За фантазмите на Македонецот

24.01.2015 11:30
За фантазмите на Македонецот

Во онаа смисла во која државата е секогаш еден вид фантазма (татковината не е само „парче земја“, туку е приказна за земјата), така и нејзината политика е нераздвојно фантазматична. Зад доминантниот политички дискурс или неговото официјално идеолошко значење секогаш стои определена фантазија, едно неизречено фантазиско сценарио кое ја организира економијата на уживање на народот, т.е. на моралното мнозинство. Додека политиката на површина се занимава со економска благосостојба, територии, национална безбедност, правна еднаквост... фантазијата која работи одoздола го гради начинот на кој народот се гледа себеси, начинот на кој го формира својот идентитет. Кога луѓето се идентификуваат со определен политички дискурс тие не се идентификуваат толку со неговата официјална идеологија (левица, десница, центар) колку со неискажаните фантазии кои стојат одоздола (народни луѓе - елитисти; стара елита /„од Водно“/ - нова елита /„од Сопиште“/; центарци /„градски деца“/ - нецентарци /„вистински Македонци“/ итн.). Политичкиот дискурс успева дури тогаш кога ќе направи да си изгледаме привлечни самите на себе.

Според тоа, прашањето кое се поставува пред секое општество е како доминантниот политичкиот дискурс ги управува и учествува во фантазиите на неговото морално мнозинство.

Македонскиот социјал/либерал-демократски политички дискурс никогаш не бил посебно приемчив за потребата на индивидуата да создава химерични конструкции за себе и за својата заедница. Него отсекогаш го отсликувал некаков презир кон суштинските својства на несвесното и дополнително една посебна, речиси инстинктивна аверзија кон сè што е мит, национален/етнички симбол или колективна фантазија на Македонецот. Дефинирајќи се како „разумски“ (прагматичен, технократски и „реален“) тој од самиот почеток е хендикепиран за она што Кант го идентификува како „неодложна потреба“ на умот кој (за разлика од разумот кој преку сознавање ја бара вистината) е во постојана потрага по смисла. Некадарен да ги адресира фантазмите на Македонецот, тој уште помалку може да ги скроти сега кога тие избија во крајно пореметени форми. Додека Преродбата ровари по архетиповите на колективното несвесно (претворајќи нè во освојувачи, гледајќи ја големината во боздоганот а не во умот, разбирајќи ја толеранцијата како слабост а не сила), нашиот разумски дискурс неоптоварен со „празноверици и идентитетски небулози“ се обидува да ги обзнани лагите. Тој нуди купишта докази (фотографии, снимки, наградни прашања) за тоа колку сме ние покрадени, нагрдени и излажани (што е во основа точно). Но она што притоа не го согледува овој своевиден разумски фатализам е тоа дека луѓето не можат да бидат излажани, освен доколку тие не ја артикулираат својата желба во самата измама. Па така, вистинско прашање во оваа смисла не е како Македонецот не гледа дека зад градбите на Преродбата стои измама, кич и криминал, туку токму обратното: која е фантазијата поради коja тој избира да не се соочува со измамата.

За разлика од политичарите на опозицијата кои директно се обраќаат на т.н. реални или ефективни потреби и интереси (невработеноста, образованието, здравството и сиромаштијата), Преродбата не нуди никакви решенија на постоечките проблеми, туку едноставно радикално го редефинира нивниот статус. Она што е важно не е економијата како таква, туку начинот на кој е симболизирана преку идеологијата: чистата економија не постои. Невработеноста и сиромаштијата се секако тешки факти, но она што е важно во политичките битки е како тие се восприемени, како се симболички посредувани или структурирани (Рената Салецл). Па така, Преродбата ги признава економските проблеми само за да истакне дека политичките и моралните предизвици пред кои е храбро исправена (себезачувувањето на нацијата - борбата за идентитетот, наталитетот) се исто толку тешки и можеби повеќе, но во секој случај примарни прашања. Латентната опасност тука е скриена во фактот дека со поттикнување и толерирање на национализмот на албанското малцинство (несанкционирање на слики со калашникови, непочитување на државното знаме; неговорење на македонскиот јазик; вработување по етничка основа, а не по мерит систем; амнестија на злосторства против човештвото) Преродбата дава алиби за национализмот на мнозинството. Во таков случај, дури и да имаат најдобра политичка програма - онаа која ги артикулира проблемите на жените и екологијата и над сè се обидува да ги разреши тешките економски проблеми - моралното мнозинство не се идентификува со социјалдемократската политика поради тоа што тоа не се дефинира (и не може да се дефинира) себеси како не-национално. Сè додека од една страна се произведува „заканата по нацијата“ улогата на рационално артикулираните идеи може да биде сосема скромна во споредба со разјарениот лав, воин, херој.... чија слика влева сигурност, смирува и обединува повеќе отколку кој било разумен, толерантен, стерилен, млак, „безбожен“ јазик.

