Седум жени на кои треба да се обрнe внимание во светската политика

01.07.2015 17:35
7 жени на кои треба да се обрни внимание во светската политика

Хелен Кларк, поранешната премиерка на Нов Зеланд и една од водечките личности на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), издвои седум жени кои го претставуваат новиот позитивен бран во светската политика.         

Во 2012 година Нкосазана Дламини-Зума беше првата жена избрана за претседател на Африканската Унија (АУ) уште од нејзиниот зачеток во 1963 година. Во својот мандат таа е задолжена да ја предводи декадата на африканските жени на АУ (2010-2020). Таа веќе донесе значајни политички одлуки за да покрене некои прашања поврзани со полот/родот во Африка, како што се назначување посебен пратеник за жени, мир и стабилност во Африка, како и препознавање на улогата која ја игра жената во решавање на конфликти и нејзино придонесување кон мирот. Таа исто така го предводи создавањето на регионалната програма на АУ за економско и политичко зајакнување на жените.    

Бинета Диоп неодамна беше именувана за посебен пратеник на жените, за мирот и сигурноста во Африка. Таа е предводник на жените зафатени од конфликтот на Африканскиот континент, а преку нејзината работа во Femmes Africa Solidarite, таа е лидер во напорите да се зајакне улогата на жената во Африка. Нејзината улога е особено значајна при обезбедувањето да се чуе гласот на жените и ранливите групи за време на преговори за мирно разрешување на конфликти.

Нафсија Мабои, индонезиската министерка за здравство и прва жена на чело на организацијата Global Fund, се истакна во своите напори за намалување на стапката на заболени од сипаници, рубеола, ХИВ и сида во Индонезија. Освен тоа, заслужна е за промена на ставот спрема употребата на контрацепција во превенцијата за ширење на полово преносливи болести.

Совмија Кидамби, директорка на индиското независно тело Society for Social Audit, Accountavbility and Transparency (SSAAT), го предводеше воведувањето на институтот за социјална ревизија кој има за цел да го утврди начинот на кој се трошат јавните средства во Индија. Таа особено помогна при тренингот на разни организации за спроведување теренски, социјални ревизии за различни проекти во Кенија и Јужна Африка, и започна тренинг програми за социјална ревизија во неколку земји.

Молдавската заменичка-премиер и министер за внатрешни работи и Европски интеграции Наталија Герман успешно ги водеше и заврши преговорите околу спогодбата за слободна трговија и ги осигура предусловите за либерализација на визниот режим за Молдавија. Својата дипломатска кариера ја започна за време на осамостојувањето на Молдавија од Советскиот сојуз во 1991 година и беше амбасадор во Австрија од 2002 до 2006 година, како и амбасадор за Шведска, Норвешка и Финска од 2006 до 2009 година. Нејзиниот татко беше првиот претседател, а во иднина таа може да биде премиерка или претседателка на државата.

Марија Фернанда Спиноза Гарчес, истакната членка на еквадорската влада и министерка за државна безбедност, стана позната по изјавата дека „целта на вооружените сили е да ја осигураат државната и јавната безбедност и да гарантира остварување на основните човекови права.“

Активистката и соосновач на либиската платформа Libyan Women`s Platform for Peace, Захра Ланги го стимулира движењето на либиските жени за барањата за активно вклучување, делување, сигурност и еднаквост на жените во општеството. Освен тоа, таа успешно лобираше за зголемување на политичката партиципација на жените, нешто што резултираше со 17-процентна застапеност на жените во новиот состав на либиското собрание.

извор: The Guaridan 

ОкоБоли главаВицФото