Смртта ни влегува преку нивното уво!

11.02.2015 16:13
Смртта ни влегува преку нивното уво!

Што ќе му е на некој што сака да украде сто или повеќе илјади гласови, да ги прислушкува луѓето!? На некој што наумил да украде пет, шест или седум избори!? Што ќе му е прислушкувањето на некој што наумил да го украде целокупното градежно земјиште и да го окупира комплетниот бизнис и бизнис простор!? И медиумскиот, исто така?! На некој кој наумил да ги минира сите мостови преку кои државата може да помине кон обединетиот дел на континентот!? На некој што го има Марко и сака да те пикне пет или петнаесет години в затвор!? Што ќе му е на некој што сака да опљачка триесет милијарди евра народни пари, гласот на ќерката на Заев. Или гласовите на луѓето на некој кој наумил од нив како народ да направи глистеризирани говна!? Или внуци на Александар и восочни сведоци на Скопје 2014!? На некој што сака комплетно да ја декапацитира и десубјективизира, демонтира, декомпонира, избрише со гумичка, целата држава и целата нација. На некој или нешто што би биле добри главни јунаци или нешта во филмовите на Карпентер, да речеме!?

Прислушкувањето од аферата “Зизи топ во земјата на чудата” не е правено поради некоја непосредна, материјална, би рекол, корист за прислушкувачот во принцип (во одделни случаи сугурно - да!). ВМРО, сакам да кажам, не ги украл изборите зашто ги прислушкувал Заев и Црвенковски, туку зашто можел и сакал! Како кучето што си го лиже курот!

Јас мислам дека операцијата што ја илустрираше Заев, е организирана и спроведена, прво, за да можат прислушкувачите - мислам на главните актери, а не на оперативците - да го изнивелираат нивото на сопствената параноја со илузијата за сеопфатна контрола на сè и сешто, насекаде и на секого! Како болен човек кој по цела ноќ проверува дали му се заклучени сите врати, вклучително и онаа на фрижидерот и од терасата, по сто пати ѕирка тука ли му е гоцевата раса и да не некој му ја украл колата! Второ, нашите големи увца сакале да ја изнивелираат благопријатната позиција на своите луѓе со нивниот страв дека утре можат да загубат сè и со потенцијалните претензии да ги нарушат воспоставените односи спрема врвот на вертикалата. Тој систем е направен за да ги држи под контрола луѓето на режимот вмрежени преку бенефициите, стравот и собраните компромати. Трето, прислушкувањето од таков маштаб е организирано и спроведено за да го инаугурира стравот како битна компонента на општото општественото милје И четврто, за да може да се врши перманентен притисок врз политичките противници, врз нивните политики и истакнати или помалку истакнати поединци, до нивото на нивно целосно маргинализирање!

Со други зборови, идејата била и е да се има перманентна магнетна резонанца на општеството не за да се краде, односно не само или пред сè поради тоа, туку за да може општеството да се натера да сфати дека има еден Бог и дека не треба да има други богови освен тој единствениот - ВМРО како единствена артикулација на идејните, политичките, културните, социјалните и сите други интереси на народот и на општеството!

Режимот на чипираните идиоти е машина во која на ситни парчиња се мелат човековите права и правниот систем како вертикали без кои заедничкото живеење нема смисла! Вулгарната окупација на општите ресурси и е погонско гориво, а идејата да се опфати и изнивелира во еден светоглед и во еден политички и идеен израз комплетниот плуралитет на општеството, е арматура на тоталитаризмот не само како систем на неслободата туку како смрт за Македонија!? Како смрт која ни се упикува преку нивните уши и нашите усни!

Се надевам дека луѓето ќе почнат да разбираат дека не можат да ги имаат и ВМРО и Македонија. ВМРО е како гравитација која секое тело ( Македонија) што ќе сака да си игра со неа го треска од земја.

Јас мислам и се надевам дека разголувањето на режимот, тој политички стриптиз што му го режираше Заев, ќе ни овозможи да сфатиме дека ние како поединци и како општество немаме друг избор освен да стигнеме да го убиеме режимот пред тој да нè докрајчи нас! Оти, сеуште постојат сериозни шанси и на страната на режимот, постојат шанси луѓето да ги сфатат материјалите што ги изнесе Заев како илустрација на моќта на режимот кому луѓето повторно ќе одберат да се потчинат, а не да се борат против него!

Многу важна улога во натамошната ориентација на општеството, на доминантниот став што ќе се формулира, ќе имаат своевидните хана-арентски димензии на злото на вмровскиот режим, баналноста на тоа зло, монструозноста која постои како баналност, дури и како инфантилност, а не како монструозност која на очигледен начин се разликува од нас, злото во форма, да речеме, на заљубена шипарица во ликот на една министерка и во форма на надуено осмооделенско дурле во ликот на еден друг министер, таа со кики на главата, со бели доколенки и стопала свртени кон внатре, како типка во какви се преправаат јапонските проститутки за да изгледаат доволно неискусно за да не ги плашат своите искомплексирани партнери, а тој точно како таков партнер! А и едниот и другиот инфантилец, тие наши соученици од осмо одделение, со огромна моќ да вработуваат, да исфрлаат, да го трошат трезорот, да прават сè што сакаат освен тоа што не го сака шефот што ги снима!

Некој ќе рече, добро, бе, ако може некој да ја прислушкува Ангела Меркел, што па да не може да го прислушкува Зоран Заев?! Јас не знам дали домашните љубители на приватност ме мезат и мене, но знам дека цела една светска магнетна резонанца ме има пикнато меѓу своите зраци и бранови и сега Јутјуб ги знае моите музички и видео преференции, а Гугл моите читателски и потрошувачки приоритети. Сите сме разголени! Сноуден и Асанж го покажаа глобалниот аспект на сеопштата контрола! Но, јас мислам дека никаде и никогаш не е организиран ваков систем на внатрешна автодеструкција!

Тоа е, драги мои пријатели. Пред оваа афера мислев дека поголема смисла има да се прислушкуваат чавките и гавраните по тополите во Аеродром, отколку луѓето во Македонија, но сега гледам дека, како и за многу други работи, не сум бил во право. Ако ништо друго, прислушкувањето на децата ќе ни овозможи да разбереме како е растурана убавата играчка што како македонска држава ни беше произведена во големата фабриката на историјата!

Слики: Свирачиња
Извор: Глобус