За мене расказот е совршен жанр

04.02.2015 12:28
За мене расказот е совршен жанр

До сега имате издадено три прозни дела – сите три се збирки раскази. Со сигурност ова е книжевен жанр кој ви лежи и ви е близок. Дали имате желба некогаш да издадете роман или можеби поетска збирка? Колку ви лежат долгите наративи, а колку поезијата?

Постои извесна паралела помеѓу тоа што претпочитам како читател, а што како писател. Така, најомилен жанр ми е расказот, па сосем природно ми е и така да се изразам. Прозата ја сакам повеќе од поезијата, па не ја исклучувам можноста некогаш да се нафатам на пишување роман – но факт е дека за тоа треба дисциплина која јас во моментот ја немам. Поезија пишувам скришно и ретко, и знам дека не чини, па затоа никогаш не ѝ се навраќам и намерно ја затурувам или ја губам. Не умеам да напишам песна што мене би ми се допаднала, а тоа би било нешто чија структура и звучност одговара со содржината: слободниот стих го почитувам кај другите, но кај себе не.

Како функционира процесот на пишување кај вас (дали започнувате со крајот, средината, почетокот на расказот)? Колку време е потребно да се создаде збирка раскази? Како ја правите селекцијата на раскази кои ќе ги внесете во вашите збирки? Дали некогаш сте биле во ситуација да ублажите некои решенија во расказите затоа што сте сметале дека ќе бидат сфатени на поразличен начин од оној на кој сте сакале да алудирате?

Многу често сум слушала совети во врска со тоа како треба да се пишува, и едно време патев од тоа дека јас не правам нешто како што треба. Но факт е дека секој што пишува си има свој пристап кој не треба да го споредува со другите. Има раскажувачки генијалци како Карвер кои тврдат дека седнувале да пишуваат без да знаат каде ќе ги одведе приказната (што не значи дека после расказот не бил ревидиран). Па така, најчестиот совет што ми го давале е да пишувам секој ден, без разлика дали имам желба или идеја што ќе пишувам – дека тоа само ќе си дојде. Се обидов, се исфрустрирав, мислејќи дека нешто не е во ред со мене ако не може да ме понесе „инспирација“. За среќа, сфатив дека тој концепт не е за мене и дека ми претставува само губење време. Па така сега сум си верна на мојот процес, а тоа е конципирање на приказната и нејзино скицирање. Тоа значи дека приказната долго се крчка пред да седнам да ја пишувам. Не седнувам да го напишам расказот пред да знам како ќе заврши, оти лошиот крај може да го расипе комплетниот впечаток. Секако, во самиот процес на пишување приказната си добива друга димензија и често малку поинаков пат, но дури и кога тоа ќе се случи, подзапирам за да да ѝ ја осмислам структурата пред да ја завршам. Во принцип, мразам напразно да пишувам, оти знам да си се приврзам за некои реченици или сцени, па потоа да ми е тешко да ги исфрлам, иако знам дека тие не функционираат во текстот.

Кога се јавува кај вас желбата за пишување? Дали постои уште одамна и се развива спонтано или постои некој миг во вашата лична историја на врската со книжевноста кој е пресуден?

Желбата за пишување веројатно произлегува од нагонот да се обидам да создадам нешто налик на она што мене ме фасцинирало. Знам дека е тоа така бидејќи го имам почувствувано и наивно артикулирано како дете – ми текнува дека кога бев мала посакував да напишам нешто како „Збогум голема тајно“ или „Хајди“, на пример, па размислував како да го направам тоа, што од перспектива на возрасен е многу комично. Нормално, не можејќи на тие мали години да смислам приказна, активно пишував дневник, што многу ми има помогнато во вежбањето на изразот. Кога престанав со дневникот, се префрлив на расказите.

Расказот е доста интересен книжевен жанр во кој се опфаќа и прикажува најчесто една централна идеја или тема и таа се доловува на различни начини, честопати на концизен и елиптичен начин, кој ќе има остар и силен ефект врз читателот. Кои се според вас предностите и ограничувањата на овој жанр?

За мене расказот е совршен жанр, како најподатлив за реалистично отсликување на сите лични трагедии и комедии што ги забележуваме во секојдневието. Ваките интимни приказни постојано ни се одвиваат пред очи – се насетуваат во начинот на кој некој нешто раскажува, се фали, флертува, се обраќа кон семејството, доминира над пријателите. Но сите тие интимни приказни се општествено условени, за што ние ретко сме свесни, и често го отсликуваат времето и просторот каде живееме. Тука ги гледам најголемите предности на жанрот. А за ограничувањата – секако, расказот не може темелно да го следи или анализира развојот на извесен лик или проблем, како што тоа го прави романот. Но конечно, затоа се работи за различни жанри.

Во Мојот маж опфаќате една многу важна тема на родовите улоги како и онаа на брачните и семејни релации помеѓу луѓето, тема која во нашето општество – во кое сè уште е доминантен патријархалниот светоглед и во кое владее хетеронормативноста – за жал не е доволно проблематизирана. Како гледате на иднината на вашите ликови, со оглед на тоа што несомнено тие се карактери, личности кои се многу присутни и многу реални не само во Македонија, но и на многу други места со слично уредување и општествени односи како кај нас?

Иако некогаш ликовите доживуваат извесни телесни или духовни епифании кои ги поместуваат од вообичаените рамки на мислење и делување, не мислам дека тие можат трајно да влијаат врз промена на ставовите и однесувањето што ги наметнува ова наше прилично назадно општество. Оттаму, не е светла иднината на моите ликови, како што не ми се гледа ни светла иднината на нашава средина – имајќи предвид дека тие зависат еден од друг. Ако претпоставиме дека ликовите од моите раскази би живееле во нашата реалност, верувам дека тие би продолжиле да си ги водат своите лицемерни животи, кришум правејќи ги работите што гласно или молчешкум ги осудуваат, а јавно претставувајќи се како безгрешни морални подучувачи. Не очекувам прогрес на ова поле доколку не се сменат одредени општествени политики, што ми се гледа нереално во догледно време со оглед на жестоките кампањи кои ги промовираат патријархалните вредности, а се насочени против женските права, ЛГБТИ популацијата и воопшто против различноста. Кон нашето општо назадување дополнително придонесува и инстинктивната (и инфантилна) желба на неемпатичниот поединец да се чувствува супериорно со тоа што ќе стои на страната на насилните победници. Така, иако по природа сум оптимист, разумот и искуството ми зборуваат дека моите ликови ќе си останат заробени во своите сфаќања.

ОкоБоли главаВицФото