Плеј стејшн за секој бездомник - нов проект на владата

18.03.2015 18:12
Плеј стејшн за секој бездомник - нов проект на владата

Скопје, 18 март 2015

Откако е најавено решение на најгорливиот проблем на македонските студенти, на кои владата ќе им помогне да дојдат до единственото нешто што им недостасуваше - таблет уред, уште една ранлива категорија граѓани ќе биде израдувана од македонските власти.

Имено, денес беше претставен проектот „Плеј стејшн за секој бездомник“, што ќе опфати набавка и делење на 10.000 уреди за видео игри на лица кои немаат покрив над главата.

„Ние знаеме дека денес секој сака да игра видео игри. Зошто бездомниците да бидат лишени од оваа разонода? Нашите информации од теренот кажуваат дека токму немањето ваков уред предивикува силно страдање кај нив, па решивме да преземеме мерки против тоа“, изјави премиерот Никола Груевски.

Првиот плеј стејшн на еден бездомник му го врачи министерот за здравство Никола Тодоров, објаснувајќи му дека играњето видео игри е нешто како извршување хируршки зафат.

Тодоров најави дека наскоро владата ќе продолжи да се грижи за загрозените граѓани, па по проектите таблет за студентите и плеј стејшн за бездомниците, ќе следуваат и пирсови за болните од рак и бесплатни тетоважи за глувонемите.