСТА
РАДИКАЛНО ПРОШИРУВАЊЕ НА ДУХОВНОТО
ВО СИТЕ СФЕРИ НА ЖИВОТОТ
БИДЕЈЌИ НЕМА ДРУГ ИЗБОР

Седум акции во период од четириесетина дена, од Првиот студентски марш, па вториот, па маршот на хонорарците, Ајде, па протестот на студентите и професорите пред Владата, хепенингот околу ГТЦ во неделата, и заокружувањето со пленумот на професорите и студентите пред Собранието, го оформија и згуснаа ПРОЦЕСОТ ЈАДРО на студентско-граѓанското движење.

На крајот: Бело, Бело, Бело. Снег.
Од Ѕуница преку Јасно Сонце до Срце Бело како Снег.

АЈДЕ, ДОГОДИНА СО НОВИ СИЛИ!

Слики: Татјана Миљовска

ОкоБоли главаВицФото