Двојна изборна замка: жртва на квалитет за иницијатива

25.01.2016 11:05
Двојна изборна замка: жртва на квалитет за иницијатива

Во шахот жртвувањето квалитет за иницијатива ја означува можеби највозбудливата стратегија во играта: да се жртвува сопствена фигура, борбен материјал во играта, за да се наведе соиграчот да ја земе фигурата и да му ја препушти на противникот иницијативата за остварување победа. И додека во шахот, во кој правилата стриктно ја уредуваат еднаквоста на играчите, жртвата на квалитет за иницијатива претставува благородна и храбра тактика, во политиката – а, особено во политиката на авторитарните режими и диктатури – оваа тактика, во сосем изопачена форма, најчесто ја преземаат господарите на злото, при што тие за да ја обезбедат сопствената иницијатива го жртвуваат квалитетот на општото добро. Тие секогаш оваа тактика ја первертираат во жртва на туѓиот квалитет за постигнување сопствената иницијатива.

Така и некни, потегот на бандитите од ДПМНЕ да ја прифатат маскирната оставка на премиерот, да изберат „нова“ „техничка влада“ и со тоа да го „зацементираат“ датумот на предвремените избори на 24 април годинава, претставува школски пример за оваа первертирана тактика со која се жртвува во целост содржината на Пржинскиот договор за да се преземе квантитативната и сосем бесмислено формалната иницијатива во неговото наводно спроведување.

Не треба ни да нагласувам дека во нормални околности, да не се случеше трагично погрешната реакција на меѓународната заедница, овој измамнички потег на Груевски ќе претставуваше проѕирна и евтина фарса, а оваа лажна посветеност кон исполнувањето на Договорот би била исмеана и отфрлена од сите. Кој немаше да се засркне од смеа кога криминалната партија што веќе една деценија арогантно го крши Уставот, и го гази правниот поредок како бивол ливадско цвеќе, наеднаш фанатично се фати за последниот датум во Договорот и почна да се колне во светоста на оваа одредба од договореното? Кој нормален под небеската капа немаше да насолзи од пародичноста на ситуацијата во која една злосторничка хунта што го „провали“ секој датум запишан во Пржинскиот договор и ја опструираше до потполно неисполнување практично секоја негова квалитативна реформска содржина, наеднаш се фрла ничкум поклонувајќи ѝ се на божествената неотповикливост на датумот на изборите?!

Меѓутоа, околностите се далеку од нормални, и тоа што никој во библиската земја не се смее, е резултат само на поддршката што оваа жртва на разумот и правдата во полза на иницијативата на криминалната хунта ја доби од клучните претставници на меѓународната заедница. Повеќе од очигледно е дека инсистирањето за одржување избори на 24 април претставува сосем јасно и децидирано ништење на суштинските одредби, словото и духот на Пржинскиот договор и, конечно, на суштинската вистина за причините за „политичката криза“ во Македонија.

Рака на срце, ваквото однесување на претставниците на меѓународната заедница е изненадување и разочарување само за оние што упорно негуваат преголеми очекувања од неа, очекувања што последните месеци се изопачија во вистинска конформистичка религија на политичката пасивност. Зашто, непринципиелната поддршка што директно или индиректно боговите на либерално-демократскиот Олимп сите овие години му ја даваат на криминалниот авторитаризам на Груевски, беше веќе сосем транспарентна стратегија што го доби и својот „шаховски“ наслов: жртва на (нашата) демократија за (нивната) стабилност.

Конечно, и немуштиот текст на Пржинскиот договор успева со ниту еден збор да не ја спомне суштината на „политичката криза“ и самата причина за Договорот. Таму нема ниту еден квалитативен вредносен суд за состојбите и одговорните за нивното настанување, и ништо, дури ниту еден критериум за тоа што квалитативно - како состојба, ќе се смета за „излез од кризата“. Значи, тоа што повеќе од година дена сите во светот го знаат - дека единствената причина за „политичката криза“, односно за уништувањето на македонската демократија и владеењето на правото, е тоа што една криминална партија ги окупира институциите на државата и владее по пат на фалсификување на изборите, инструментализација на медиумите и грабеж на јавните средства - е, тоа Пржинскиот договор деликатно одбегнува директно да го дефинира. Така, уште со Договорот е започната перверзната мистификација на „политичката криза“, на нејзината суштина и на нејзините причини, со што е трасиран патот за буквално малоумната претпоставка дека уште едни избори под закана на истите тоталитарни метастази на ВМРО-ДПМНЕ во сите органи и институции на државата ќе ја разрешат „политичката криза“.

Но, разрешницата на „политичката криза“ би требало да му е јасна секому што е кадарен да премине улица без да биде згазнат и секому што може сам да си ги врзе чевлите. Партија што ги злоупотребила полицијата, министерството за внатрешни работи, обвинителството и судовите, за да издава лажни лични исправи, и да го фалсификува избирачкиот список и го лажира целокупниот изборен процес; таа криминална партија треба да биде отстранета од сите органи што со фалсификат ги запоседнала! Нејзе веќе не само што не смее да ѝ се довери организирање на избори, туку во сегашнава мафијашка субординирана структура, не смее ниту да ѝ се дозволи учество на избори! А на нејзините функционери што непосредно биле најодговорни за овој magnum crimen, треба да им се суди како на извршители на најголемиот криминал против демократијата и општеството.

Дури откога ќе се посочат виновниците за „политичката криза“, дури откога ќе се обвинат нејзините непосредни причинители за злосторничкото здружување за уривање на уставниот поредок, дури потоа демократските избори стануваат можни, и дури потоа тие стануваат вистинскиот пат за излез од кризата и за возобновување на демократското општество.

Поради тоа первертираните шаховски тактики во форма на евтини политички измами, како што е жртвата на суштинските услови за демократски избори за иницијатива за предвремен датум за тоталитарни избори, треба со индигнација да се отфрлат. Вистинската замка во оваа иницијатива е – како и се’ кај Груевски – што таа е лажна: изборите на 24 април се гола измама, зашто оваа иницијатива постои само како талон во пазарењето за одложениот датум на изборите, пазарењето што има за цел дефинитивно да ја реализира жртвата на квалитет за сметка на вистината, правдата и демократијата, што опозицијата, за жал, ќе мора да ја прифати со одложениот датум на изборите.

П.С. Сепак, не може човек да не се изнасмее - и во оваа септичка јама во која се дави Македонија – на бастеркитоновската бурлеска што бандитите, со подочници на заледените сериозни фаци, ја играат во оваа двојна замка: откога четири години не сакаат (и не можат) да направат попис во државата, откога осум години го фалсификуваат Избирачкиот список, сега на ДИК ќе ѝ одобреле колку бара, па и двојно и тројно, работници што ќе помогнеле списокот да се прочисти за еден месец!? Кретенизам што се граничи со најквалитетна суреалистичка пародија! Мој предлог: итно да се вратат на функциите Гоца и Миле, зашто без секакво сомнение тие се најспособните кадри за „средување“ на Избирачкиот список!

Слики: Свирачиња