Сепак, причините за делотворноста на Преродбата, поточно за нејзиното претставување како единствен бранител на нацијата, не можат да се лоцираат во нејзината идеологија, туку во фантазиите кои во прв ред ѝ доделуваат идеолошка смисла. Без рамката на фантазијата која работи или поддржува одоздола, тешко би можело како „татковинска“ да се прими политиката на амнестирање на ѕверствата и масакрите сторени над сопствените граѓани (со кои меѓународното право има проблем, но „татковинското“ право нема); нерешавањето на статусот на бранителите и раселените лица; негрижата за „старото“ културно богатство (манастири, икони) и пред сè политиката која се ближи до концептот на еколошки геноцид над своето население (геноцид кој е резултат на еколошко уништување и злоупотреба на природата и екосистемите). Притоа е сосема ирелевантно што овој конзервативен десничарски дискурс содржи елементи кои се сметаат за неспоиви: сталинистичка партиска реторика, протофашистички елементи и економски либерализам. Успехот на денешниот авторитарен популизам лежи во фактот дека кога луѓето ќе се идентификуваат со определен политички дискурс, фантазијата игра поголема улога отколку идеолошкото значење. Па конечно, која е таа фантазија која како сетилен и нагонски трип го тера Македонецот да брани политика која го упокојува?

Преродбата на своите следбеници им отвора досега затворени врати, им дозволува досега ненасетена слобода, им го отстранува срамот и стравовите кои предолго ги ограничуваа. Им дава можност да ги контекстуализираат своите секојдневни активности (од дремење на работа до мезење во кафеана) во еден новосоздаден херојски наратив. Им дозволува да го уредат јавниот простор како своја дневна соба. Нејзиниот успех се потпира на конструирање слика за заедница, дефинирање на ентитет чија социјална вредност допрва доаѓа, со други зборови, овозможува заштита на сите оние кои се чувствуваат дека можат да бидат дефинирани како да имаат ниска социјална вредност (интелектуална, морална, човечка - мудрост, интегритет, храброст, желба за слобода и правда...) „Каквиот-таков народ“ е центарот на замислената идентификација конструирана од преродбеничкиот дискурс, местото на кое „новиот Македонец“ сака да се види себеси. И целата политика на Преродбата е во основа обид да се утврди вредноста на просечноста како таква, да се создаде горда елита на просечните.

Опасните или субверзивни елементи тука се луѓето кои се трудат да бидат извонредни, луѓе кои ќе залутаат од „нормалноста“ или со тоа што ќе бидат предобри во нивните работи или со тоа што ќе се обидуваат да го подобрат системот. Сè додека тие постојат и потсетуваат дека реалноста може да биде многу подобра, го уништуваат уживањето на новоформираното морално мнозинство. Сведокот на ненормалноста на нормалното, на невредноста на вредностите, на бесчестието на почестите, на испразнетоста на ритуалите мора да биде отстранет! Ништо не менува фактот дека животот станува сè понесигурен. Мнозинството се прилагодува така што го губи капацитетот да ја разбере и почувствува неправдата, па оттука и неговата сè поголема сколност неправдите да ги прогласува за несреќи (и наместо да бара правни процедури за проблемите гради цркви за светите маченици). Заглавен некаде помеѓу бронзени херои и денови на жалост Македонецот морално се деформира. Единственото што остана да го гневи, жести, да го држи во живот е чистиот ресентиман. Сè што денес крева глава, се експонира, сè што е „присутно“ и видливо е една голема филистерска рана која гризе, која ништи сè што ја потсетува на нејзината фундаментална ускратеност.

