Фантазијата е мечтаење по подобар свет!

08.01.2015 17:04
Фантазијата  е мечтаење  по подобар свет!

Скопскиот центар станува сè потесен. Главната градска оска остана без тронка простор за својот иден развој. Неговата пренатрупаност ја уништи пазарната вредност на земјиштето и со тоа тој простор се девалвира самиот себе.

Најголем узурпатор е токму несмасниот политички проект СК014. Тој го оптоварува јавното и градско ткиво до степен на задушеност; не преставува никаква развојна визија и го нагризува токму најбитниот сегмент на градот. Интервенциите на СК014 се состојат од споменици, гаражи, рефасадирање и специфични девијации (псевдо брод-ресторан, псевдо врба-канал,псевдо барок-зграда и псевдо тркало-рингишпил). Ваквите хибридни симболи се распоредуваат долж просторот преостанат од центарот и преку нив политичката номенклатура систематски го затнува морфолошкото битие на градскиот центар.

Пропагандно се форсира оправданоста на проектот со економска цел, прилив на странски туристи. Но нивниот зголемен број се должи пред сè на нискобуџетните авиокомпании, кои за цена од 29,99 евра пренесуваат туристи од познатите европски дестинации (меѓу другото, тие се субвенционирани од македонскиот буџет). Просто речено, ние самите ги плаќаме туристите за да им го покажеме нашето немилосрдие.

2014 година веќе помина. Ќе мора да се размислува за денот потоа, кога најважно ќе биде цврсто да се наметне јавниот интерес околу идната функција на градот. Притоа ќе мора сериозно да се пристапи кон реосмислување на оваа површина што во моментов го узурпира градското добро. Најбитна ќе биде јавната дебата и граѓанската интеракција која би можела да се одвива во повеќе правци и низ сеопшта мобилизација:

1.Архитектите и планерите преку нивната асоцијација треба да организираат серија семинари и работилници каде ќе се креира нова урбана стратегија за амортизација на штетите и за одредување правци на развој со цел да се пронајдат најдобрите сценарија за иднината на градот и на централното подрачје;

2.Потребно е да се вклучи универзитетот, врз принципите на иновативност и партиципација;

3.Градските самоуправи треба да се отворат на секоја добронамерна иницијатива и да учествуваат во креирањето на јавното добро. Треба да постигнат баланс помеѓу засегнатоста и интересот и преку целокупен процес да произведат студии и планови по мерка на потребите и можностите на градот. Добра јавна архитектура е можна само кога јавниот инвеститор (политиката) е свесна за важноста на квалитетот на просторот во кој граѓаните живеат;

4. Граѓаните, корисниците и активистите исто така треба да бидат фактор преку учество, забелешки и сугестии.

Ќе мора да се изработи темелна студија, а потоа транспарентно да се реализира по фази. Во прилог на тоа може да се распише јавен меѓународен конкурс каде би биле поканети докажани планери кои би дале свое видување. Да видиме и разбереме како на тоа гледаат искусните и која би била цената на новиот ефект. После последново забегување немаме право на уште едно промашување. Сите можни прилики, по заминувањето на сегашната власт, ќе мора да се искористат максимално.

Интересно би било кога уште сега некои од нас би партиципирале со свои визии и тези. Конкретно ќе прикажам една сопствена теза, „суреална“, со можност таа да се развие низ дебата, а - зошто да не? – и да се надгради со други иницијативи. Мојата теза е за секој граѓанин кој го живее и го сака градот. Според овој концепт најбитно ќе биде најпрвин централното градско подрачје целосно да исчезне за да може повторно да се постави.


Синило (прва фаза)

Време е да си одиме, таму далеку
Таму далеку ,во еден поубав свет
И јас пак ќе се вратам
Време е (Сина соба, Мизар)

Песнава е реквием за пропаднатиот и обезличен град. За тагата на градот изморен и истрошен од лошата и неквалитетна транзиција. Сепак, биењето на камбаните при крајот од песната го означува новиот почеток врз кој градот пак ќе никне.

Песната е инспирација сите таканаречени дела на СК014 преку сеопшт зафат - да се посинат. Ваков тип на превенција би бил најприлагодлив и најевтин. Имено, би станало збор за јавна инвестиција од осум тона сина мрсна боја против рѓосување, која би се користела за да се офарбаат постоечките бронзени бурлески кои произлегоа од најдепресивниот период на постоењето на градот.

Еднаш така офарбани тие ќе можат да се прераспределат делумно и низ другите градови за да се растерети веќе задушениот и уништен простор. Како пример може да биде офарбаниот син мермер на Цар Самоил, кој би се поставил при влезот на некој град (на пример, пред Охрид),бидејќи неговата корпулентност не му дозволува друга позиција (така би се добило во симбологијата, каде глупоста би била опколена од светата природа). За жал финансиската дупка на споменикот не може никогаш да се врати. Единствено исплатлив би бил воинот на коњ, доколку се подари на градот Солун, за на тој начин да се инвестира во зачувување на идентитетот, како знак на добра волја.

Овој гест на фарбање би преставувал многу битен исчекор. Со хроматско демаркирање ќе се олесни тежината на овие скулптури преоптоварени со небитен и измешан материјал (од рељефи до кич интонации). Сето тоа е перцептивно битно за да дојде до израз грдиот зафат. Кога ќе падне во очи тоа масивно синило многу јасно ќе се согледа рапавата и несразмерна поставка на сегашните скулпторски чудовишта во сооднос со постоечките градби. Воочливо ќе биде влијанието врз постојаната урбана хармонија од позиции на различни периоди низ кои градот се развивал. Тоа ќе преставува и еден временски санаториум кој ќе прикаже насилен акт и ќе потсетува на мизеријата од нашата историја, вакуум простор во кој ќе се сплотуваат страстите кои произлегоа од поделеноста во градот. Штом ќе се обнови довербата во градот, ќе треба извесно време и за целиот тој апсурд да исчезне потполно.


Ново јадро(втора фаза)


За да се разбие и оддели СК014 од реалноста на градот, големиот ринг треба да подлежи и на добро осмислен урбан маркетинг, каде преку квалитетно изработен план
би се форсирало преместување на централното тежиште од малиот ринг кон помалку изградениот дел на Маџир маало. Овој дел од градот е предвиден и замислен, според планот на Танге, како транспортен центар. Во тој план изграденоста е масивна согледана преку мега структури од кои сепак најбитен е булеварот Крушевска република. Ваков тип метаболистичка визија од шеесеттите години е многу убава и напредна, но самодоволна - бидејќи има повеќе литературна отколку архитектонска вредност. Затоа овој урбан план во сегашни услови не може да се постигне бидејќи реалноста и проблемите се промените. Впрочем, затоа и градскиот зид беше прилагоден на реалните услови, иако концептот остана утопистички. Малиот ринг се прилагоди на реалните услови преку градскиот зид, но тој дел од Маџарр маало никогаш повеќе не се преработи.Треба да се мисли и во помали пропорции и да се размислува како во проретчен облик на форма во комбинација со инфраструктурата и градската маса може да се пренасочи урбаното жариште од плоштадот Македонија. Во случајов, транспортниот центар има голем потенцијал бидејќи сеуште е неартикулиран, во близина е на природен ресурс (реката Вардар), а во непосредна близина се и железничката и автобуската станица кои носат голем прилив од луѓе. (Кога некој првпат ја гледа пространоста на железничката станица се создава привид на повеќемилионски град.) Доколку се задуши и ГТЦ, тоа ќе биде единствен потег за детоксикација и пренасочување на најбитната артерија на градот. Откако на тој начин стариот центар ќе се дефокусира од јавниот дискурс, ќе почне социјално да се деградира а со тоа и градбите од СК014 ќе почнат да се уништуваат сами од себе. Таквиот новосоздаден простор повторно би бил примамлив за приватната иницијатива, која би учествувала во неговото расчленување само преку концесии и користење на тој празен простор еднаш кога ќе се срушат несаканите градби, без никаков државен трошок. Ќе треба да се дебатира и осмисли како да исчезнат ад хок дивите девијации од и по рабовите на реката Вардар.


Космополис (трета фаза)


Новиот центар би бил благо изграден, само колку да ги дефинира и зачува урбаните празнини, додека приватниот простор би се рационализирал во интерес на градската структура. Во густината што ја задава сегашниот ДУП може да се интервенира со високи типологии, згради чија висина не би била повисока од постоечката на градскиот зид (12-13 ката). Форсирајќи дополнителна густина би се заштитило и непотребното ширење на Градот кон падините на Водно и со тоа би се заштитило непотребното уништување на природата, а градот би станал поконзистентен ,покомпактен и проретчен. Со тоа ќе се добие отворен поглед од надворешноста и внатрешноста на градбите, поглед на „висина“ на градот. Јавниот простор ќе мора да биде замислен како профитабилен механизам за да може да функционира самостојно. Социјално-културната мапа на таа површина ќе треба да има и голем капацитет на самостојно кодификувани елементи како „плоштад“ или „градина“ (или заедно урбанлендскејп). Урбаната празнина не смее да премине во приватната сфера.

Критична точка во сето ова размислување се сегашните навики и живот на станарите долж централното јадро. Нивниот хабитат не смее никако да биде уништен, а потребно е да се зачува и културното наследство кое се наоѓа во одредени делови од Маџар маало.

Се разбира, ова е само едно размислување за идниот можен развој на градот. Секој од нас има слобода да се охрабри да го посака само она најубавото во кое сите ние ќе сакаме да живееме. За легендарниот Оскар Нимаер, фантазијата е мечтаење по подобар свет.

Оваа иницијатива може да биде сеградска, каде секој учесник ќе може да понуди свои идеи во најразлични облици на приказ:колаж, цртеж, фотомонтажа (секоја техника е дозволена), и сите заедно тие идеи еден ден, кога ќе се смени власта, ќе можеме да ги испратиме како писма до адресите на градските и извршните управи (како тогаш кога масивно праќавме разгледници до Европската унија за да го заштитиме националниот идентитет). Дајте да си го заштитиме и овој градскиот!

Среќна нова година, Скопје!

П.С : Овој запис нема амбиција да ги наметне замислените факти, туку само во облик на скица да ја иритира и провоцира граѓанската свест за да започне јавна дебата за преродбата на центарот на градот и за негово бегство од средновековието во кое во моментов е заточен.

 

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Општество / Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото