Вмро ја уништи државата до ниво да не може да има избори!?

22.02.2016 11:11
Вмро ја уништи државата до ниво да не може да има избори!?

На 24 април може да има журка на апашите, бал на вампирите или избор на церемонијал мајстор за погребот на Македонија, но парламентарни избори - не!

За разлика од Дарфур, односно Јужен Судан или Зимбабве и Сиера Леоне, па Хаити и Мијанмар, во Македонија не се обезбедени минимум услови за одржување фер и демократски избори.

Таков ќе биде ставот на Европската Унија и на САД.

Таков е и ставот на опозицијата и на граѓанскиот сектор во Македонија.

Ирелевантен е ставот на чипираните идиоти од власта. Тие можат да излезат на закажаната забава, можат наместо изборни комисии да фрлат на гласачките места по една тајфа зурлаџии и тапанари, можат да организираат групни појадоци крај гласачките кутии со бесплатни фотографии за спомен и долго сеќавање, можат да се просераваат колку сакаат, но во политичка смисла од тешкиот пораз на себеси како личности и како режим и на Македонија како држава, општество и култура, не можат да направат ништо друго, а најмалку, пак, да ја свртат работата во некаква победа!

Можат да речат и дека ја повлекуваат одлуката за одржување избори на 24 април, но во тој случај тоа ќе значи, прво, дека се импотентни, немоќни, трапави и глупави или, второ, дека ја прифаќаат оцената дека како државни инстанци до таа мера ја разориле државата што во неа не се можни фер и демократски избори. Друго прашање е дали, со оглед на својата мисија, тоа ќе го прифатат како признание за сопствениот успех или како знак дека се премногу успешни, дури толку многу успешни, што на крајот на баладата можат и да наебат.

Зашто, во држава во која нема услови за одржување фер и демократски избори, нема ништо, всушност, нема држава! Не постои полоша оценка за една држава, особено за една, сепак, европска држава.

Подобро е да те исфрлат од светското фудбалско првенство, да ти воведат санкции, да те бомбардираат или да те банкротираат отколку да ти кажат дека не ги исполнуваш условите за фер и демократски избори! Се разбира, не поради самите избори, туку поради контекстот којшто тие избори ги прави невозможни. Тоа, меѓу другото, значи дека во таа држава не постои функционален институционален систем, правен и безбедносен систем, не постои слобода во модерната смисла на зборот, а партијата на власт не е партија на власт туку е сè: и влада и медиуми и економија и собрание и фудбалски сојуз и валандовски песнопоен фестивал и такси превоз и здравство. Односно, модерната држава е трансформирана во територија под контрола на едно злосторничко здружување!

Тоа е пораз за Македонија, бидејќи таа без видлив отпор прифати дури со големи дози радост, да се движи кон својата дисолуција како што жабата во бавно загревачка вода се доближува до својата смрт без секаков отпор. Трагично, зашто само пред десет години бевме главни фаворити на европската надворешна политика, лидери на Балканот, пример на развивачкиот мултикултурализам, мека, питома средина, раширена кон модерните политички и културни влијанија.

Но, нема никакви дилеми дека ставот на Европската Унија и на САД е тежок, можеби и пресуден удар за режимот на Никола Груевски. Тоа е сериозно ниво на делегитимизација, независно од тоа каква ќе биде реакцијата на психопатите. Брисел и Вашингтон знаеја дека нивниот став објективно ќе биде не само став за изборите, туку и за режимот и за земјата во целина, а и за себе затоа што тие толку долго го сметаа малото сувоземно шаткасто чудовиште за главен реформатор во Европа. Од друга страна, не можеа да застанат зад решението на власта бидејќи по сè што се откри во последно време тоа ќе значеше да застанат на страната на една изразито злосторничка организација, која длабоко ги пробива мерките на запад за толеранција на одредени нивоа корупција, авторитарност и непринципиелност. Затоа и толку долго калкулираа.

Помалку лошо на тековен план на властите им е да ја суспендираат одлуката за одложено распуштање на парламентот зашто ако останат при таа одлука и формално ќе бидат прогласени за нелегитимна власт. На сите искривувања како кец на десетка дојде досетката на Наташа Габер дека меѓу распуштањето на парламентот на 24 февруари и изборите на 24 април има 61 ден односно ден повеќе отколку што дозволува Уставот. Што значи дека и формално власта што ќе биде избрана, ќе биде противуставна.

Разликата со поранешните конфликти е во тоа што од овој конфликт, кој трае безмалку цела година, режимот за првпат излегува темелно растресен, во сериозно осипување, без моќ да мобилизира нови сили, со значително засилен отпор во граѓанството и со значајно намалена разлика во поените со здружената опозиција. Почетокот на ефективната работа на Специјалното обвинителство ја префрла иницијативата и режимот е фрлен во тешка дефанзива бламирајќи се во обидите да спаси што може да се спаси.

Јас очекувам дека дискредитацијата на Груевски и на неговиот злосторнички режим ќе продолжи по неколку линии: активноста на Специјалното обвинителство, притисокот на меѓународната заедница, на граѓанскиот отпор што се шири и се интензивира и, конечно, преку одредена доза радикализација од страна на здружената опозиција, која мора да најде начин ефективно, а не само декларативно да сфати дека битката не е на СДСМ, туку на општеството во целина. Охрабрува тоа што Заев веќе говореше во оваа насока.

Се надевам дека тој пристап ќе даде резултати; во спротивно, ќе влеземе во зоната на директни граѓански судири, кои на почетокот или на крајот, се плашам, ќе мора да завршат со некаква форма на воена интервенција!

Клучно е тоа што е пробиен форсираниот и нереален балансирачки пристап и одговорноста за состојбите е лоцирана таму каде што реално се наоѓа - во власта. Таа формално сè уште не е дефинирана како злосторничко здружување, но ако продолжи да ги тера своите психопатски проекти, ќе се случи и тоа, ќе ја стават и вмровската инсталација и вмровските лидери на црна листа, ќе им го ограничат располагањето со имотите во странство, ќе ги направат затвореници во Македонија. Така и треба да биде.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња