Гевгелија-Табановце: картата од 350 денари поскапе до 25 евра!

14.09.2015 01:50
Гевгелија-Табановце: картата од 350 денари поскапе до 25 евра!

Картата Гевгелија-Табановце прво чинеше 350 денари и важеше еден месец. На железничката станица во Гевгелија не постоеше никаква информација на јазик разбирлив за бегалците ни за редовните возови, а уште помалку за вонредните. Шалтерот беше речиси постојано затворен. Отвараше половина час пред тргнувањето на возот. Стампедото пред влегувањето во воз имаше генерална проба при купувањето билети. Македонски железници не преземаа баш никакви мерки на љубезност кон луѓето благодарение на кои им се случуваше продажба на билети подобра од секогаш. Бегалците не се жалеа што за нив нема седишта. Не се жалеа ни што нема места за стоење. Немаше дури ни место за да вдишеш. Тие сепак коректно го плаќаа својот билет за кој добиваа возење налик на возењето на Евреите кон Аушвиц.

А потоа, еден ден, картата осамна со покачена цена и пократок рок на траење. Сега чинеше 600 денари, а важеше само ден и пол. Никој не им гарантираше на бегалците дека за ден и пол ќе се качат на воз. Понекогаш воз воопшто немаше. Понекогаш имаше, но не и место за нив. А по ден и пол, мораа да си купат нова карта.

Од денес картата за возот чини 25 евра. Дали за таа нова цена Македонски железници ја подобрија својата услуга?Дали е можеби во неа пресметана и некоја насмевка, убав збор, благодарност за подобрениот промет? Или и понатаму мигрантите се само оние кои им ги изгнасија возовите?

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Фотографија: Томислав Георгиев