Огромната опасност што ни се заканува потекнува од несогледливоста на психичката реакција. Она што во оваа смисла демократската политика ќе мора да го научи од теоријата на Лакан е дека не е секогаш точно (како што претпоставува либералната теорија) дека луѓето рационално избираат повеќе добра со цел да обезбедат поголем успех. Не постои општа неутрална желба за примарни добра, со исклучок на интерсубјективната дијалектика на завист, т.е. врската со желбата на Другиот. Накратко, не постојат рационални потреби поголеми од зависта (желба за своја бела куќа /владата/, за свој Рајхстаг /собранието/, Бранденбуршка порта и слични столбови на победата /Паркот на жената/, за свое Водно (Сопиште), за своја триумфална капија, за свои интелектуалци - Конради и Шатевци итн.). Па така, луѓето не функционираат (задолжително) во согласност со своите „рационално утврдени“ интереси и нивните дејствија можат да бидат спротивни на нивното сопствено добро. Во оваа смисла, укажува Лакан, дури и уништувањето на добрата може да игра некаква улога за заедницата - дури и оние добра кои рационално ѝ требаат на заедницата (на пример, чист воздух, здравствена заштита и образование). Сè додека опозициониот политички дискурс го негира конкретниот начин на кој луѓето го организираат нивното уживање, ќе мора да се соочи со реалноста дека неговите „добра“ можат да бидат восприемени како „непријателство“. Акциите насочени кон осигурување на животот и еднаквите можности на граѓаните човекот на ресентиманот ги чувствува како наметнување во неговата слобода и вредности, како штетни за него. Во барањата чист воздух и немасакрирање на зеленилото тој гледа „софистицирани елитистички либерални сфаќања“; инсистирањето во општината да гласаат само оние кои живеат таму го разбира како ароганција (на „центарското привилегирано малцинство“). Парадоксот, според тоа, е дека на сметка на неговото исклучување на фантазијата, формалниот политички дискурс (кој води сметка за економијата, сиромаштијата, владеењето на правото и човековите права) ги произведува самите ефекти кои настојува да ги спречи (се доживува како непријателски по идентитетот - опстанокот и иднината на нацијата).

Едно од нештата кои бранителите на македонската демократија ќе мора да го прифатат е дека е илузија политиката без фантазија, без формите на задоволство манипулирани во местото на претпоставката на политичкиот говор. Сè додека општественото поле е неконзистентно, проследено со антагонизми кои не допуштаат целосно да бидат реапсорбирани во идеолошка симболизација, овие недостатоци, овие празнини во општествената структура секогаш ќе бидат исполнети со фантазии. А тука целта не е како еден вид фантазија да се замени со некоја друга, подемократска, или како да се спречи расистичките фантазии да бидат артикулирани. Целта на демократската политика е да создаде демократски простор во кој расистичките фантазии нема да имаат никаков реален ефект (Рената Салецл). Демократијата ги признава силите на имагинарното - и мирољубивите мечтаења и оние кои се бунтовнички, агресивни, осветнички - но истовремено е способна и да ги држи таквите фантазии артикулирани без страв дека демократскиот поредок последователно ќе се распадне (она што сега ѝ се случува на Македонија).

Вистинскиот демократски напредок во Македонија нема да се случи кога ќе се ослободиме од идентитетските потреби и потребите за национални митови, или кога исфрлени од факултетите и институциите ќе просветуваме од „нашите кафичи“, туку кога просторот окупиран од Лидерот ќе ѝ се врати на празната форма на авторитетот - правото. Таа празна форма на правото отвара простор за демократски политики. Само со ослободување на овој неутрален простор субјектот на демократското општество – индивидуата, може да го најде своето место на слобода и да преживее.
мај 2013.

Цртежи: Virginia Mori