Синдромот на режимска жртва

08.05.2015 01:56
Синдромот на режимска жртва

Вчера по втор пат бев на протестите против полициска бруталност на кои повторно и конечно до крај се бара правда за Мартин и оставка на криминалните елементи во МВР и Владата. На протестите, како и на првиот ден, видов многу пријатели и прекрасни луѓе кои не беа таму поради партија туку протестираа затоа што за разлика од бездушните социопати - кои за жал се на владини функции - имаат свој став, размислуваат со своја глава и ги краси човечност, солидарност и пред сè се залагаат за правда и вистина!

И покрај тоа што криминалците од МВР, и навистина не треба да ги нарекуваме со поинаков речник оние кои го затскриваа и спинуваа убиството на Мартин, на улица извадија стотици специјалци кои не дозволија пристап до белата торта на Илинденска, граѓаните вчера мирно и достоинствено се упатија до Собранието. Сите знаеjа и имаа информација дека во реката од народ се вметнати провокатори кои имаат за цел да провоцираат и креираат насилни инциденти кои потоа режимските слуги од СИТЕЛ, КАНАЛ 5 и МТВ ќе ги искористат за да нè отсликаат како некакви насилници и апсолутно сите бевме воздржани и протестот беше мирен. Провокаторите кои се појавија подоцна исто како и првиот ден се прочитани и демаскирани! За разлика од бандата која срамно се крие зад униформите на МВР, луѓето кои беа вчера на протестот не се насилници. Да, точно е, сите сме гневни и сите сме лути и полицијата доби свој дел од заслужените салви од пцости затоа што тепаат деца и ги бранат криминалците, токму затоа што не сакаме и нема да дозволиме криминалци да владеат со нашата држава. Но она што сигурно не сме тоа е - насилници!

Подолгиов вовед го направив затоа што сум крајно револтиран од тоа како во периодов што изминува, токму криминалците глумат жртви, убијците глумат дека се нападнати, а пропагандните кучиња од партиските медиуми кои најсрамно ги спинуваа вестите за Мартин глумат нападнати.

Ајде по ред:

Премиерот кој нарачува шамари за градоначалник, прикрива убиство и договара криминални тендери, изјавува дека е малтретиран од опозицијата и дека врз него се врши насилство! Извини Никола ако те малтретира вистината на снимките!

Министерката за внатрешни која прикрива убиство и специјалните полициски сили кои го извршуваат убиството, кои тепаа и апсеа деца во библиотека, кои влечеа жени по улица, веќе два дена даваат изјави дека се предмет на брутални напади од голоракиот народ! Врв на хипокризијата беше изјавата дека вооружените до заби специјалци, поддржани од водени топови и скриени зад штитови и метални решетки имале 38 повредени, а голоракиот народ кој го тепаа по улици имал само четворица пријавени повредени по протестите! Или ние „човечињата“ голораки сме многу јаки, или онаа несреќа од министерка повторно ЛАЖЕ! Гледаше ли таа како специјалци брутално „ципеларат“ демонстранти по улици?

И за крај можеби најгнасните и најодвратни слуги на криминалот на Никола, режимските медиуми и нивните извршители, не сакам ни да ги именувам тие одвратни апологети, деновиве тврдат дека се физички напаѓани и повредени. Оние кои најгнасно спинуваа вести за Мартин, оние кои ги шират најодвратните лаги, е токму тие се денес нападнати и глумат жртви.

Да биде комплетен синдромот на режимската жртва, нарачателот на шамари се дрзна и изјави дека него никој немало да му каже фала и дека ги оставил најдобрите години помеѓу четири sидови за Македонија и е предмет на констинуирано и брутално насилство.

Ало бре, за што нè сметате? За малоумни?

Не ви проаѓа веќе! Не ви проаѓаат спиновите, не ви проаѓаат местенките. Нема да ви пројде ниту обидот да исценирате насилство на мирни протести, ниту ќе ви пројде обидот да нè уплашите. Ниту со вашите гумени куршуми, ниту со вашите водени топови и солзавец, ниту со апсењето и држењето по станици.

Кога ќе се сведе сметката, а ќе се сведе порано или подоцна, ние ќе бидеме и ќе останеме на страната на правдата и вистината. Ние ќе бидеме и ќе останеме на страната на невините и чесните. Ние ќе бидеме на страната на настраданите и правдољубивите, а вие, вие ќе останете слепи поддржувачи и неми апологети на криминалците. ДА, НА КРИМИНАЛЦИТЕ, кои ни ја имаат окупирано Владата! И тоа ќе биде запишано во историјата.

Оние што ги апсевте деновиве и оние што ќе ги апсите, деновите поминати во притвор ќе ги носат со себе како ордени на храброст. На нивните деца и внуци еден ден ќе им кажат дека ги апселе затоа што барале правда, а ги апселе криминалци и убијци. Тие своите внуци ќе ги погледнат во очи, а нивните потомци ќе се гордеат затоа што нивните татковци и мајки, баби и дедовци, браќа и сестри, имале храброст и доблест да бидат на улица и да го рушат овој криминален режим. Вие што ќе им кажете на своите деца? Дека сте поддржувале криминалци? На некои од нив може ќе им ја одземете работата или ќе им наштетите, но едно не може да им одземете. Не можете да им го одземете судот на историјата.

Нашите акции со кои се бара правда деновиве, ќе бидат испишани во светлите страни на македонската историја, а вашите во најцрните страници на нашата понова историја. Оние црни страници каде ќе стојат зборовите мито, корпуција, тепање народ, гумени куршуми, прикривање убиство, водени топови, човечиња, шупрајш и ало Миле.

Знајте едно: веќе никој не ви се плаши! Веќе ништо од вашиот одвратен и широк корпус на националистички криминогени срања не ви проаѓа. Синдромот на жртва не ви проаѓа!

Секој ден во 6!

‪#‎ПравдаЗаМартин‬ ‪#‎протестирам‬

Извор: medium.com/@EmilitoAtanez
Слики: Александар Ковачевски

ОкоБоли главаВицФото