Диме Спасов: Во ендек ако не дадете карти за „Златно Славејче“!

07.03.2015 14:50
Диме Спасов: Во ендек ако не дадете карти за „Златно Славејче“!

Скопје, 7 март

По повод најновата „бомба“ на опозицијата, во која беше објавена снимка од Мартин Протуѓер како се заканува дека семејството на првиот човек на ФФМ ќе се најде во ендек ако не му обезбеди бесплатни билети за фудбалски натпревар, со соопштение се огласи и Диме Спасов, министерот за труд и социјална политика и излезе со свои барања.

„Доколку директорката на Универзална сала и организаторите на фестивалот 'Златно славејче' не ми обезбедат билети за фестивалот на детски песни, ќе им сотрам сè по список (после една јака анализа), све до трето колено ќе им заврши у ендек, гробот нема да им се знае, ќе се водат како исчезнати во наредните 300 мандати на ДПМНЕ!“, објави Диме Спасов на веб страницата на Министерството за труд и социјална политика.

Понатаму во соопштението Спасов пишува дека има целосно разбирање за сопартиецот Мартин Протуѓер и не гледа ништо страшно во тоа да убиеш некого за билети за фудбалски натпревар.

„И ние сме луѓе. И јас понекогаш се лутам кога нема да ми купат играчка, плачам, пискам, тепам, но тоа не значи дека сум лош човек. Истото важи и за Мартин Протуѓер. Тоа што сака да пикне во ендек цела фамилија не треба да ги наведе граѓаните на избрзани заклучоци за суштинскиот карактер на неговата личност“, вели Спасов.

Неговото соопштение одекна како бомба во јавноста, па во штабовите на ДПМНЕ ширум земјата веќе се отворија повеќе пунктови за донирање билети и гратиси од разни културни и спортски настани.

„До сега добивме голем број гратиси за 'Златно славејче', 'Поточиња', билети за претстави на Театарот за деца и младинци, како доброволен прилог за министерот Спасов. Но, хуманите граѓани не го забораваат и Мартин Протуѓер. Веќе ни пристигна сезонски годишен билет за натпреварите на ОФК Карбинци, како и пропусница за ФК Текстилец“, велат од штабот на ДПМНЕ.

Се очекува акцијата „Донирај гратиси за ДПМНЕ“ деновиве да продолжи со уште посилно темпо. Неофицијално, дознаваме дека и Зоран Заев е спремен да отстапи стотина билети на ДПМНЕ за новата бомба на СДСМ која ќе биде претставена во Универзална сала.