Отворено писмо до претседателот Иванов

23.04.2015 09:38
Отворено писмо до претседателот Иванов

Почитуван,

Поминаа точно 14 дена откако граѓанската иницијатива #ГоСакамГТЦ до Вас упати барање за средба на која сакавме да Ве запознаеме со потребата од зачувување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар, но и да Ве замолиме да упатите апел до граѓаните на Општина Центар да излезат и да гласаат на претстојниот референдум. Како Претседател на државата, а уште повеќе и како професор по политички науки, Вие секако знае(в)те дека референдумот претставува најчисти облик на директна демократија, но и основно политичко право на граѓаните гарантирано и со Уставот на Република Македонија.

Сепак, и покрај уредно доставеното барање за средба, ние веќе 13 дена не добиваме никаков одговор од Вас. Свесни сме дека немате законска обврска да нè удостоите со одговор. Но, Претседателе, Вие имате морална одговорност да се произнесете од најмалку 3 причини:

Како Претседател на Република Македонија, Вие до сега сте учествувале на сите избори и сте ги повикувале граѓаните да излезат на гласање и слободно да го остварат своето право на глас. Впрочем, како институција избрана на директни и непосредни избори, ние се надевавме дека Вие најдобро го разбирате значењето на непосредно изразената волја на граѓаните.

Како жител на Општина Центар, зарем не се чувствувате засегнат од локалните политики во општината? Претпоставуваме дека по истекот на Вашиот втор мандат Вие ќе продолжите да живеете во нашата сакана општина и, оттаму, имате свое мислење за судбината на еден од најголемите и најзначајните објекти во строгиот центар на Скопје.

Патем, зарем не ви претставува гордост што токму Центар, општината во која живеете, ќе има можност да го организира првиот локален референдум во Република Македонија?

Како политиколог и професор на најреномираниот универзитет во Македонија, сигурно не сте заборавиле колкава е важноста на првиот локален референдум во нашата кратка демократска историја. Успехот на овој референдум ќе го отвори патот за многу слични иницијативи низ другите општини во Македонија, а со тоа ќе ја приближи политиката до граѓаните и ќе ја засили довербата во политичкиот систем. Токму вашата поддршка на референдумот од 2004, како политиколог, помогна во големиот одзив и покрај неговиот конечен неуспех. Имајќи го тоа предвид, ние искрено се надевавме дека ќе ја добиеме истата поддршка од Вас и за овој референдум.

Сосема на крајот, би сакале да Ве потсетиме и на една ваша изјава во врска со референдумот од времето кога бевте професор по политички науки. Според Вас „Референдумот, по дефиниција, претставува највисок облик на демократија“. Ве прашуваме, Претседателе, дали во меѓувреме се сменила оваа дефиниција или, пак, можеби, откако станавте Претседател, Вие заборавивте што е демократија?

Почитуван Претседателе,

Дозволете да Ви ветиме дека повеќе нема да Ви додеваме и ќе оставиме историјата да Ве запамети како Претседател кој одмолчил референдум во својата земја.

Со Вашата поддршка или без неа, референдумот в недела ќе биде успешен, а граѓаните на Центар ќе излезат на гласање и ќе одржат вистински час по демократија!

Со почит,

Граѓанска иницијатива #ГоСакамГТЦ

Скопје, 21.04.2015

ОкоБоли главаВицФото