Амбулантно возило ќе дежура под новата фасада на Министерството за правда

27.03.2015 16:54
Амбулантно возило ќе дежура под новата фасада на Министерството за правда

Скопје, 27 март 2015

Под новата фасада на Министерството за правда ќе има 24-часовно дежурство на амбулантно возило. Ваквата одлука е донесена откако само утринава на тројца случајни минувачи им се слошило од глетката. Во службата за итна медицинска помош велат дека власта неподготвени ги пуштила граѓаните да се соочат со тргнувањето на скелињата и затоа тие доживуваат шок кој може да остави трајни последици врз нивното здравје. Оттаму додаваат дека доколку има потреба, ќе испратат уште неколку возила, а на граѓаните им препорачуваат да не гледаат нагоре, или ако веќе мораат да го направат тоа, бавно да го креваат погледот од долу нагоре и кога ќе почувствуваат мачнина во стомакот веднаш да запрат со гледањето.

Главниот архитект на град Скопје, господинот Никола Груевски, изјави дека на луѓето им се случува шок од убавина.

„Навикнати на грдотијата од комунистичките згради наоколу, граѓаните одеднаш се соочуваат со небесна убавина. Можеби згрешивме што не ги подготвивме, но сакавме пријатно да ги изненадиме. Жива штета е што оваа фасада не се гледа од Водно, но затоа и таму плацевите се џабалк. Цената на становите спроти Министрството за правда сега нагло ќе порасне, што е добро за македонската економија. Жителите на овие станови ќе заштедат и на струја зашто низ прозорите ќе им влегува силна црвена светлина“, вели архитектот Груевски.

Тој смета дека ако граѓаните јадат брокула, полесно ќе може да го надминат првичниот шок и да се навикнат на новонастанатата убавина. Најави и кампања од 2 милиона евра на „Сител“, насловена „Отвори си го срцето, затвори си ги очите“.

Извор: kozanostra.net