За книгата „Модри фантазии“ од Снежана Стојчевска

14.03.2015 14:32
За книгата „Модри фантазии“ од Снежана Стојчевска

Ја претставуваме рецензијата на Лидија Димковска и неколку песни од поетската збирка „Модри фантазии“ од Снежана Стојчевска, која штотуку излезе во издание на Темплум, а ќе биде промовирана на 16 март (понеделник) во Планетариоумот во МКЦ во 20 часот.



Рецензија за поетската збирка „Модри фантазии (врз перничето за печати)“ од Снежана Стојчевска

 

Снежана Стојчевска е поетски глас кој ѝ припаѓа на најновата македонска поетска генерација. Уште со својата прва поетска збирка „Шеќер по подот“ во 2012 год. се наметна како поетеса со автентичен и свеж поетски исказ. Во својата трета поетска збирка со луциден и неодминлив наслов „Модри фантазии (врз перничето за печати)“, Снежана Стојчевска јасно и гласно вели: „повеќе би сакала животот да ми е поезија/ отколку поезијата живот“. И навистина, од поезијата таа не очекува егзистенцијална потпора, почести и признанија, но од животот очекува да биде чист, искрен и чесен, каква што би требало да биде секоја добра поезија. Просто зачудувачки е колку се чисти, искрени и чесни нејзините песни, во време кога светот се тресе во потрошувачко лудило, кога кризата ги зафаќа не само материјалните туку и духовните предели на човечкиот живот, кога човек брзајќи од една точка до друга најчесто на патот се губи себеси, но и ближните, а љубовта станува табу или комерцијална тема. Реткост е во современата поезија поетот да заземе став кон најстарата тема, болка и радост на човештвото – љубовта, став кој напати се претвора и во социјален, политички, општествен, религиозен и севкупен, како што тоа го прави поетесата Снежана Стојчевска. Конструктивната и деструктивната моќ на љубовта во нејзината поезија е немоќта на современиот човек да се соочи со другиот, со себе, и со чувствата кои никогаш не се нови, туку се одново и одново примордијални и клучни за човековото постоење и опстојување.

Поетската збирка „Модри фантазии (врз перничето за печати)“ содржи три поетски циклуси. Во првиот, „Несоница“, љубовта се покажува како многуличје на човековото битие: како копнеж, како надеж, како безнадежност, како блискост и оддалечување, како насушен „енергетски пијалак“ на секојдневието. Песната „Соништа и дамки по подот“ преку својата прекрасна метонимија на отуѓеноста и копнежот по припадност е една од антологиските песни во збирката. Копнежот по ехо, по повратен глас и одговор во векот во кој „трчајќи по материјалното забораваме на душите/закачени за жицата на животот/висат“ е копнеж на човек по човек. Интересно е што поетесата, чувствувајќи дека му припаѓа на „сестринството“ поетеси, се уште потиснати од страна на нивните машки колеги, во песната „Ние“ создава вистинска апологиска слика на поетесите велејќи „ние сè би направиле за поезијата“. Искреноста и исповедниот тон на Стојчевска и во вториот циклус со симболичен наслов „Курбан“ пленува со својата едноставност, отвореност и верба во зборот. Сведоци сме на еротски копнеж на лирскиот субјект, (само) жртвување за љубовта, (само)раздавање за другиот и еден благ хумор и иронија: „Заминуваш.. Веќе видено клише.../ Ајде остани, за промена!“. Љубовта како отсечка чии крајни точки се оние што се сакаат ќе се исполни тогаш кога тие ќе се спојат за да станат точка. (Мета)физичката димензија на стиховите е затскриена зад исповедната, урбана димензија на секојдневието, типична за новата поезија, не само во македонски туку и во европски рамки: товарот на сакањето треба да се подели „како полни ќеси летен пазар“. Третиот поетски циклус насловен референцијално „Приказни и бајки“ во која се издвојуваат антологиските песни „Профил на змејот“, „Недојдија“, извонредна арс поетика на животот, јасно ја дефинира поезијата како единствен спас, единствено избавување од грешките, а не гревовите на животот.

Поетската збирка „Модри фантазии (врз перничето за печати)“ донесува свежа, искрена, топла, човечка поезија што восхитува со својата лирска едноставност и поетичка единственост.


Соништа и дамки по подот

Грчевито се фаќам за тебе
како дете за чаршаф
на штотуку поставена маса
со топол неделен ручек.

Свеста ме мава по прстите
пушти, пушти, пушти – ми вели.
Еден мал миг се двоумам
помислувам да пуштам,
но има нешто однатре што не ми дава
иако знам – ако потегнам
сѐ ќе се најде долу
и ќе биде крш, многу крш.
Некој ќе мора да чисти потоа.
Распарчени соништа
и крвави дамки по подот.

Треба да си вешт уметник, магионичар,
за да успееш со неверојатна брзина
да го потегнеш чаршафот,
а чиниите на масата да останат непоместени.


Две виножита се појавија на небото. Сонив.

Како сита мачка со глувче си поигруваш со мене
со ноктите нежно ми ги боцкаш соништата
ја грицкаш опашката на моите мисли
немаш намера да ме изедеш, само да ме залажеш.

Се закашлав од сивите денови без дожд,
кој ќе ја зарадува мојата вознемирена душа,
Силни ветрови урлаат во мене
тап удар по грбот ми го запира здивот.

Заминуваш... Веќе видено клише...
Ајде остани, за промена!
Додека небото го претскажува крајот на светот
секој сантим од моето тело ика
од желбата по тебе.


Недојдија

Крадеме од времето што го немаме,
ја немаме љубовта што ја трошиме
на вересија, градиме соништа во облаци,
па ги рушиме, со еден збор се убиваме.

Темно е. На небото нема ѕвезди повеќе
месечината се смее луцидно
љубовта е фрлена пред свињите
мислите ми летаат како глуварчиња,
мојата коса крвави...

Залудно загрижени погледи ми велат:
Вразуми се! Не биди дете, доста е!
И Венди еден ден ќе порасне
и ќе има ќерка, а ти?

Не можам да направам компромис
паѓам на сопствената острица
се делам на две
една за тебе, една за другите,
ништо за себе.

Крадеме од времето што го немаме,
ја немаме љубовта што ја трошиме
на вересија, градиме соништа во облаци,
па ги рушиме, со еден збор се убиваме.


Принцеза

Како принцеза на зрно грашок
немирно спиев.
Се разбудив со болка во грбот.
Под душекот заглавен збор.
Штрчи.


Снежана Стојчевска е родена 1980 година во Скопје. Дипломира на Институтот за Педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во 2012 ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“, издание на ИЛИ-ИЛИ како дел од едицијата Русалки во која се јавува како уредник. „Под нулата“ е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели мугри“ за 2013 година, што ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ од Скопје. „Модри фантазии“ е нејзина трета книга поезија.

ОкоБоли главаВицФото