И шефот на Штази би бил горд на Груевски и Мијалков!

11.02.2015 12:58
И шефот на Штази би бил горд на Груевски и Мијалков!

Од аспект на „европските вредности“ Македонија, во овој момент, се чини загубена - пишува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во анализата посветена на „бомбата“ во Македонија.

„Голема прислушувачка офанзива“ - под овој наслов авторот на текстот во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ се прашува: „Дали шефот на македонската влада ја прислушкува целата елита во неговата држава?“

Информирајќи за скандалот во Македонија, кој пред јавноста како „политичка бомба“ го отвори опозицискиот лидер Зоран Заев, ФАЦ пишува:

Доколку се потврдат тврдењата на македонската опозиција, Ерих Милке би можел да биде горд на македонскиот премиер Никола Груевски и на шефот на тајната служба Сашо Мијалков.

Затоа што она што го сториле двете најмоќни фигури во балканската држава, која е кандидат за членство во ЕУ, може да се мери само со „остварувањата“ на тајната служба во поранешната ГДР под раководство на Милке: повеќе од 20 илјади граѓани на Македонија во изминатите години наводно биле прислушувани по наредба на премиерот и на неговиот шпионски шеф, некои од нив и со години. Оваа (недокажана) бројка е дотолку поинтересна ако се има предвид дека Македонија е земја со два милиони граѓани“, пишува ФАЦ, објавувајќи натаму детали и од прес-конференцијата на Заев во понеделникот.

Авторот на текстот, Михаел Мартенс, цитирајќи го Заев, потенцира и дека прислушкувањето не би било можно без соработката од двата водечки мобилни оператори: Т-Мобиле и ВИП, за кои објаснува дека се во сопственост на Дојче Телеком и Телеком Австрија.

„...Видеата кои во меѓувреме беа поставени и на Јутјуб докажуваат дека било прислушкувано, но не и од кого. Европската комисија во меѓувреме сугерира, дека пресумпцијата на невиност треба да важи и за македонската влада“.

Ерих Милке, поранешен шеф на озлогасената Штази во ГДР

„Но истата пресумпција на невиност важи и за опозицијата која е обвинета од Груевски и од неговите медиуми - дека планирала пуч, откако увидела дека не може да победи на демократски избори. Всушност, Груевски и неговата конзервативна ВМРО-ДПМНЕ победуваат на сите избори од 2006 година досега. Западните дипломати предупредуваат дека тоа е повеќе резултат на концентрираната медиумска моќ и на бескрупулозната злоупотреба на државните ресурси за партиски цели. Но, тие притоа превидуваат дека граѓаните сепак го сакаат ВМРО (ДПМНЕ, н.з.) и дека партијата победуваше на избори и кога постоеја одлични демократски услови“.

Трагикомична претстава

„...Реакцијата на Груевски на обвинувањата од опозицијата го засилува сомнежот во неговиот респект кон почитувањето на законите во една правна држава. Повеќе опозиционери беа уапсени, а на Заев му беше одземен пасошот. Уште пред Заев да излезе со обвинувањата, Груевски во обраќање до јавноста го обвини дека тој е всушност оној кој шпионирал во соработка со странски тајни служби (кои не беа именувани)“.

„...Жалното во целата оваа трагикомична претстава во Скопје е што Македонија некогаш беше лидер во регионот во однос на демократските стандарди“.

Авторот потсетува дека Македонија, како прва земја од регионот, го потпишала Договорот за асоцијација со ЕУ во 2001 година, шест месеци пред Хрватска и седум години пред Србија, но подоцна поради блокадата од Грција не успеваше да добие датум за почеток на преговори за членство.

„...Откако Груевски пред неколку години сфати дека европскиот пат на неговата земја е блокиран на долг рок, ја промени патеката, и почна да се приближува кон Русија и да владее авторитарно- веројатно притоа користејќи и Штази-методи, како што укажуваат сомнежите“.

„Од аспект на 'европските вредности' Македонија, во овој момент, делува загубена“, заклучува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во анализата за случувањата во Македонија.

Извор: FAZ/ Deutsche Welle